Интервју Бланка Бојовиќ: Дизајнерка што ги отвора модните порти на Лондон

Интервју со •
7 септември 2013

ADELAIS AW13b

На 18 години ја напушта Македонија и без размислување се запишува на Универзитетот „Едексел“ на моден дизајн и текстилен менаџмент. По три години подготовки и курсеви и уште три години на Универзитетот, го завршува официјалното образование и започнува нова авантура – да го освои тамошниот моден свет.

За таа цел започнува да го гради брендот Аделејс (Adelais), на што и сè уште работи. По првата деби, мини-колкекција на лежерна облека (Loungewear) за која беше и изработен едиторијал, во подготовка е нова колекција за пролет-лето 2014, за чија изработка е задолжен Астибо Беас. Иако секогаш со радост се враќа тука, уживајќи во сите македонски убавини, Бланка не крие дека Лондон ѝ е во срцето. Таму се чувствува своја и овој град ѝ е непресушна инспирација.

А за тоа како изгледа животот во Лондон, како таа ги доживува Македонците и како изгледа еден дизајнерски процес, прочитајте во најновото интервју на Fashionel.

Се одлучивте да дизајнирате лежерна облека односно loungewear. Зошто?

-Не може да се почне со било што. Уште кога бев мала, кога шиев и си играв со Барбики, ја засакав модата. А дека љубовта кон наметките и лежерните фустани ми ја всади баба ми која ми носеше облека од Германија. Нејзиниот вкус беше малку екстравагантен. Дури знаеше да биде и премногу кич, што на крај од тој кич стануваше кул.

Од неа многу црпев, сечев алишта, прекројував... Имаше многу наметки за по дома. Сум забележала дека во денешно време повеќето такви наметки се како кимона, на преклоп преврзани. А јас имам некои од 1970-тите, што се затворени, цветни. Во стилот на Ози Кларк. Со огромни тантели, винтиџ ( од 1950-тите, 1960-тите). Ги обожувам. Мислам дека секоја жена сака да носи такво нешто и да изгледа средено во секој момент. Не да биде проѕирно и вулгарно, туку напротив, пристојно, модерно, романтично. Јас така сум се облекувала по дома, и овде и во Лондон. И забележав дека и нема многу такви парчиња да се купат. Ретки се тие каде што можам да купам еден таков екстравагантен фустан, односно наметка. Така и дојдов на идеја. Првата колекција беше многу мала. Многу сакав да почнам со нешто, но бев ограничена со буџет.

Како изгледа еден ваш дизајнерски процес?

-Првин се инспирирам, а потоа правам истражување. Го собирам сето тоа што ме инспирира, а инспирацијата секогаш доаѓа како гром од ведро небо.  Затоа секогаш имам тетратка со себе во која правам скици. Сметам дека најдобрите проекти на факултет ги направив додека се возев со автобус или на метро. Инаку, во студентските денови бев многу зафатена, затоа што паралелно работев, па ако оставев на моментот кога ќе стигнам дома да дизајнирам и креирам, немаше никаде да стигнам.

Од факултетот научив нешто многу важно – како да имам инспирација константно. Како да не пресуши. Јас го немам тој страв. Дури понекогаш си велам дека имам и премногу инспирација (смеа). Имав можност да слушам прекрасни професори со различно искуство. Тоа беа луѓе што работеле за Никол Фархи, или за креативните дизајнери на high street брендовите.

Секој дизајнер размислува различно и дизајнира различно. Некој ги гледа моделите во црно-бело, а јас додавам и боја, и шминка и чевли. Јас сонувам облека. Исто така, влегувам речиси во секоја продавница. Независно дали некој ја смета за досадна и интересна, јас влегувам за да видам до каде е нивниот бренд.

APS_0756

А како изгледа процесот на пробивање на лондонската модна сцена?

-Во Лондон за да почнете да навлегувате во бизнисот постојат модни саеми на кои може да се промовирате. Доколку не може да си го дозволите тоа, бидејќи имате мал буџет, а тие саеми се скапи, или пак, имате мала колекција што беше случај и со мене, која е само деби, за да ги запознам купувачите со мојата работа, тогаш контактите се клучни. Контактите од куќите купувачи многу значат и е тешко да се добијат, но јас успеав со помош на повеќегодишна пракса во повеќе модни сектори. И работев сè. Од праќање писма во пошта, до дизајнирање и помагање, контактирање купувачи, работење на саеми... Ширев контакти. А тоа е најважно за човекот што сака да се занимава со оваа работа. Многу е важно да се социјализирате. Треба да се оди на настани.

Дел од пoпознатите бизнисмени велат дека токму тој дел од работата е жртвување, бидејќи кога сте најуморни треба да одите на овие настани. Константно мора да се биде активен и да се запознаваат луѓе.

Како се движите по тој пат?

