Интервју Даниел Дан: Самодовербата е клучна за оставање добар впечаток!

Интервју со •
13 август 2013

 

Како  започна твоето музичко патување? Кога се роди љубовта и идејата за мелодија?

-Не би знаел да кажам точно на која возраст почна да ме привлекува музиката бидејќи некако чувствувам како тоа да е отсекогаш. Благодарение на татко ми уште како многу мал ги научив првите ноти и ја добив желбата за свирење. За прв пат напишав песна кога имав 11-12 години, а таа магија да создаваш и креираш нешто ново сè уште ме држи.

Уметничката слобода што ја дозволува преубавата музичка мелодија дали ја практикуваш и во својата лична стилизација?

-Мислам дека сум многу похрабар во изразувањето и експериментирањето со стилови кога станува збор за музиката која ја изведувам, отколку со тоа како се облекувам. Од друга страна, пак, несвесно сигурно влијаат една на друга, што секако прави тоа да сум јас.

 Често те гледаме во изведба на рок и поп мелодии. Дали тој тип на музика влијае и на твоите модни комбинации во приватноста?

-Одреден период бев ептен заљубен во црната боја, што одлично се вклопуваше со рок песните кои ги изведував. Поп-от, од друга страна, пак, дава голема слобода и во бои и комбинации. Чувствата се секогаш најважни, тие диктираат каква музика ќе следи од мене, а со тоа и како ќе изгледам.

Настапуваше на Макфест, Охридфест, Скопскиот Евросонг, Сунчане Скале . Дали сценската појава е твоја  лична одлука или можеби постои консултација со модни стручни имиња?

-Кога станува збор за сценските настапи важна е песната која ја изведувам. Таа има големо влијание на мојот стил. Најчесто сам одлучувам, бидејќи сакам на сцената публиката да го види вистинскиот Даниел, иако во неколку наврати имам соработувано и со наши познати стилисти на кои целосно им верувам.

  Секогаш изгледаш одлично во секоја смисла. Што превземаш за таа модна практика?

-Голема улога има животниот стил кој го негувам без разлика дали сум на сцена или дома. Сакам да изгледам уредно, урбано и да се чувствувам убаво во тоа што го носам. Само на тој начин ќе ја добијам самодовербата која е клучна за оставање добар впечаток. “Less is more

Дали се сметаш за вљубеник во модата односно колку сериозно ја следиш високата мода за мажи и трендовите што се наметнуваат?

-Не би можел да се ставам во групата што сериозно ја следи модата, но следам што е ново. Никогаш не се водам по она што е моментален хит или тренд, не сакам да се стопам со масата, наоѓам сопствен начин како да ги вклопам новите парчиња во некој мој стил.

Во слободното време дали уживаш во  некоја друга  пасија покрај музиката?

-Кога работам музика потребно ми е да бидам сам, така што сето останато слободно време сакам да го уживам во активности со моите пријатели. Без разлика дали станува збор за дружби во некое кафуле, по дома, во куглана, во теретана, прошетки до Водно, по кеј... Особено во последно време со друштвото често гледаме филмови и наоѓаме време тоа да биде во кино, што мене ми е одлично искористување на слободното време.

Во која насока планираш да го насочиш својот музички и воопшто севкупен животен  раст. Дали и во иднина се гледаш во музичката индустрија или можеби имаш други планови?

 -Музичката индустрија е во многу тесна врска со целокупниот животен стандард. Сите се надеваме на многу позитивни промени и не сакам да размислувам дека мојот севкупен животен раст би го насочил кон нешто што нема допирни точки со музиката. Пред извесно време ја прекинав соработката со продуцентската куќа, ги стопирав сите планирани проекти и решив да се вратам на студиите. Навидум целокупната напната атмосфера бараше од мене мало повлекување, до некои подобри денови.

Го затегнав обрачот на вистински пријатели и посилен од било кога, подготвен сум за нов поход. Ако вистински сакаш нешто не би требало да се откажуваш. Барем јас не би можел да се откажам од сцената, бидејќи единствено таму сум свој на своето.

Објавено:
13 август 2013