Интервју Јана Бурческа и Виктор Апостоловски: Заедничкиот шопинг не ни е силна страна

Интервју со •
13 декември 2013

Позитивни, насмеани, полни со енергија и расположени да разговарaaт за мода, младата двојка Јана Бурческа и Виктор Апостоловски, поминаа едно забавно претпладне во нашата редакција.  Досега јавноста имаше можност да ги запознае на музички план, а сега за нашите читатели ги споделија и нивните модни ставови. Не само што ни пренесоа дел од нивниот плакар, туку и ни открија како изгледа еден нивен заеднички шопинг, колку си влијаат еден на друг врз изборот на облека, како тие ја доживуваат модата, и уште многу други нешта што можете да ги прочитате во интервјуто во продолжение.

Што претставува модата за вас?

Јана: Модата е многу повеќе од прачињата што ги имате на себе. Постои синџир-врска зошто сме го облекле тоа, зошто токму денес, зошто во таа боја... Тоа е начин на изразување, и е нешто индивидуално... Секој од нас праќа некаква порака. Има неколку дизајнери што многу ми се допаѓаат, на пример Александар Меквин, бидејќи е најдраматичен, како и Ели Саб и ја следам нивната работа, но не сум подложна на трендови.

Виктор: Модата за мене не е нешто моментално или само еден правец. Јас ја доживувам како нешто индивидуално. Модата за мене, како и музиката е – го пејам, односно, носам она што го чувствувам. Сметам дека е најдобро секој да биде тоа што е, и особено би истакнал дека е важно да не сме подложни на предрасуди. Тоа кај нас од најмала возраст се случува. Сите сме на свој начин посебни и имаме свои предности и недостатоци во однос на другите. Затоа, треба да гледаме, не само кога е модата и изгледот во прашање, туку на сè – ова ми е подобро во однос на другите, а не ова ми недостасува.

Како го опишувате својот стил? Ви влијае ли музиката што ја сакате и слушате врз тоа како се облекувате?

Виктор: Мојот стил порано беше многу поспортски. Тренерки, маица, добри патики... Зборувам за секојдневните комбинации. Сега пак, кај мене доминира црно и бело, комбинации со кои не може да се згреши. Имам навистина многу парчиња во многу бои и што е интересно ниту една не се повторува.  Ако имам две работи во иста боја, тоа е среќа (смеа). Немам некој посебен стил, ниту тоа ме преокупира. Се облекувам онака како што се чувствувам.

Јана: Па, јас како тинејџер често го практикував тоа. Брат ми ме викаше Јана – црна врана. Постојано носев облека во црна боја. Имам периоди кога постојано носам некоја боја, како што беше случај со жолтата неодамна... Но, сепак, најчесто им се враќам на темните, загасити нијанси на сива, бордо, црна, тегет... А секако во лето, и атмосферата те инспирира, па сакаш да имаш нешто во впечатливи бои на себе. А, што се однесува до тоа како стилски би се опишала... не знам... Секогаш сум различна. Кај мене многу се разликуваат комбинациите што ги носам секојдневно, од она што би го облекла за да излезам навечер, а уште повеќе од сценската облека. Некако сум недефинирана, што од една страна можеби и не е така добро, но од друга пак, значи дека сум адаптибилна.

Колку ти се допаѓа тоа што постојано треба да се менуваш?

Јана: Па ми се допаѓа, тоа ми привлекувало внимание уште од мала... Сепак, колку и да се менува облеката не се менува енергијата што ја носам...

Одите ли заедно на шопинг и колку си влијаете врз изборот на облека?

Виктор: Имаме неколку такви обиди, да речам, но не беа многу успешни. На Јана ѝ се допаѓаат некои работи, па сака да се врати и сама да одлучи. Што се однесува до мене, кога ќе ме праша, мене сè ми е убаво на неа.

Јана: Јас честопати знам недостатоци да си најдам.

Виктор: Еднаш реков дека треба да купи еден фустан и го погодив.

Јана: Да, тој фустан многу ми го испофалија...

Виктор, кога е шопингот во прашање, во која категорија спаѓаш – мажи кои уживаат во шопинг, или мажи кои купуваат само кога мораат?

Виктор:  Навистина сум мрзелив по тоа прашање. И генерално, кога се работи за купување. Ми треба многу време да се одлучам да тргнам во шопинг. Но, кога ќе влезам во продавница, не го купувам првото што ќе го видам, сепак ме интересира што има и се трудам да „погодам“ успешна комбинација.

Имате ли омилено парче облека од партнерот?

Јана: Сини пижами, што и јас знам да ги облечам.... А Виктор сака да ме гледа во еден златен фустан (смеа).

Виктор: Не, јас Јана најмногу сакам да ја гледам во обични летни маички. Што помалку облека на неа, подобро (смеа)...

За време на шоуто Идол, Виктор многумина и според стилот и според изведувањето те споредија со Џастин Тимберлејк. Како гледаше на тоа тогаш?

Виктор: Уште на првиот мини концерт пеев песна од него, што беше пропратено со неговиот стил на облекување, што и беше нормален след. Оттаму е препознавањето. Оттогаш сменив многу стилови, но тие го гледаа повторно Џастин.  Од една страна ми пречеше затоа што се претеруваше во тоа, но од друга страна – не, затоа што тој сепак, не е само музичка, туку и стилска икона.

Со оглед на тоа дека се занимавате со музика, честопати преку песните имате можност да се вратите во различни музички декади. Да имате моден времеплов, во кое време би сакале да се вратите?

