Интервју Ивана Чолаковска: Ги затворив очите и тргнав по остварување на мојот сон

Интервју со •
19 февруари 2015

Ивана Чолаковска е девојка од Скопје која денот по завршување на нејзините правни студии на отсекот меѓународно право, отиде на патување во Куба. Тоа беше пред пет години и таа се уште не престана да патува. Заедно со својот сопруг, тандемски ја ужива оваа животна авантура запознавајќи ги и најнеобичните детали на различни култури и народи, вдишувајќи го секој ден со полни гради и искусувајќи различни предизвици секоја наредна минута. Со неа разговараме за сите интересни доживувања и искуства во рамките на нејзиниот проект Around Gaia што може да го следите и на нејзината фејсбук страна www.facebook.com/aroundgaia и на веб страната www.aroundgaia.com

Како започна Вашата тура околу светот?

Понекогаш ја следиш секојдневната рутина иако знаеш дека не е она што те исполнува, но така се чувствуваш сигурен бидејќи општеството ти налага така. Но, кога го открив она што ме исполнува и ме прави среќна, ги затворив очите и тргнав по него. Што ме прави постојано да патувам? Толку многу работи што не знам како да објаснам.

Како изгледаше моментот кога се поздравивте со најблиските и им се препуштивте на авантурите?

Тој момент беше навистина возбудлив, мешавина од чувства, од една страна супер и голема среќа што конечно дојде денот за да започнеме со патот после две години напорни подготовки и напорна работа, конечно дојде денот за исполнување на мојот сон, но од друга страна беше жално и тешко поздравувањето со мојата фамилија и со пријателите.

Пред неколку дена ги заокруживте првите 50.000 километри од патувањето. Што Ве мотивира да продолжите понатака?

Да тоа е точно, минатата недела ги заокруживме првите 50.000 километри, и Ману беше сам за да ги прослави овие километри. Скршеницата на ногата, која се случи во Чиле ме одвои за некое време од моторот. Тоа се бројки кои може да се изговорат многу брзо, но ни требаа речиси две години за нивно остварување поради суровоста на патот. Но, кога ќе започнеш еден ваков проект не можеш ни да замислиш а да не го завршиш, наградата е да се вратиме дома од другата страна на планетата, задоволството да ни се оствари сонот е она кое ни дава сила, иако патот ни става многу пречки. Но, на овој пат, исто така стекнавме многу пријателства кој не охрабруваат за да се движиме напред, дури и кога тие се далеку од нас. Фејсбук го обединува светот. Охрабрувачките зборови на еден монах од Камбоџа, на еден пожарникар во Куала Лумпур или Манчи, кои никогаш нема да имаат можност да имаат интернет, но кои сигурна сум дека понекогаш се молат за нас во нивниот храм на Шива и Буда, кој е во неговата мала колиба таму некаде во големата Индија, а особено мојот најголем фан, мајка ми која никогаш не престанува ме охрабрува. Не можам да ја објаснам вредноста на нејзините зборови. Тие се мојата терапија кога сум многу уморна.

Која е првата помисла кога ќе направите една ретроспектива на изминативе пет години: природата, луѓето, адреналинот, слобода и осаменоста..?

Да тоа е тешко, би рекла дека од сите нив нешто, но ако треба да изберам едно од нив, би ги избрала "луѓето". Луѓето кои ги запознав и ги запознавам секојдневно не престанаа да ме воодушевуваат, постојат многу добри луѓе во овој свет, мнозинството. Без оглед на културата, религијата, расата или бојата на очите, тие не поздравуваат со отворена врата, без да очекуваат нешто за возврат од нас отколку еден разговор на масата за време на заедничката вечера. Ние никогаш не спиеме во хотел, па контактот со луѓето од различни земји не поттикнува да ја сфатиме вредноста на животот и да бидеме среќни со едноставни работи во овој шарен свет.

Издвојте три личности кои се дел од вашата патувачка приказна, што Ви оставиле најголем впечаток.

Мустафа, тој живее во колиба без струја десет години, ја има изградено покрај езерото Шапанца во Турција. Баравме место за кампување и наидовме на неговата куќарка скриена во шума поред езерото, изолирана од општеството. Тоа беше една од најсмешните ноќи, масата осветлена со свеќа и јадење риба на скара што Мустафа ја улови за нас. Манчи, веќе го имам спомнато претходно, овој индиец од најниската каста кој беше најсреќен што поминавме една ноќ во неговата куќа направена од кал заедно со неговата фамилија. Тој нè засака, бидејќи ја отфрливме понудата од неговиот сосед од повисока каста и повеќе удобна куќата, иако Манчи немаше ништо повеќе да понуди освен една соба заедно со неговиот бивол и кози да ја споделиме. Нема да заборавам кога во сред ноќ рипна со лак и стрела, откако алармот на моторот засвири, мислејќи дека некој се обидува да го украде. Мими, ова е наша најнова пријателка, се сретнавме со неа по несреќата, таа ме прими во нејзиниот дом во ова село во Патагонија во Чиле, речиси еден месец бев во нејзиниот дом и верувам дека брзото заздравување и позитивната енергија се причина што таа и нејзината фамилија се грижеа за мене и ми готвеше секојдневно вкусно јадење. Три лица, три многу различни места и различни религии и обичаи, но листата би можела да биде многу поголем.

