режисер, сценарист, фотограф

Горчливи и слатки – вкусовите на уметноста на фотографот и режисер Сезер Салихи

Интервју со
Сезер Салихи
9 јануари 2019

Сезер Салихи е млад македонски режисер, сценарист и фотограф кој сериозно, амбициозно одговара на предизвиците со кои го соочува секојдневието на еден млад креативец во нашата земја. Со неколку успешни кратки филмови во своето портфолио и со фасцинантен фотографски концепт, Сезер ѝ припаѓа на новата генерација сестрани креативци кои ветуваат подобра слика за културата во Македонија. Се откажал од еконосмкиот факултет на сметка на својот сон да студира режија – и тоа и го направил, па се запишал на Универзитетот во Истанбул за да го реализира својот сон. За моментот што го споил со филмот, за впечатоците од студиите, за компарацијата меѓу различните медиуми преку кои се изразува и за уште неколку интересни теми, читајте во разговорот со Сезер...

-Сезер, со оглед на тоа дека професионално си активен и како режисер, сценарист и како фотограф, која сфера од уметноста ја чувствуваш најмногу своја?

Сите се мои, сите се слатки, горчливи, тешки, мистериозни, како што навлегуваш во нив дознаваш дека се всушност почетоци на нешто и тоа нешто почеток на нешто друго. 1 фрејм една фотографија, 25 фрејма филм, еден синопсис е почеток на приказна што може да евоулира во роман, филмско сценарио, расказ, фотографија и филм!

-Кој беше пресуден момент што те спои со филмот?

Пресуден момент беше кинењето на индексот од економски и подигнувањето на документите од истиот факултет. Бев мизерен студент, сето тоа ме поттикна да бидам похрабар во однос на тоа што го сакам. Во тие изгубени денови, филмот ми посочи еден убав пат, како да ги прикажам сите слики, приказни, мисли, чувства што сакам да ги покажам со тие алатки кои ги овозможува филмот, а тоа се сите гранки од уметности така што беше непромислено да не се заљубам во филмот.

-Какви впечатоци носиш од твоите студии по филмска режија во Турција, на Istanbul commerce University?

Па преубави моменти беа, образовниот систем надвор е практичен, поспонтан и поразличен од нашиот. Јас дека бев и на двете страни од приказната мислам дека тоа што се учи таму и генерално низ Европа е убавиот и природниот начин. Стекнав искуство, се печев, сретнав луѓе од различни култури, нации, со различни уметнички перцепции, животни приказни, сето тоа ми даде богатство. Нешто што е прескапо и не се купува со пари. Истанбул како град е средина на сите диверзитети на светов, секако треба и ние да сме отворени и да ги прифатиме истите работи. Се на се беше една магија, која ќе ја носам до крај на животот.

-На кое свое досега реализирано дело си особено горд?

Па сите ми се драги, но краткиот филм што го работев и се вика Јуџелџилер ми е најдраг. Затоа што беше предизвикувачки да се направи. Тоа е една огромна приказна, која требаше да се прикаже во формат на краток филм, од сите страни нешто кочеше, но со помош на многу драги луѓе од целиот тим на филмот, посебно до покојниот Салаетин Билал кој несомнено ми даде најголема поддршка да не одам назад туку да ја прифатам провокацијата и да го направам тоа што го мислам. Приказната фала богу се расчу насекаде по светот Италија, Црна Гора, Америка, Велика Британија итн.

-Која тема ти е најголем предизвик за обработка?

Филозофска тема секако, која е тешко обработлива, социјална исто така, сите тие теми што го опфаќаат човечкото битие. Приказната за било кое човечко битие е предизвик во однос на самиот факт дека се комплицирани како суштества, сите околу нас, природата исто така, светот во кој живееме. Социјалните гранки ми се посимпатични за обработка, но сакам и гледам човекот да биде впечатливиот фактор во приказната и неговата судбина.

-Паралела меѓу естетиката на твоите фотографии и филмови...

Кога фотографирам размислувам на приказна, сакам да има човек во нејзе, сакам тој човек дали преку поглед, став, харизма, чувство, манири, да се фати и да се прикаже во еден фрејм. На таков начин таа станува вредна како уметничка вредност, филозофска и естетска. Некогаш за да се почне да се размислува на филм доста е да погледнете една фотографија која ќе ви даде една приказна, а таа приказна е ваша. Фотографот само ја споделува, а ние треба да ја погледнеме. Исти медиуми, но различни се во практичниот  и теоретскиот дел. Минимализмот е спојката меѓу моите фотографии и филмови. Концептот и перцепцијата на делото.

-Кој уметник оставил најголема трага во твоето профилирање како креативец?

Сите од различни аспекти, но повеќето биле луѓе што имале етички цели, визија филозофска, визија да се реализираат и да работат на секое поле. Можам да одвојам, Годард, Киористами, Ангелопулос, Јилмаз Ѓунеј, Бертолучи, Ларс вон Триер, Назим Хикмет, Достоевски, Гогољ, Хесе, Стив Меќури, Ара Гулер, Ани Лебовиц и многу други.

-На што работиш периодов?

Периодов работам на филм кој ќе го реализирам набрзо. Се работи за краток филм во кој се обработува животно и филозофско прашање на еден човек. Прашање од кое ние најмногу се плашиме и стремиме да бегаме од тоа. Смртта. Иако наликува на мрачно и не е баш, ќе го видете кога ќе се заврши. Инаку имам и излозжба за реализирање, ја планирам годинава. Се работи за 365 дена во стара чаршија во 23 фрејма така е насловот на изложбата и темата. Периодов сакам доста да фотографирам и ќе фотографирам урбани лица, убави лица и преубави луѓенца!

-Според тебе, кои културни случувања ја обележаа 2018?

Имаше преубави настани, Синедејс, дојдоа нови музички ѕвезди, театарски претстави - имаше сериозни и убави на МОТ, мислам имавме убав календар и агенда каде да одиме, имаше богата опција што да бираме. Исцелител допринесе премногу и даде неверојатен стимул на сите македонски режисери и сета таа екипа која стои зад филмот. Стимулот ќе трае и во натамошните години. Само keep working...

 

Објавено:
9 јануари 2019
Прочитано:
1.125 пати