Основач на I love hiking

I love hiking: Секоја планина дава мирна недела во градот...

Интервју со
Дејан Доневски
27 август 2018

„Секоја планина решава проблеми, нуди здравје и дава мирна недела долу во градот. Секоја планина е различна една од друга, и секоја нуди посебни видови на перцепции, некаде многу "раснеш", некаде ти се враќа фокусот, некаде јадеш во изобилство диви овошки... Таа разноликост е мамка за сите... никогаш не е исто", вака го започнавме разговорот со Дејан Доневски, планинар кој со целиот свој ентузијазам ѝ е посветен нејзе, на планината. Како основач на организацијата I love hiking, имавме многу поводи да поразговараме. Од иницијативата Почни со водно до највисоките врвови на нивната мапа...

I love hiking е „авантура" која сериозно цели кон амбициозни врвови. Од 2012 год. кога е основана организацијата па до денес, колку ги остварувате очекувањата и зацртаните планови?

-I love hiking е оргранизација која предизвикува и доживува авантури, ширум Европа сега за сега. Гладта е многу голема, а со тоа и целите и плановите се многу високи, можам само да кажам дека цврсто се движиме напред, а одењето напред секогаш задава дузина проблеми и препреки на кои вредно работиме за да ги поминеме. Самото тоа што целите се високи, привлекува многу приврзаници кои доаѓаат да се зачленат во друштвото, а повеќето од нив со себе носат планови и цели, а тоа на нас поискусните ни дава мотив за иднина.

Кој беше клучен момент што Ве мотивираше да го основате I love hiking?

-Во животот го тренирав секој можен спорт, но од кога тргнав на планина таа ме обзема, увидов дека тоа е вистинското. Кога почнав немаше многу друштва, сите одеа на неколку лимитирани тури, зимно време имаше стагнација никој никаде не одеше. Така и ми дојде идејата сигурно има луѓе како мене кои би поминувале доста време на планини, така и се групиравме. Направивме ФБ група во која ги додававме сите кои сакаа да се дружат и да поминуваат квалитетно време во убав амбиент, а воедно и да ја истражиме Македонија.

На кој принцип функционирате?

-Ние сме организација. Имаме управен одбор, претседателство, надзорен одбор. Правиме неделни состаноци, донесуваме одлуки, тековни дејствија, имаме годишна програма. Дел од тимот работи на реклама и продукција, дел на спонзорства, дел е задолжен за турите, дел е задолжен за безбедност и уште многу да не откриеме се :) Така што никој не може ништо да превземе ништо на своја рака без тоа да биде ревидирано.

Постои ли категоризација во Вашето членство и во суштина кој се може да биде Ваш член?

-Да, постои категоризација ама не е пишана, меѓу нас се знаат авторитетите, зборувам за внатре во тимот. А за тие што не се во тимот иде, претседател, водич, заменик водич, администратор, соработници, членство. Член може да биде секој што ќе дојде три тури со нас на планина, потоа со пополнување на пристапница се гласа за него на состанокот што следи за да видиме дали има некој против него нешто и потоа се станува член.

На кои „искачувања" сте особено горди?

-Ланското искачување на највисокиот врв на Австрија, Гросглокнер. Влеговме во авантура од голем калибар, со доста читање и запознавање на теренот по кој требаше да се искачуваме. Непознат терен. Затоа што ниту еден наш член немаше пред тоа отидено на тој врв. Значи самиот терен ни беше мистерија. Тежината на непознат терен е поголема во однос на терен кој е поминат па макар и од еден член. Се искачивме осум од осум членови.

Несомнено I love hiking е стил на живот...?

-Стил на живот да, како и секој спорт. Било кое друштво во било кој спорт нуди зближување, сплотеност, дружење, забава и сл. Можеби дека сме аутдоор зависници па еден ден од неделата е само за тоа, сите заедно го поминуваме тој цел ден.

Нашиот стил се препознава по ликот на секој поединец, широка насмевка, исполнетост, длабочина кога ќе се врати од тура, а пак за електронските сервиси да не збориме преполни со убави слики. Четвртокот е за ПочниСоВодно, а во недела тура на некоја планина. Сето тоа тежнее кон здрав живот, здрава храна, убави навики, добро кон општеството. Затоа и се повеќе луѓе доаѓаат да си го присвојат овој стил.

