ИНТЕРВЈУ Дејан Џолев: Како дизајнер сум конструктивист, а кога сликам сум експресионист

Интервју со •
12 октомври 2013

Dejan Dzolev

 

Дејан ќе Ве навратиме на Вашите почетоци. Како дојде до таа првична љубов со уметноста и тоа во различни форми: од фотографија до музика?

- Уф! :) Прв пат на уметничката сцена се претставив во 1985 година на клиниката во Чаир, конкретно во породилното одделение, како трето дете на татко ми Џолев и мајка ми Џолева. Уште од тогаш почнав да изненадувам со мојата креација. Џолеви очекуваа девојче, но јас бев момче. Не се чувствувам пријатно кога треба да го набројувам минатото, ниту пак да бегам многу во иднината. Но ајде да ги издвојам моите две самостојни фотографски изложби, моите седум авторски кратки филмови, моите два музички албуми, моите стотици графити ѕидови... Овие дела биле претставени на квадратна површина од (јужно) Мароко - (источно) Тајван - (северно) Холандија - (западно) Њујорк и уште 30тина градови помеѓу нив. Но доколку ме прашувате за иднината: Берлин, Кан, Венеција.

 

Имајќи ги вашиот талент и искуство како важен бекграунд, Вие организирате и курсеви по фотографија?

- Сум бил дел од три факултети на три различни универзитети. Сум бил во контакт со професори од сите уметности. Го собрав најдоброто од нив и го претворив во приказна „Курс по ликовно естетска и драматуршка фотографија“. Курсот е поделен на 6+1 етапи: Се забавуваме и учиме: основи на фотографија, пејсаж, фотоновинарство, портрет, модна фотографија, концептуална и постпродукција на фотографија. На крај целиот труд го претставуваме на изложба. Не би ги набројувал сите предавачи и модели кои доаѓаат од најразлични уметнички профили: ликовни уметници, фотографи, фотоновинари, режисери, дизајнери, актери... Можеби најмудро е да ја спомнам фејсбук страната „На курс кај Џолев“, таму се сите детали околу програмата, предавачите...

 

10 ВЕЖБИ Мода

 

Кој е твој омилен тип на фотографија?

- Модната фотографија! Збир од сите фотографски дисциплини.

 

Објаснете ни ја целата процедура околу Вашиот личен пристап кон изработката на модната фотографија?

- Мојот пристап секогаш се потпира на методологија при поставување на концептот. Првата точка: кафе со модниот дизајнер. Сакам да ја чујам неговата идеја, потоа неговата инспирација. Да ги погледнам модните илустрации, да ги почуствувам моделите. Втората фаза е истражување во областа на која се темели идејата на дизајнерот, ова е и најбитниот дел од процесот. Кога ќе се најде решение, процесот продолжува во барање на простор за потребите на фотографскиот концепт. Се истражува каква светлина ќе биде потребна и кои технички фотографски карактеристики ќе бидат употребени. Секако и поставување на автентична фризура и шминка... На крај секогаш детално ги цртам фотографиите. Сакам на фотосет да имам се на хартија, полесно е за целиот тим. Сетот е само техничка изведба на „домашната работа“. И секако подоцна постпродукција на фотографиите. Токму ова и го работиме со учесниците на курсот во делот за модна фотографија. Кога се работи за портрет секако дека личноста е таа која е предмет на разработка, но во модната фотографија фотомоделот нема никакво влијание на концептот. Таа/тој треба само да се прилагоди на она што е замислено. За жал кај нас ниту фотографите го креваат нивото ниту пак дизајнерите го бараат тоа. Кога веќе ги спомнав нив, несватливо е за мене како на еден моден дизајнер не му е предизвик да направи фотографии за секоја нова колекција. Дизајнерите кај нас чекаат тоа да го заврши некој „медиум фотограф“ за потребите на медиумот. Сите со исти манири, а различни идеологии. Едни авангарди, други глумат индустрија. Но авангарда е многу повеќе од „откачено“ и индустријата е многу повеќе од „венчаници и тоалети за матурски“. Сум бил во контакт со повеќето звучни дизајнерски имиња кај нас. За жал скоро никогаш не сме успеале да најдеме компромис за проект. Последен пат на модна колекција работев пред две ипол години. Но пак од друга страна со моите ученици остваривме триесетина модни концепт проекти. Еден период сериозно размислував да проектирам моја модна колекција, само од причина да направам фотографии. Но идејата е жива, доколку најдам време во иднина сигурно би и се посветил.

 

06 Зафир Куртеши

 

Каква приказна раскажуваат фотографиите?

- Секое време си носи различна потреба за изразување и медиумски и внатре во самиот медиум. Изминатите две години ги посветив на филмот. Фотографијата остана во некој трет план. Но таа моја „неактивност“ ми го наметна импресионизмот како стил во фотографијата. Фотокамерата ја употребувам само во момент на субјективно доживување на просторот и пред се светлината. Често тоа е портрет кој сакам да го гледам. Субјективна импресија од естетика, ништо повеќе. Но не ни барам повеќе. Концептот, психологијата, филозофијата, емоцијата ги оставив во филмот. Иако на филм работам активно осум години, се уште лечам детски болести и се уште не сум излегол од надреализмот. Веќе кога почнав да набројувам епохи и естетики би додал  дека како дизајнер сум конструктивист, кога сликам сум експресионист, на хартија сум реалист, во секојневието сум егзистенцијалист, а девојка ми ме доживува како мачор (мачковист).

 

Што ги издвојува Вашите фотографии и ги прави поразлични од оние на другите автори?

- Моите фотографии се разликуваат од другите по тоа што се мои.

 

 

Објавено:
12 октомври 2013