Пејачка

Хана и Дарен ми открија свет на безусловна љубов

Интервју со
Тамара Тодевска
26 декември 2019

За Тамара Тодевска ова беше значајна година. Блесна во допир со светски успеx, но истовремено се соочи со предизвици за кои и самата ќе каже дека ја научиле на животни лекции. После оваа година, Тамара ни се открива во едно поинакво светло: појака, посамоуверена, порешителна, но и Тамара која научила да ја прифати својата ранливост – Тамара повеќе од пејачката.

Разговорот со неа го направивме во топлата, празнична атмосфера во ателјето на Елена Лука, каде Тамара е како дома, зашто нивната заедничка соработка трае со години. Дојде заедно со Хана и ни донесоа посебна, позитивна и пријатна енергија. А во таков амбиент не можете да очекувате ништо помалку од фантастични фотографии полни со живост и темперамент, преку кои ќе ви го пренесеме убавото претпразнично искуство во друштво на Тамара и Хана.

Низ разговорот отворивме теми кои продираат во суштина, кои се универзални и човечки, а неизбежно зборувавме и за професионалните подвизи, за предизвиците кои со животното искуство нè учат на баланс и за новиот свет што ѝ го открија Хана и Дарен...

Тамара годинава во изминување те соочи со големи успеси, но и со исто толку предизвици. Како ти лично ја доживеа, по што ќе ја паметиш?

-Ова беше година со многу успеси, но и многу лекции. Година што ме направи појака, порешителна, посамоуверена, но и на еден начин ми даде можност да ја согледам и прифатам мојата ранливост. Научив да верувам во себе, но и да ги согледам и променам моите слабости. Можеби, најважно од сè, оваа година научив повеќе да верувам во себе, а помалку да го слушам гласот на луѓето околу мене.

Тамара и Хана стилски синхонизирани во уникатни дизајни на Елена Лука, со акцент на префинетите материјали и рачно изработените детали


Светот симна капа пред „Proud". Последното евровизиско искуство е еден од најблескавите моменти во твојата кариера? Што всушност сметаш за свој најголем професионален успех досега?

-Евровизискиот успех ја обележа оваа година и навистина сум горда на нашиот успех. Горда сум бидејќи покажавме дека со тимска работа апсолутно сè е возможно. Во Израел сите ние бевме супер тим и тоа искуство никогаш нема да го заборавам. После сè што ми се случи оваа година, научив дека професионалниот успех е добродојден, но не ме дефинира мене како човек. Јас сум многу повеќе од Тамара пејачката.

Што те прави горда, како жена, како мајка, како уметник?

-Горда сум на луѓето околу мене. На мојата мајка и татко кои веруваа во мене и тогаш кога и јас самата не верував во себе. Горда сум на мојата сестра што секогаш е тука за мене. Горда сум што имам можност да сорабутвам со луѓе кои ме прават подобра личност. Но, најгорда сум на моето семејство – на мојот сопруг и на моите две деца кои се светлината на мојот живот.

Наспроти врвот, е дното. А во „Врвот е дно" се поврзуваат со еднакво едната и другата состојба. Како ти ја толкуваш симболиката на една од твоите најмаестрални песни?

-И врвот и дното се илузија креирана од самите нас. Некако после сите искуства оваа година, се повеќе верувам дека сè во животот си е како што треба да биде. И наместо да се бориме против тоа, треба да уживаме во секој момент, и во блескавиот, но и оној кој со себе носи големи лекции.

Неодамна во Тирана ти беше врачено признание за „Најдобар интернационален артист", како уште една потврда за твоето место како музичар, уметник, перформер... Каков товар носи ваквото признание?

-Среќна сум поради огромниот успех во Албанија. Тоа беше едно прекрасно искуство и уште една валидација дека без добар тим апсолутно ништо не може да се направи. Успехот на Кенга Маџике е успех на целиот мој тим и знак дека сме на вистинскиот пат.

Соработката меѓу Тамара и Елена Лука трае со години. На нејзиниот последен настап во Тирана, каде ѝ беше доделено признанието за „Најдобар интернацонален артист", Тамара беше стилизирана во екстравагантна црна тоалета со волумензони ракави, оставајќи посебен печат на сцена – Стајлинг на Елена Лука

Постои ли момент на пресврт во твојот професионален живот? Точка на пред и потоа?

-Научив да не се врзувам со успесите во мојата професионална кариера. Исто како што не се приврзувам ни со неуспесите. Во мојот живот најсветла точка се мојот сопруг и моите деца. Нивната среќа ми е најважна. Сè друго е само еден голем плус.

Потценета ли е улогата на уметниците во нашата земја?

-Ние имаме одлични уметници, луѓе со кои навистина треба да се гордееме. Треба да ги славиме нивните успеси, да зборуваме за нив, да ги посочуваме како позитивен пример. Знам дека понекогаш негативните вести се поинтересни, но длабоко во себе верувам дека на крајот од денот, позитивните моменти ќе превладеат.

Што те научи искуството низ годините, тешко ли се заслужува аплаузот на домашната публика?

-Публиката е тука да нè награди, но и да ни помогне да научиме по некоја животна лекција. Среќна сум што има луѓе што ме подржуваат. Среќна сум и што има луѓе на кои сум им трн на око. Во животот сè е баланс, а јас многу добро научив како да ги балансирам и позитивните и негативните реакции.

Тамара носи впечатлив и неконвенционален, златен мантил од новата линија на Елена Лука

Порасна пред очите на јавноста. Посакуваш ли да беше поинаку?

-Не. Јас го живеам животот од моите соништа. Сè што сум сонувала денес е моја реалност и никогаш не би променила ништо.

На што те научи мајчинството? Те промени ли улогата на мајка?

-Се разбира. Мајчинството ме научи на трпеливост, на безусловна љубов, но и на одговороност. Сега и моите родители ги гледам поинаку. Благодарна сум им за сите благодети во мојот живот, за сите жртви што ги направиле. Секојдневно се трудам да бидам добра мајка. Знам дека ќе направам грешки како и секој родител, но знам дека во секој момент го давам максимумот.

Тамара и Хана стилски синхонизирани во уникатни дизајни на Елена Лука, со акцент на префинетите материјали и рачно изработените детали

Каков свет ти открија Хана и Дарен?

-Свет на безусловна љубов. Љубов која го промени мојот свет, но и мојот живот. Со нив покрај мене чувствувам дека апсолутно сè е можност.

„Monsters" е актуелниот проект на кој работиш периодов. Светскиот пазар е неговата дестинација?

-Во моментов работам на мојот трет студиски албум кој треба да излезе на почетокот на следната година. Албумот го работам со мојот евровизиски тим и пресреќна сум со тоа што го имаме сработено. А што се однесува до светска слава, времето тоа ќе го покаже. Јас го давам максимумот.

Со кој предизвик се туркаш себеси повисоко? За што сонуваш?

-Сонувам за подобро денес за сите нас. Сонувам за ден кога ќе читаме и зборуваме за позитивни работи. Свет во кој луѓето ќе се сакаат прво себеси, а после луѓето околу нив.

Каква е празничната атмосфера во твојот дом? Што си посакувате за претстојната година?

-Хана и Дарен го чекаат Дедо Мраз и дома владее баш новогодишна атмосфера. И мене овој период некако ми е најомилен. Љубовта е насекаде околу нас.

Хана како принцеза во фустанче од колекцијата „Princess" - Елена Лука

Стајлинг: Елена Лука

Шминка и фризура: Арменд Рамадани

Објавено:
26 декември 2019
Прочитано:
2.868 пати