Новинар

Илина е дете кое ги лови сите човечки вибрации

Интервју со
Мимоза Петревска и Илина Георгиева
13 декември 2017

Мими ја познавам многу оддамна, од студентските денови на сестра ми. Секогаш била пристојна, неодоливо ме потсетуваше на Ширли Темпл. Денес е голем борец за децата со попреченост. Илина има 14 години и е со Даунов синдром. За време на фотосесијата Илина беше крајно професионална и трпелива. Беше вистинско уживање да се се дружиме со нив во нашето студио. Важно е да се зборува гласно и често, а не само флоскулно да ја користите инклузивноста. Сликовницата „Иван и Илина" е наменета за типичните деца на возраст од 7-11 години во основните училишта. Се смета дека токму на оваа возраст децата ги градат негативните стереотипи кон луѓето со било каква различност.

Таа е приказна од нашето секојдневие, која ги отсликува реалните ситуации кога едно типично дете ќе се сретне со дете со Даунов синдром, низ нарација и илустрации. Илина има и две сестри Бисера и Ангела, а таа учи во основното училиште „Јан Амос Коменски“. Запознајте ги нашите херои Мимоза Петревска и Илина Георгиева.

Електронската сликовница „Иван и Илина“ доаѓа во време кога сите се обидуваме да научиме дека сите сме еднакви. Потреба или неопходност?

И едното и другото. Како општество правиме чекори и полека учиме да ги прифаќаме различностите, но како што тоа во животот бидува, наученото тешко го спроведуваме во пракса. Кон лицата со Даунов синдром се уште има многу предрасуди. Многумина сè уште знаат да се штрекнат од нивниот необичен изглед, иако овие луѓе се најтоплите и најмирољубивите човечки суштества што некогаш ќе ги сретнете.
Она што јас како родител, патем го забележав, е што кај најмалите деца речиси и не постои дискриминација или отфрлање на нивните другарчиња со Даунов синдром. Тие можеби забележуваат дека овие децата се малку поинакви, но не судат, ниту отфрлаат. Негативните стереотипи кај децата се зацврснуваат во периодот од 9-12 години, кога тие сосема јасно согледуваат дека нивното другарче со Даунов синдром е поинакво и со ретки исклучоци, реагираат негативно. Оваа сликовница им се обраќа ним.

Се обидувам да укажам на тоа дека со негувањето на довербата и отвореноста, како и со правилен воспитен и едукативен пристап, може успешно да се надмине формирањето на негативни стереотипи кон децата со пречки во развојот. Во овој процес клучната улога ја играат родителите на типичните деца, како и наставниците во училиштето. Голема благодарност до илустраторката Маја Стефановска која на еден мошне сладок и нежен начин ја долови оваа приказна и на дизајнерот Ѓорѓе Јовановиќ кој фантастично ја вообличи. Огромна благодарност и до Град Скопје кои го препознаа значењето на овој потфат. Сликовницата е достапна на веб страната на нашето здружение www.sinataptica.org.mk или директно ТУКА.

Како Вие како родител на дете со Даунов синдром функционирате во едно општество кое сè уште има стигми на оваа тема?

Спокојно. Имаше периоди кога бев многу тажна и гневна кога ќе наидев на неразбирање, ѕид или агресија на другите луѓе кон мото дете. Сега веќе го надминав тоа. Јасно ми е дека Илина ќе треба да вложува двојно повеќе напор и добра волја за да докаже дека не е помалку вредна од другите.
За среќа, таа е перфектна во тоа. Како дете со Даунов синдром таа е многу нежна и чувствителна, но од друга страна, никогаш не е малодушна. Се гордеам со неа и секојдневно учам од неа за тоа што е трпеливост, љубов, разбирање.

Што е првото на што се сеќавате кога ја добивте информацијата за Илина дека има Даунов синдром?

Бездна. Ужасен страв. Самообвинување. Голема тага. Неизвесност...тоа беше мое прво дете, поточно една од двете ќерки близначки што се родија таа ноќ на 3 август 2003 година. Бев парализирана и сосема немоќна да го споделам она што ме преклопуваше како огромен темен бран. Прв пат во животот останав сосема нема. Без солзи. Тотален шок.

Она што ми помогна некако да се справам со траумата, беше другата близначка која се роди како здраво дете, па грижејќи се за неа полека почнав да влегувам во улогата на мајка. По еден месец од родилиштето дома си дојде и Илина – тогаш се осмелив повнимателно да ја погледнам и да заклучам – таа е прекрасна и јас ја сакам!

Кои се најчестите прашања што Илина Ви ги поставува?

Мамо дали си среќна? Што има за ручек? Каде е Бисера/Илина ( нејзините две сестри)? Кога ќе си дојде тато? Дали тој сега спие? (ако е на патување). Може ли да земам „блачко“? Кога ќе одиме на проба за претставата? (повремено глуми во некои детски претстави). Чудно, но не ги поставува прашањата што најмногу ја болат или измачуваат. За нив молчи. Тоа е нејзиниот начин на справување со нештата.

Вашата цел е да се разбуди општеството и да се воспитуваат децата за да ги прифаќаат оние околу себе како еднакви на нив. Каква е реалноста?

Децата секогаш се огледало на вредностите што се негуваат во семејството од кое потекнуваат. Некои прифаќаат лесно, без задршка. Некои се резервирани, но тактични. Некои се исплашени и бегаат. Има и груби деца... но за жал тоа е реалноста во која живееме и од грубости не верувам дека се поштедени и типичните деца кои на било кој начин се разликуваат од своите врсници.

