Интервју Катерина Гата: Се двоумев помеѓу професиите стилист и моден фотограф

Интервју со •
24 мај 2014

Достоевски во една прилика рекол  „Ништо не е случајно, туку сè е веќе однапред договорено“, јас пак би рекла дека постојат работи кои сосема случајно ќе ги направиш, а потоа стануваат значајни чекори во животот или кариерата. Неодамна ја имав честа да  направам интервју со италијанската дизајнерка  со романско потекло Катерина Гата која цврсто чекори во модниот свет презентирајќи поинакви модни перцепции.

Вистински љубител на бои, убави винтиџ ткаенини и создавач на еден поинаков дизајн во чија срж е вткаен целиот нејзин талент и чувството за автентичност. Младата дизајнерка чие презиме преведено од италијански значи „мачка“, лавовски се бореше и стекна голема популарност благодарение на соработките со најдобрите светски модни списанија како Elle,Vogue, Harper’s Bazaar, Glamour, W Magazine, учество на модните недели во Њујорк, Милано, Лондон и Париз и значителна поддршка од  модната уредничка Франка Соѕани на италијанската едиција на списанието Vogue.

Следејќи ги модните насоки од минатото таа се обидува да ги проектира во иднината. Експериментирањето со спротивностите и овозможуваат да создаде траен и безвременски стил. Сите нејзини колекции изобилуваат со уникатни парчиња.

„Од мали нозе, па се додека не наполнив дваесет години, не ни помислував дека модата ќе биде моја професија. Всушност, јас сакав да бидам актерка, но таа „еуфорија“ траеше само додека студирав (дипломирав на факултетот за наука мода и уметност во Рим и Сент Мартинс во Лондон), таму сфатив дека модата многу повеќе ми се допаѓа. Срамежлива сум за да бидам актерка“, открива дизајнерката.

Стекнатото образование во рамките на престижните модни училишта во Рим и Лондон и овозможиле да се стекне со работно искуство кое е тесно поврзано со модата и ќе и пресуди во однос на нејзината професионална определба.

„За време на моето студирање, имав можност да се стекнам со различни работни искуства од различни сфери на работа. Бев практикант во една продавница каде се продаваа винтиџ парчиња облека во Рим, додека паралелно бев и соработник на една американска рекламна агенција, која што има свои канцеларии и во Њујорк и во Лос Анџелес, а за време на модната недела работев како асистент на моден новинар од Анса, Роберта Филипини. Сите овие искуства што ги спомнав погоре, беа пресуден фактор за да одлучам по која патека ќе се движам во иднина. И секоја патека ми овозможи да спознам различни искуства и да се соочам со различни ситуации. Според мене мислам дека единствениот начин за да го откриете вашиот сензибилитет и талент е рано да започнете со работа, а особено за време на студирањето. Јас немаше да станам стилист, ако претходно не сум видела како изгледа една винтиџ ткаенина. Признавам дека се двоумев помеѓу професиите стилист и моден фотограф“ раскажа Гата.

Храброста е одлика на истрајните луѓе и оние кои се полни со самодоверба и кои имаат визија и своја цел, сакаат и знаат како да создадат бренд и успешно да го пласираат на модниот пазар. Еве како Катерина го градеше својот бренд:

„Тоа се случи во далечната 2009 година, најдов парче ткаенина кое и припаѓало на принцезата Ирене Галитзине. Знаев дека постојат и други такви материјали, почнав да истражувам и ете... креирав мини колекција на облека само за мене. Стануваше збор за фустани што можев да ги носам за време на модните недели, но бројот на парчиња облека се повеќе се зголемуваше и сметав дека целата приказна која се роди сосема случајно е премногу важна за да се базира само на некаква страст која ќе биде заклучена во мојот гардеробер. Сакав оваа прекрасна приказна да му ја раскажам на светот. Се обидов да го отворам мојот куфер и да им презентирам мојата работа на медиумите и на клиентите и воопшто на оние кои имаа слух за неа“, вели Катерина.

Катерина е личност која на еден малку поинаков начин ги доживува и ги восприема надворешните енергии и вибрации. Таа ги користи како инспиративни музи.

„Инспирација може да се изроди буквално од се: филм, уметнички движења, музичко парче, архитектура, некаков мирис или патување. Да речеме дека во мојата работа секогаш се тргнува од материјалот, а потоа се креираат формите според кои ќе се базира основниот крој на моделите. Во февруари минатата година јас ја презентирав мојата прва колекција со материјали кои сама ги дизајнирав, а принтовите и апликациите ги работевме заедно со една италијанска сликарка. Ткаенината е најважниот дел од мојата работа, сакам да експериментирам и затоа работам со различни видови на материјали. Покрај свилата, сакам да користам кожа и латекс“ ни кажа младата дизајнерка.

Нејзините креации можат да се најдат во неколку продавници, но можат да се купат и онлајн, а покрај модата и дизајнот таа е вистински сестрана личност бидејќи има афинитети кон многу други уметности, кои засега ги третира како хоби.

„Филмот, фотографијата и современата уметност. Индиската музика. Би сакала навистина да научам да свирам на тапани и би сакала да работам како костимограф за некој супер голем и популарен филмски проект. Би сакала да бидам костимограф на индиските женски бендови и да ги облекувам. Ја сакам мојата работа баш поради фактот што ми овозможува да творам во различни сфери и области и на тој начин да се реализирам себе. Не се согласувам со тоа дека животот е само мода“ самоуверено одговара Гата.

Според нејзините модни преференции една жена никако не смее да си дозволи да биде модна жртва и слепо да ги следи актуелните модни трендови.

„Свесно или не ние сите следиме некакви трендови. Добро е да знаеме која насока ја следиме, но уште по важно е да знаеме да ја одбереме вистинската патека и трезвено да носиме одлуки, без притоа насилно и слепо да ги следиме последните модни актуелности“, ни кажа Катерина.

Особено е горда на што имала можност да се претстави на модните недели во Милано, Лондон, Париз и Рим и што нејзините креации ги красат страниците на светски познатите магазини и списанија.

„Моите креации се најдоа на страниците во Vogue, Elle, Harper’s Bazaar, Glamour, W Magazine и други. Први кои ми ја пружија својата доверба објавија моја креација беа верувале или не, тимот на Vogue Италија. За ваквиот третман и можност огромна благодарност им должам на главниот и одговорен моден уредник Франка Соѕани и заменик модниот уредник Сара Маино“, откри италијанската дизајнерка со романско потекло.

За крај, дознајте кои се тајните состојки за моден успех што Катерина ексклузивно ги откри за читателите на fashionel.mk:

„Тајната на успехот според мене е да си наоружан со љубопитност, трпение, упорност, скромност многу среќа во комбинација со мала доза на лудило“, заврши Гата.

 

Објавено:
24 мај 2014