Сопственик и генерален менаџер на Елена Лука

IMPACT на Елена Лука: Артистична реплика на современата и моќна жена

Интервју со
Елена Пандева
27 октомври 2015

Секогаш инвентивните колекции проследени со оригинална промотивна приказна, се вистинската причина зошто со возбуда ги очекуваме ревиите на македонскиот моден бренд Елена Лука. Овој пат приказната е насловена IMPACT, а ќе биде раскажана утревечер во автентичниот простор на Даут Пашин Амам во Старата скопска чаршија, што ја прави оваа ревијална промоција на колекцијата есен-зима 2015/16 уште повозбудлива.

Елена Пандева

По тој повод разговаравме со сопственичката и генерален менаџер на брендот Елена Пандева.

„Се работи за артистична линија во која ја препознавам секоја жена која има цврсто изграден карактер и идентитет што се пренесува и препознава во нејзиниот стил. Постои нијанса на експериментирање и со материјалите и формите (користени се доста материјали што се имплементирани во современиот дизајн како плексиглас, гума, еко-крзно итн. со присуство на доста впечатливи финеси и детали како што се масивните патенти и модните додатоци). Основните и чисти линии пак се разработени во мулаж техника што на целата колекција и дава слоевитост во скулптурални форми", Елена Пандева ја открива приказната зад IMPACT додавајќи дека преку спојот на контрасти помеѓу остро дефинираните линии и меките, нежни и лелеави форми, се создава целина која е реплика на моќната, доминантна и авторитетна жена од една страна, и нејзината кршливост и суптилност од друга.

„Секое парче има своја душа, така можам наједноставно да се изразам доловувајќи го најсликовитиот приказ на колекцијата", вели Елена.

Инспиририрани од самиот наслов на колекцијата, ја прашавме и кој е најсилниот печат на IMPACT.

„Се работи за колекција преку која Елена Лука остава безвременски печат на новото време, со силно изразен артистичен приказ на современата Елена Лука жена, што во суштина е и препознатлива карактеристика на модниот бренд. Преку IMPACT го резимиравме храбриот дизајнерски пристап во ослободувањето на креативната мисла, а следејќи ги потребите на современата жена", додава Елена.

Основата на колекцијата е црна, но разиграна со присуство на златни детали и темни нијанси на сино, што создава еден мистичен, а истовремено заводлив и сексапилен профил на линијата. Како и во сите претходни колекции на Елена Лука и IMPACT е заокружена со впечатливи детали, што и даваат уште поинтензивен фокус, како што се масивните патенти и деталите во геометриски форми изработени од плексиглас, што создаваат еден препознатлив континуитет на целата линија.

„Акцентот во IMPACT е ставен на авангардни парчиња облека што соодветно може да му дадат печат на имиџот на секоја жена со изразена индивидуалност: капути во комбинација со еко крзно, палта од брокат, мантили од транспарентни материјали, корсети, вечерни тоалети, сакоа, здолништа комбинирани со мрежести хулахопки – секое парче е посебна целина во комплетната слика", вели Елена во однос на содржината на колекцијата.

 

Изборот на локација и оваа година е интересен и добро осмислен со цел најсоодветно да ја долови идејата на IMPACT.

„Даут Пашин Амам неслучајно го одбравме како локација. Просторот е фантастичен, има суштина и приказна, дише со уметнички здив, а токму тоа беше и основниот предуслов во селекцијата на амбиент што ќе биде најадекватен во промоцијата на колекцијата. Геометриските форми и автентичната архитектура се рефлектираат и во самата колекција, така што се си добива една компактна целина", објаснува сопственичката на брендот.

Симболиката на оваа колекција, го повлекува и прашањето: кој е печатот на Елена Лука на домашната модна сцена?

„Од самиот почеток се стремам кон тоа Елена Лука да има свој препознатлив „ракопис", впечатливост, автентика на дизајнот по која луѓето, па дури и оние кои не се многу упатени во дизајнерската сфера, ќе го препознаат она што го носи потписот на Елена Лука. Затоа во јавноста Елена Лука важи за бренд кој е похрабар во својот израз, во смисла на тоа дека ги пречекоруваме стандардите, понекогаш и експериментираме со целата дизајнерска композиција за да создадеме нешто поинакво, а сепак во доменот на нашата препознатливост" вели Елена.

Откако утревечер и официјално ќе биде промовирана колекцијата, ќе биде објавен и лукбукот што го следи силниот уметнички израз на колекцијата, а ќе ја документира и комплетната приказна на IMPACT.

Во продолжение преку фотографија ви пренесуваме дел од работниот амбиент за време на фитингот за новата колекција.

 

Објавено:
27 октомври 2015
Прочитано:
1.676 пати