-Во преговори сум. Многу е тешко да се пробиете со прва колекција. Зошто е тешко? Затоа што сите сакаат да знаат дека веќе си признат и познат, дека веќе имаш историја зад тебе. Има и случаи што успеваат од прва, но ретки се освен ако Кејт Мос не го облече вашето парче, па да направите бум.

Јас ќе почекам уште некоја колекција. За сега имам големи комплименти од Хародс, што е за сега моја најголема надеж. Многу луѓе ќе ви кажат совети и ќе ве потапкаат по рамо. Но, тие беа големи ентузијасти, ја чекаат мојата наредна колекција, што особено ме радува.

ADELAIS AW13d

Ја следите ли македонската сцена?

-Ја следам модната недела најчесто. Ме интересира да видам што се случува тука. Еден од македонските дизајнери за кого секогаш сум се интересирала, од професионален аспект е Никола Ефтимов. Уште од мала сакав да го следам тоа што го прави. Мислам дека тој е еден од оние луѓе што зборуваа за Лондон и модата и јас тоа го запаметив. Го имам како пријател на Фејсбук, еднаш ми требаше совет, му пишав и бев изненадена од неговиот искрен и срдечен одговор и покрај тоа што ние никогаш ниту сме се запознале, ниту пак сме имале контакт.

Каков е вашиот стил? Како го изградивте?

-Малку е тешко да се објасни како се гради стил. Сите понекогаш сакаме да бидеме некој друг. Заминав во Лондон на 18 години и бев жив камелеон кога е стилот во прашање. Но, забележав дека сепак останува една нишка што се протнува низ годините. Гледам што ме прави комфорна и што ме прави да сум јас.

Кога отидов во Лондон има многу долга кафена коса. Одеднаш решив дека ќе ја скратам и осветлам. И имав боб фризура. Кога се видов си реков ова е Бланка. И иако го мразам клишето- се пронајдов, јас тогаш навистина се пронајдов.

Но, во основа се менувам. Не можам да кажам дека „терам“ еден стил постојано. Понекогаш знам да бидам многу досадна, некогаш се менувам во зависност од пригодата.

Многу често и јас мислам дека немам што да облечам. Но, во тие моменти си велам добро немаш, а и кога би имала -  што би облекла. И така се инспирирам. Во зависност од пригодата, размислувам што би можело да се носи, околу удобноста....

Иако не креирам таква облека, морам да признам дека сум љубител на футуризмот. Дали се тоа модни додатоци, или гламур со футуризам, не е важно. Тој правец во модата секогаш го имам во срцето и многу ме инспирира.

Како ги oценувате Македонките кога е модата во прашање? Колку се разликуваме од Англичанките?

Во Лондон важи тоа дека колку поретко парче најдете - тоа поинтересно. Никому не му е интересно да се облечете како од излог. На пазарите можете да најдете и дизајнерски парчиња. Во Спиталфилдс на пример. Таму да најдеш нешто што никој го нема е нешто што сите го посакуваат. Има дизајнери што се пробиваат, па нивните работи се продаваат на тезга, но тоа не значи дека се лоши, напротив. Ти  ќе го облечеш тоа од таму, никој нема да знае од каде е, а во Лондон тоа многу се цени. Додека Париз е поинаков, а Лондон е со широки раце отворен.

Она што ми се допаѓа тука е што девојките се грижат за својот изглед. Некои можеби претеруваат, но такви има секаде. Во смисла, ставаат премногу шминка наутро и генерално премногу сериозно го сфаќаат изгледот. Во Скопје ми се допаѓа што се грижат, затоа што има други држави каде што тоа не е случај. Во Калифорнија на пример, многу внимание посветуваат на спортската облека. Па кога одат да вежабаат на нив можете да ги видите најубавите дуксери и тренерки. Но, кога треба дома да им отидете или на некое друго место, тоа не е приоритет. Ние Европјаните генерално сме поинакви.

Кога може да се очекува новата колекција?

-Новата колекција е во подготовка. За разлика од деби колекцијата, оваа ќе содржи повеќе парчиња. Досега се направени 10, а колекцијата би требало да биде готова до 20 септември. Јас го правам истражувањето, шнитовите, дизајнирам. Она што го оставам на вистинските професионалци е да ја сошијат колекцијата за таа да има професионален изглед. За изработката на прототипите и парчињата од колекцијата, се задолжени Астибо Беас. Морам да признам дека ми беше тешко да најдам фабрика која ќе сака да соработува. Многу луѓе ветуваа, но не исполнија ништо. Но, Астибо Беас дојдоа, пројавија интерес за мојата работа и засега сум задоволна.

ADELAIS AW13a

Дали и понатаму ќе продолжите во оваа насока или ќе се насочите кон дизајнирање и на други парчиња облека?

Во иднина сакам да дизајнирам и вечерна облека (evening wear). Но, ќе видам дали таква ќе биде веќе наредната колекција, или ќе биде потребно некое време. Веќе почнав да контактирам некои купувачи, па сакам и да се посоветувам. За сега сум фокусирана на овој сегмент и градење на бренд.

 

Објавено:
7 септември 2013