Која е најважната работа што ја откри за себе преку ова невообичаено искуство?

Научив дека во најтешките ситуации морам да сум смирена, да застанам и да размислам како да се излезе од проблемите, кога сте сами хистеријата и очајот само ставаат облаци на вашиот ум и се влошува сè, научив дека речиси секогаш има решение, а ако не, сфатив дека судбината ни помага ставајќи некој или нешто на патот што ни е потребно. За мене е она што сега имам повеќе доверба во самата себе, и, исто така, многу вештини, сега научив и можам да се справам со секој вид на луѓе, да работиме во тим со Ману, и физички сум појака, она што го бара патот, кампување и пешачење или временските услови.

Што Ви предизвикало најголем страв до сега?

Како и претходните прашања се неколку приказни кои се вклопуваат во оваа една, но јас ќе ги паметам засекогаш деновите поминати на Памир планини во Таџикистан. Ниски температури на кои возевме на 10 ° C под нулата и во ноќите до -20, во период на почетокот на зимата се соочивме со олуја од снег која не замрзнуваше и дезориентираше во планината, под притисок од височината, до речиси 5000 метри н.в која предизвикуваше експлодирање на капиларите и бевме принудени неколку дена да поминеме во село на 3000 метри, поради симптоми на болест од надморска височина за да се адаптираме, ледените патишта многу често го бутнаа мотор на земјата, и сето тоа во една голема област во која живеат многу малку луѓе, а ние патуваме без GPS и мапа, тоа беше најлошото искуство што го имавме, кое не доведе до граните на возможното, но успеавме да се соочиме и со тоа. И сега сме горди што се осмеливме во тој период да го поминеме овој пат.

Многу пати сме слушнале дека слободата има цена, Која е цената на Вашата слобода?

Мислам дека може да се сфати цената со моите претходни одговори, да се биде далеку од семејство и пријатели, тропски болести, да се поминат денови во голем студ, да завршат некои денови со болки во тело, спиење на под, многу пати оброкот да ни бидат леб и чај, средби со корумпирани полицајци, незгоди како оваа што сега ја скршив ногата, да направиш чуда со заштедата за да трае подолго, итн .Но, сепак, секогаш вреди да се има чувството на слобода и да го правиш она во кое најмногу уживаш во животот.

Што Ве растажи во текот на патувањето?

Незнаењето и неинформираноста на луѓето за да ја сфатат планетата како наш дом, да го уништуваат она што го имаат во нивните земји, да оставаат нечисто зад себе, загадувањето кое ќе заврши со нашата сопствена егзистенција. Оштетување на планетата која е толку убава, за мене е многу тажно.

Кое прашање љубопитните луѓе најчесто Ви го поставуваат?

Помеѓу многуте прашања што луѓето ги поставуваат едно е меѓу нив кое секогаш покасно или порано, но никогаш не е изоставено, а тоа е од каде ги наоѓаме парите за ова патување. Мислам дека тоа е бидејќи тие бараат изговор заради кој не го живеат својот сон, а изговорот е немање пари, очекувајќи одговор од мене дека потекнувам од богато семејство или дека имам некој кој ми праќа пари за да патувам. Не ми се допаѓа што многу пати ова е прво прашање што ми го поставуваат. Кога јас се среќавам со некој што прави нешто поразлично, она што ме интересира е друго. Но, од друга страна ме радува што можам да им одговорам дека со продажба на мојот рачно изработен накит на плажа на туристичко место успеавме да го купиме моторот и основните работи кои ни се потребни за ова патување, дека трошиме многу малку, не спиеме во хотел ниту јадеме вкусна храна од ресторан, и продаваме фотографии од нашето патување за да ги платиме поголемите трошоци како што се авионските карти и транспорт на моторот преку океан. Во поново време исто така почнавме да примаме средства за она што го документираме и работиме со љубов. Како заклучок парите што ние ги трошиме за ова патување се помалку вредни од автомобилот на повеќето од луѓето кој го читаат овој текст. Кога тие ќе разберат дека имаат повеќе пари од нас, нивните ликови се збунуваат и тогаш е јасно. Тие не го следат својот сон заради немање пари, или заради немање храброст да се соочат со тоа?

Објавено:
19 февруари 2015