Интервју Фани Христова: Чевлите се мојата најголема опсесија

Интервју со •
11 декември 2013

На македонската забавна сцена се појави уште од мала, тогаш како пејачка, а денес и во улога на ди-џеј девојка, која е домаќинка на многу забави ширум земјата. Фани Христова освен што ја бидува на сцена како и на ди-џејскиот пулт,  ви ја презентираме и во улога на фото модел. Причина?  Последните ангажмани кои ги прошируваат нејзините професионални хоризонти како ди-џеј во Швајцарија, каде од неа се бара да изгледа поразлично и уникатно.  Секој јавен настап си бара специфичност од изгледот, затоа,  таа задачата Фани и ја додели на македонската модна куќа „Елена Лука“, кои склучија соработка со неа за настапите, а притоа снимија и интересна фотосесија каде Фани ја носи оваа етикета на свој начин.

-Ја информирав „Елена Лука“ за моите претстојни музички планови и ангажмани, се работи за пуштање музика надвор од Македонија, односно Швајцарија, каде пред се бараат нешто поинакво, отмено, односно некомерцијално. Се разбира, мојата прва идеја беше токму „Елена Лука“  и на мое огромно задоволство тие прифатија тоа да го подготвиме  заедно, најпрво со една фотосесија која сигурно ќе ми биде корисна и понатаму. Не сакам да ги соблечам овие креации, во нив се чувствувам посебно, спектарот на дизајн е голем  и ми беше многу лесно да се пронајдам во парчињата што ги носам, вели Фани.

Низ разговорот се навративме наназад кон нејзината кариера како пејачка, за која вели дека не ја запоставила, туку едноставно не гледа задоволителен повратен ефект од музичката сцена овој период.

-Моментално во нашата земја многу малку се пласира македонска музика и можеби тоа е причината зашто повеќе сум активна како ди-џеј. Фидбекот не е доволен за да можеш сериозно да се занимаваш со пеење, времињата се изменија многу, а од пуштањето музика сега сум задоволна, ме исполнува, а истовремено доволно заработувам за да живеам од тоа, додава таа.

И самата вели дека кога ќе ги погледне старите фото албуми, не може да се препознае, трансформација до трансформација, долга па куса коса, руса па костенлива, од ултра спортски тип па се до љубител на класични парчиња. Фани Христова вели дека созревањето во жена, речиси кај секоја една девојка е проследено со низа неодлучни моменти и несигурности додека се пронајде вистинскиот пат до сопствениот стил.

-Порано многу ги сакав спортските комбинации, маички тесни  со голо стомаче и што ли уште не, за потоа да сакам да станам дама, но таа трансформација не беше толку наеднаш, така што кога ги гледам фотографиите низ годините наназад, јас навистина многу се менував, но на тоа гледам како на нешто нормално. Имам свој печат по кој сум препознатлива, па дури применувам парчиња што ги имам и носам неколку години, како аксесоари и слично, зашто пред се најважно ми е да се чувствувам удобно во она што го имам на себе. Ги сакам високите потпетици,  уште како мала посетував часови по танцување и тие  некако прираснаа за мене, дури ако треба да трчам би трчала на високо, раскажува Фани.

Ретко која жена не е преокупирана  со обувки, но Фани за себе вели дека  се нејзината слаба точка. Единствено што и недостасува е голем плакар каде би можела да ги смести сите чифта.

-Опседната сум со чевли, тие ми се слаба точка, не знам колку ги имам дома, сите ми се подредени во кутии, запишано е кој модел се конкретно од која година. Никогаш не сум ги броела, а моја најголема желба е да имам голем плакар каде ќе можам сите убаво да ги гледам, изјавува Фани, додавајќи дека во основата на нејзиниот стил се лежерните парчиња во кои пред се ќе се чувствува удобно.

-Без фармерките и памучните маички не можам да се замислам, а од средно ми се задолжителен дел од стилот. Не сум од тие што сакаат брендирана облека и нагласување на тоа која марка е и според мене тогаш облеката ја губи својата суштина, сепак почитувач сум на работата на Стела Мекартни и секогаш сладам какви се нејзините нови колекции, вели Фани.

Како се снаоѓаш во улогата на фото модел?

-Во принцип сум срамежлива личност, но ако ги знам луѓето околу мене како во случајот, знам да се опуштам и се да излезе како што треба.

Препознатлива по витката линија што константно ја одржува години наназад, килограмите за неа не се никаков проблем, иако е голем гурман.

-Јадам многу овошје и зеленчук, секогаш имам во чанта со себе. Иако, можеби не изгледа така, но јас сум голем гурман, јадам се. Сепак, знам да балансирам со организмот и редовно да го прочистувам со свежа храна. Секоја жена на себе има атрибути со кои освојува, независно од килограмите, кај мене мислам дека тоа се очите, зашто тие секогаш знаат да ме издадат и во позитивна и во негативна смисла. Некој што ме познава доволно е да ме погледне и веднаш да процени како се чувствувам.  А за нозете, исто така сметам дека ми се силен атрибут, благодарение на гените, завршува Фани, споделувајќи ги со вас крајните фотографии сработени од финалното модно дело со „Елена Лука“.

Објавено:
11 декември 2013