Јана: Би се вратила во времето на Одри Хепберн, многу ми се допаѓа модата од средината на минатиот век.

Виктор: Мене ми се особено интересни шапките и елечињата. Тоа некако најмногу  ми се допаѓа и сакам да го носам. Постоеше период кога поинтензивно слушав  блуз, фанк, соул, сега слушам нео-соул.. Не би се враќал многу наназад, 20-тина години отприлика, кога и фанкот и нео-соулот и да речеме, диско музиката, па и хип-хопот, почнуваа да заземаат поинаков правец.

Јана веќе извесно време работи со Антонија Ристовска кога е во прашање облеката за настапи, а за време на Идол и двајцата имавте можност да соработувате со стилисти. Колку ви се допаѓа тој начин на соработка? Колку примате сугестии и верувате на нечија замисла?

Виктор: Кога ни кажаа дека ќе работиме со стилисти, а јас на Идол дојдов како битолчанец со тапија, што значи со одредени цврсти ставови за модата и шминката, па може да се заклучи дека не бев многу воодушевен. Првиот пат кога требаше да ме нашминкаат, многу се противев, дури и се лутев. Не бев навикнат. Истото беше и со стилистите. Јас им кажав дека ако мислат дека од мене ќе направат Лејди Гага, се излажале. Така што, немаше некои екстремни промени кога бев јас во прашање. Сепак, најдоа начин да бидам оригинален и задоволен сум од тоа искуство. Можеби и да се експериментираше малку повеќе, немаше да биде проблем, но тогаш не бев подготвен на тоа.

Се сеќавате ли на првото парче облека што сте си го купиле од свои пари?

Јана: Од првите поголеми пари што ги заработив си купив костим за капење од „Лиска“, кој сè уште го имам.

Виктор: Јас кога почнав да заработувам, првото нешто што го купив беа патики и дуксер. Ги гледав подолг период, ми лежеа на душа и многу сакав да ги имам. И таа желба ми се исполни. Но, она што е интересно е што дуксерот сум го облекол само неколку пати, сè уште ми стои дома и ме потсетува на овој момент.

Кога веќе ги спомена посебните моменти, има ли некое парче облека за кое сте емотивно врзани и не можете да го „фрлите“, без оглед на тоа што повеќе не го носите?

Јана: Јас имам еден дуксер што ми го подари братучетка и го викав „дупчо“, затоа што имаше отвори на ракавите и за палците.  Сив е, со вез и цветови... јас веќе не го носам, но сестра ми е на таа возраст кога би можела да носи, сепак не го давам (смеа).

Виктор: Има неколку работи што ми се драги. Сите се поврзани со мојата пливачка кариера. Почнав на 8-9-годишна возраст да се занимавам со пливањето и сите маици и останати работи што ги добиваме низ годините, ги чувам до денеска. Некои од подоцнежните возрасти и сè уште ги носам. Се смеевме пред извесно време со брат ми, за една  маица од Илинденскиот куп од 2000-та, тогаш се плива мал маратон,  и тогаш за првпат учествував, ја чувам маицата, која и денес ми е голема, што значи дека тогаш буквално „сум пливал“ во неа (смеа).

Според вас, кој подобро се снаоѓа во модата – мажите или жените?

Јана: Жените имаат повеќе избор. Кога имаш повеќе избор, поголеми се шансите да се облечеш „правилно“.

Виктор: А и повеќе се трудат!

Јана: Сепак, тоа можеби е и наметнато мислење, бидејќи познавам многу момчиња што навистина посветуваат многу време на својот изглед. Сепак, генерално мислење е, иако можеби звучи и како клише, но јас верувам  дека е вистина, дека жените повеќе време посветуваат на изгледот, а на крајот на краиштата и поинтересно им е во таа игра. Се чувствуваат како на свој терен.

Виктор: Ако тргнам од себе, тогаш жените се многу поуспешни (смеа). Морам да потенцирам дека кај мене проблемот е што многу доцна почнувм да се подготвувам, па затоа и трае долго...

Сте имале ли модна анегдота?

Јана: Еднаш ми се случи да ми „пукне“ фустан пред настап, но и тоа успешно се реши. Инаку, она што посебно не ми се допаѓа во последно време, особено откако дојдоа high street брендовите кај нас е, што речиси секоја втора девојка носи иста комбинација. И мене неколку пати ми се случило да купам нешто, и да видам на факултет уште две-три со истото парче и тоа воопшто не ми се допаѓа. Истото ми се случи и како многу помала, кога беа актуелни патики што „светат“ додека чекорите. Многу сакав да ги имам, на родителите им се здодеа да ме слушаат  и ми купија. Но, ги облеков само неколку пати, затоа што и сите други ги имаа.

Виктор: Мојата анегдота е уште од градинка, но ја паметам до денес. Отидов во нови алишта од глава до петици. Сите другарчиња ме прашуваа од каде ми се, навистина беа убави. Но, јас сакав да се направам фраер. Беше зима и имавме една лизгалка, а јас да се покажам пред другите, наместо да одам на посигурната страна, каде што имаше можност да се придржам, јас отидов на сред лизгалката и се пуштив и ги скинав панталоните. Но, ги скинав толку многу, што не можев да ги сокријам ниту со рака, па цел ден одев до ѕид, со уште еден другар кој на истиот начин ги скина, за да не се шегуваат со нас.

Објавено:
13 декември 2013