ИНТЕРВЈУ Константин Плевнеш: Често менувам стилови, но секогаш се обидувам да останам природен

Интервју со •
2 јули 2013

Константин Плевнеш, млад и талентиран режисер, креативен ум кој го освежува филмското платно и го интригира нашето секојдневие. Уметник кој знае да воодушеви со својата длабока смисла за животот и необичниот хумор.

konstantin-i-jordan-plevnesh

Колку  растењето во уметничко семејство придонесе за твојата професионална определба?

Целосно. Фактот што растев во уникатно уметничко семејство многу влијаеше на мојата професионална определба. На многу рана возраст конкретно го открив светот на Уметноста, на театарски проби и представи, музички концерти, балети, опери, поетски вечери, изложби, проекции на филмови...На пример на 2 години сум присуствувал на промоција на збирка поеми од Блаже Конески, кој се изненадил од тоа колку сум бил мирен и заинтересиран во неговата поезија. На истата возраст, Гане Тодоровски ми предавал Филозофија и Поезија. Сум играл во ателјеата на Ванѓел Наумовски, Киро Урдин и Омер Калеши. На сцената на Драмски и МНТ сум се соживувал со пробите на многубројни представи.

Што беше пресуден момент во одлуката за режисерскиот подвиг?

Имав 15 години. Таа година, во 1997-ма, во Париз, излезе филмот "The Boxer" на Ирскиот режисер Jim Sheridan, со Daniel Day Lewis и Emily Watson. Во париската гимназија „Auguste Rodin„ на часот по Историја на Уметност имавме можност да учествуваме на филмски проекции, и потоа да ги анализираме прецизно филмовите. Така го открив филмот на Шеридан. Тоа беше пресудниот момент за мене. Гледајте го филмот и можеби ќе ме разберете.

Како се случува креативниот процес во создавањето на едно твое дело?  

Инстинктивно и случајно. Ретко планирано. Скоро секогаш неочекувано.

 

Филмовите „Планета Баир“ и „Милчин – прв чин“  се твоја креација. Од каде проникнува идејата за ваквите режисерски остварувања?

Од реалноста и моите соништа. Автоматски се идентификувам во идеите и протагонистите на моите филмови. Тотално се препознавам во сите ликови на Планета Баир и Заборавените. За Владимир Милчин можам да кажам дека го сметам за втор татко и единствен ментор во моето уметничко творештво.

Кои тематски содржини најчесто инсистираш да ги разработуваш во своите уметнички поставки?

Вистината и нејзините разни лица.

Колку твојата режисерска имагинативност постои и во твојот личен стилски израз?

Се е поврзано. Не знам како да го опишам мојот личен стил. Нешто помеѓу урбано, елегантно, автентично, класично и понекогаш спортско. Многу еклектично, но не комплицирано.

Со оглед на фактот дека целиот свој живот го имаш поминато во лулката на модата – Париз. Колку окружувањето и дружењето со француските идеали помогнаа во стилизацијата на модниот израз?

Париз е една од најзначајните светски модни метрополи. Ја имав среќата да растам во тој магичен град, и тоа во срцето на градот, во Латинскиот Кварт, 5-от Арондисман (Кварт), благодарение на желбата на моите родители да останеме во Париз а не во предградијата каде што можевме да живееме во поголеми и по удобни станови, но подалеку од градот. Фактот што сум школуван во Латинскиот Кварт, од прво, (1988) во Основното Париско Училиште Ларбалет, многу влијаеше на мојот личен стил, бев директен сведок на светската мода од 6 години; мојата прва другарка беше мелес јапонка и французинка, се викаше Јоко и имаше многу оригинален стил, многу убава мешавина помегу јапонски и француски стил, нешто уникатно. Таков моден меланж може да се доживее само во Париз. Француските идеали на Слобода, Еднаквост, Толеранција, и Култура многу помогнаа во позитивната и клучна еволуција на стилизацијата на модниот израз. Имиња како Ив Сен Лоран, Жан Пол Готие, Шанел, Вуитон, Диор, Живанши, Герлен итн... се само мал дел од француската модна империја.

Се сметаш ли за модно љубопитна личност? Колку често ти се случува да ги обиколиш модните куќи?

Често патувам, и секогаш се враќам со нова гардероба. За нова година бев во Амстердам на пример, и бев воодушевен од огромниот избор на модни брендови и тоа на многу поволни цени. Во минатото сум бил на шопинг и во Њу Јорк, Бостон, Токио, Каиро, Прага, Брисел...

Дали експериментираш со изгледот или секогаш си за онаа класична комбинација на бои и форми?

Флексибилен сум, експериментирам понекогаш, често менувам стилови и бои, но секогаш се обидувам да останам природен.

Што најмногу го карактеризира твојот секојдневен изглед ?

Зависи од денот, расположението, времето, мојот секојдневен изглед не е фиксен.

Дали активно ја следиш Париската и воопшто светската трендовска мода?

Не баш, но мојата придружничка Марија активно ја следи Светската Трендовска мода, и многу ме инспирира во моите авторски дела со нејзиниот софистициран и авангарден вкус. Со оглед на тоа дека го има поминато нејзиното детство во Германија, нашите вкусови често се совпаѓаат. Совршено се дополнуваме.

Колку имаш практика да присуствуваш на модните ревии за машка мода и дали има одредено дизајнерско име што посебно го почитуваш?

Сум присуствувал на модна ревија на Армани во Париз, и на неколку непознати Дизајнери. Но името кое најмногу го представува мојот личен вкус и стил е Келвин Клајн.

Твоето име често се појавува во низа музички, филмски и театарски проекти и во креативни работилници за филм и во земјава и во странство. Кој од овие проекти најмногу те исполнуваат?

Филмски и Театарски проекти ми се во прв план, но и музиката е секогаш потребна во тие сфери, така да можам да бидам активен на повеќе нивоа во моите креации. Свирам клавир, гитара, бас, и се занимавам со музика повеќе од 15 години, но исто така пишувам, монтирам, сликам и глумам.

Во моментов твојата инспирација на што е насочена? Дали ќе не изненадиш набрзо со режирање на некое интересно и несекојдневно театарско или филмско дело?

Последните 5 години спремам еден долгометражен во сценарио на Христо Бојчев, меѓународна продукција со актерска екипа од цела Европа, Франција, Германија, Белгија, Италија, Бугарија, Македонија, Србија... Исто така спремам представа во новите простории на МНТ со Никола Ристановски, текст од Албер Ками во адаптација на Јордан Плевнеш. Со синот на Кокан Димушевски, Милан, извонреден и генијален музичар, спремам албум и многубројни соработки на филмови и представи. И за крај, годинава со Владимир Милчин и неговите најзначајни студенти, планирам да го снимам вториот дел на документарната трилогија која му ја посветувам.

Објавено:
2 јули 2013