ИНТЕРВЈУ Димитар Атанасовски: Знам сам да си го „испеглам“ стилот

Интервју со •
8 мај 2013

 

Иако во моментов не e актуелен на ТВ екраните, барем го имаме тоа задоволство секојдневно да му го слушаме гласот на радио. Ама многу скоро повторно ќе го гледаме на телевизија... Спонтан, шармантен, весел, зборува 100 на час, има насмевка од милион долари, а згора на тоа е многу љубезен домаќин. Димитар Атанасовски ни ја пружи таа чест да му бидеме гости во неговиот стан и во опуштена атмосфера ни откри што претставува модата за него, без кои модни состојки не може и како тој се вклопува во приказната на модниот свет.

Модата за него модата е цела една наука која во последниве децении е многу искомерцијализирана. Сите тие модни трендови и кога се лоши, луѓето слепо ги следат само затоа што тоа е модерно. А тој вели дека не е човек кој ги следи модните трендови по секоја цена, не затоа што модата му е одбивна и на неа гледа како на страно тело, туку пред сѐ сака да се чувствува свој во сопствената гардероба, а притоа тоа што ќе го искомбинира да е интересно, модерно, тренди...

 

 

 

На прашањето дали ако имаш автентичен стил ќе бидеш осудуван од другите во средината, Димитар има позитивен став и вели: „Мислам дека го оставивме зад себе тој стереотип да те осудуваат за мода и за тоа како си облечен.“

Бидејќи е јавна личност соработува со тим на професионалци кои се грижат за неговиот стил и начин на облекување. Тоа се луѓето од брендот Celio, во кои има целосна доверба и кои му помагаат во следењето на модните трендови, а во исто време „прават“ да изгледа свој. Нивниот избор на гардероба тотално го оцртува неговиот стил и начинот на кој тој сака да изгледа: младешки, модерно, тренди и урбано.

Со познатите дизајнерски имиња не е нешто многу запознаен, ама е дециден во одлуката дека на ниту еден дизајнер не би му дал слобода да му го преуреди плакарот. „Не би им дал потполна слобода, затоа што и самиот сакам да влијаам на мојот изглед и да дадам свое мислење за тоа што треба да носам и како треба да го носам,“ ни кажа Димитар.

 

 

Малку е тврдоглав кога станува збор за изборот на парчиња гардероба кои би ги носел, а кои воопшто не би ги облекол:  карирани кошули никако, ама затоа клот-кошули со тврда јака секогаш. За дневни пригоди најчесто бира кежуал панталони или фармерки со маички во бои, кои го истакнуваат неговиот физикус, во комбинација на фраески дуксер или класичен џемпер без копчиња.

Негов моден фетиш се рачните часовници, очилата за сонце и патиките. Не пати од комплекси да носи брендирана гардероба или облека која носи потпис на познато дизајнерско име. „Сакам да се чувстувам удобно, да не бидам во завиткан во најлони и да речам дека тоа е мода, туку едноставно сакам да ми прилега на мојот стил прво како човек, а како второ да одговара на стилот на млада личност која се појавува на медиум,“ смета Димитар. Не оди често во шопинг, барем не наменски и со список, бидејќи купувањето за него е спонтан процес.

 

 

 

Со оглед на тоа што Димитар веќе подолго е во врска со водителката Симона Николовска, која е во моментов  актуелна со емисијата „Танц со ѕвездите“, го замоливме да ни каже колку често таа знае да го искоментира неговиот стил. „Знае да коментира, знае да сугерира, знае да ме „рашамара“ со зборови кога ќе излезам како палјачо од дома, ама пак од друга страна знае и да ми даде комплимент кога добро изгледам.“ И не ѝ замерува кога го критикува, затоа што како жена повеќе се разбира од мода.

За македонските мажи генерално има поделено мислење. Смета дека стреотипите за тоа дека мажите треба да бидат влакнести, неизбричени, неизбањати, со жолто од цигарите под мустаќите, почнуваат да се менуваат. Во поглед на модата, некои се навистина добро скоцкани, без разлика дали се јавни личности или не. Но, некои едноставно знаат да направат големи утки и да бидат цел на лоши коментрари. Ама за Димитар и тоа е добро, затоа што и лоша реклама е сепак реклама. „Можеме многу да учиме од Италијанците, затоа што знаат што е добар изглед и како да заведат жена. Секогаш елегантни, мажествени, дотерани и подготвени да освојуваат.“

Епа, момци ако има вистина во тоа дека „Жените се од Венера, а мажите од Марс“, послушајте го советот на Димитар: Бидете Италијанци по дефиниција, а „пеглачи“ по професија!

 

 

Објавено:
8 мај 2013