Што лично најмногу Ве фасцинира кај планините?

-Нивната длабочина од врвот, предизвикот, тренингот, дружбата. Секоја планина решава проблеми, нуди здравје и дава мирна недела долу во градот. Секоја планина е различна една од друга, и секоја нуди посебни видови на перцепции, некаде многу "раснеш", некаде ти се враќа фокусот, некаде јадеш во изобилство диви овошки, .....таа разноликост е мамка за сите...никогаш не е исто.

Меѓу сите авантури што сте ги доживеале на планина низ годините, веројатно има некои кои Ви оставиле силен впечаток?

-Најсвежо што ми текнува е тешката тура на Даутица. Тргнаме со воз за Богомила преку планината Даутица и требаше да се качиме од с.Гостиражни за Скопје. Се што немаше оваа тура беше време, затоа требаше да биде изведена со брзо темпо. А што имаше попатно, епа имаше шумски јагоди, малини, диви цреши, боровинки, диви јаболка, сливи и уште многу врвови неискачени. Сето ова горе одзема време, а тоа беше голем проблем тоа го немавме. Знаевме дека со секое задржување за хедонизам, возот ќе ни избега. Се надевавме на каснењето на возот. Дел од екипата со трчање дојде до железничката а дел остана да ужива во малините. Возот помина 3 мин порано. Иако знаевме дека ќе ни избега, сите бевме мирни и сталожени, во место кое нема ни продавница ниту ништо после 19 часот во недела навечер. Седевме на станицата и си варевме кафе. Со помош на координација од Прилеп и Скопје успеавме да стигнеме со воз до Прилеп и од таму до комбе кое дојде од Скопје да не земе за да во 02:00 часот по полноќ да пристигнеме од целодневната тура. Нај јакото беше што сите бевме сталожени и мирни иако го пречекоривме времето за враќање дома.

Безбедносниот момент е бескомпромисен кога е во прашање планинарството. Што ги советувате Вашите членови од тој аспект?

-Многу работиме на безбедноста во текот на годината. Имаме број на предавања и обуки за нашите членови, ние посетуваме семинари во врска со безбедноста на планина. Многу работиме на временската прогноза како еден од главните проблеми што се јавуваат како непозната пред една тура. Најголем совет што можам да го дадам е слушајте ги вашите водичи и бидете присебни. За жал педагогијата и разумот немаат шарм и грациозност па затоа на многу луѓе не им се допаѓа.

Водите ли статистика на сите Ваши планинарски подвизи? Што велат бројките, колку врвови сте искачиле до сега, колку луѓе биле дел од Вашите авантури?

-Да, строго, сите тури се со запишани членови и со тоа кој се присуствувал на тие тури. За да биде поинтересно секој сам да си израчуна, ќе дадам инфо. Секоја недела одиме на тура на која присуствуваат од 50-100 луѓе во просек, на масовние тури има 200 членови на тие потешките по 20 членови. Во четвртоците имаме од 200 до 600 качувачи на Водно. Така можете слободно да добиете бројка со која ние располагаме. Инаки за врвовите нив не ги броиме, затоа што тие не се за мене статистика од принцип за колку време го качив или истрчав врвот. Секој врв го качувам во различен период од годината и тогаш има различна тежина и затоа еден врв можа да го уживам многу пати и не го бројам.

Колку во Македонија е искористен потенцијалот за алтернативен туризам?

-Ништо не е искористено, немаме никаква инфраструктрура. За да се промени ова треба да се променат прастарите претседатели на сојузите, да се сменат старите претседатели на планинарските клубови за кога ќе дојдат вистинските да почнат да градат. Имаме многу планови и проекти, но многу малку време и ресурси. Потребни се млади сили и многу ентузијазам за да можеме да ја извадиме нашата прекрасна земја во ранкот на светска дестинација за хедонизам.

Кои се следите врвови на Вашата мапа?

-Со еден збор сè! :) Ама во најбрзо време би биле највисокиот врв во Европа – Елбрус, и да откријам уште една дестинација, тоа би било мистичното Перу, проект на кој се работи доста. Перу е место каде проаѓаат Андите, место на древни цивилизации и врата за големи цели.

 

Објавено:
27 август 2018
Прочитано:
830 пати