Ако „Сината птица“ е бајка за сите оние деца кои никогаш не пораснале, но ја бараат светлината постојано, кои се Вашите Тилтил и Митил?

Па можеби тоа се Иван и Илина кои и покрај препреките, на крајот го пронаоѓаат она што ги зближува и облагородува – преку љубовта. Можеби тоа сме ние двете, додека секојдневно чекор по чекор, трагаме по сината птица на среќата.

Велат чудни се луѓето и ни треба многу оган за да се запалат нашите изгаснати очи. Така барем говореше Метерлинк. Како Вие го барате вашиот сјај?

Убаво прашање. Случајно или не и јас секојдневно си го поставувам. Сосема свесна дека понекогаш и моите очи се угаснати и тажни, ама само накратко, за среќа. Како да се одржи жарчето во срцето?
Непоправлив оптимист сум и колку и да звучи како клише – црпам и се хранам – од љубовта. Таа некогаш е тивка и едвај забележлива во нечии очи што разбираат се' и без да им објаснуваш. Некогаш е како голем преколопувачки бран од кој излегуваш- препороден. Љубовта, човештината и подадената рака во вистински момент се бесценети.

Колку пати во текот на денот помислувате како се чувствува Илина?

Секоја втора минута. Најчесто кога сме заедно. Затоа што комуникацискиот јаз понекогаш го прави своето. Тогаш си мислам – како таа го преработува, разбира сево ова што и го кажувам? Илина е чудо кога станува збор за ловење на тивките вибрации на другите луѓе. Секого го разбира, секого сака да го одбрани. За жал, светот не е подеднакво добронамерен кон неа.

Се обидувам да не размислувам премногу што и се случува кога таа не е со мене – кога е на училиште или на друго место. Тоа се вика доверба во малкуте луѓе кои се околу мене и за кои знам дека посветено се грижат за неа.

А еден ден? Се надевам дека ќе дојде денот кога ќе бидам мирна знаејќи дека таа е некаде надвор - сама. Тогаш ќе можеме да кажеме дека живееме во инклузивно и здраво општество.

Вашето здружение „Сината Птица“ се занимава и со овие животни приказни, но навистина колку Ви беше потребно да соберете сила и да почнете?

 Тоа беа долги години на борба и како родител и групно во неколку здруженија. „Сината птица“ се роди од сите тие искуства, премрежија низ кои минував. Едно време мислев сосема да се откажам од овој вид на работа и да се посветам на мојата базична професија- новинарството. Но, се случи обратно. Новинарството се уште е мојата голема љубов и сега главно во служба на мојата главна мисија да им дадам глас и на оние кои обично се нечујни – луѓето со попреченост. Тоа го правам веќе една година преку колумните во „Нова Македонија" во кои луѓето со попреченост зборуваат самите за себе и својот живот. Почувствував дека треба.


Од некој Ваш агол, што мислите уште колку ќе ни е потребно на сите нам да работиме на себеси, за да може да се бавиме и со другите?

За да можеш да ги разбереш другите, мораш прво добро да се познаваш себе си. Сите тие ужасни недоразбирања, конфликти меѓу луѓето, сите овие трауми низ кои минуваме и како општество, произлегуваат токму од непрепознавањето на своите темни страни и недостатоци. Живееме во сурово време особено за сите оние послаби и понемоќни. Замислете како ли во целиов овој вриеж се чувствува еден човек со попреченост? Кој е прифатен на церемониите организирани во негова чест, но на следниот агол, веќе сите сосема заборавен.

Имате ли концепт со колкав интензитет би требало да зборуваме, оти едно сликање во годината со премиерот не е доволно, нели?

Никако не е доволно. Ваквата слика е привлечна за око, но таа е само еден шарен меур сапуница. Со должна почит и благодарност до политичарите од кои некои навистина се трудат навистина да ги поместат работите од мртва точка. Но, тие треба да ѕирнат во светот на овие луѓе и кога тие ќе си излезат од нивните кабинети и резиденции. Да појдат во домот на семејство од некое зафрлено село и да видат како тоа семејство излегува накрај со товарот што го носи. Политичарите кај нас сè уште го носат проклетството да се занимаваат со „големите прашања и проблеми" а гласовите на малите луѓе да не стигнуваат до нив. Се надевам дека новата политичка гарнитура здраво ќе засука ракави и ќе се позанимава со суштествените проблеми што ги имаат луѓето со попреченост.

 Илина одговара на  прашањата:


Кој ти е најголемиот херој?
Омилен херој ми е Тарзан дека е силен и Мерида дека е храбра.

Кои се твоите три омилени работи?
Најмногу сакам да танцувам, да глумам и да спортувам нешто.

Која е твоја омилената боја?
Жолта.

Најдобриот другар/другарка?
Сара и Матеј.

Топка или компјутер?
Компјутер. Сакам да слушам музика на Јутјуб, да гледам цртани и да се допишувам на Фејсбук.

Чоколадо или портокал?
Портокал.

Песна која ја пееш?
„Така било пишано" од Тајзи.

Пејач?
Тоше Проески и Даниел Кајмаковски.

Актер/актерка?
Многу ги сакам и ги гушкам сите од 5+ фамилија.

 

Подготви: Бејбимама

Објавено:
13 декември 2017
Прочитано:
2.079 пати