Интервју Лили Кадинска: „Не сакам да им робувам на концептуалните граници“

Интервју со •
9 октомври 2013

 

Како изгледа еден твој ден?

Немам некоја стандардна шема по која се што се движам. Најчесто денот ми почнува со пиење кафе, задолжително, а после тоа ми започнуваат работните обврски. Доколку пак, немам обврски во училиштето каде предавам дизајн, тогаш времето го поминувам во моето ателје каде подготвувам  нови колекции, креирам, работам со клиенти, од прилика така изгледа еден мој ден.

Кажи ни нешто повеќе, за твоето образование, за почетоците кога се роди желбата за мода...?

Нема некоја посебна приказна врзана за тоа како одлучив да бидам дизајнер, се беше многу спонтано. Уште од мала цртам скици, ме интересира правењето комбинации, па така во средно кога требаше да изберам каде ќе се запишам знаев дека сакам да бидам дизајнер. Потсвесно секогаш сум ја имала желбата, но не сум гледала никогаш како на моја примарна професија. Имам завршено на Академијата за уметности во Софија, Република Бугарија  и можам со сигурност да кажам дека навистина ми е многу мило што денес еве работам како дизајнер и што ја избрав токму оваа професија, како моја животна определба.

Што е за тебе мода?

Модата јас ја разбирам како малку поширок поим и никогаш не гледам на модата како нешто што е стриктно поврзано со облеката, мислам дека е нешто повеќе, тоа е начин на живот, култура, поврзана е со општеството во кое што живееме, со социјалната средина од каде што потекнуваме, поврзана е со карактерот на луѓето, со филмовите кои ги гледаат, музиката која ја слушаат, модата низ историјата, низ годините секогаш се поврзувала со некои субкултурни движења. Преку облеката пример можело да се открие расположението на луѓето и социјалните прилики на кои што битисувале.

Како гледаш на модата кај нас и надвор од границите.Што и недостига на нашата модна сцена?

Модата кај нас можам да кажам дека последниве години е во подем, меѓутоа се уште не сме на ниво со модата во Европа. Во последно време контактирам со дизајнери кои работат и живеат надвор од Македонија и она што го разменуваме како информација, го потврдува фактот дека ние сме поназад со модата. Недостигаат места каде што ќе можат дизајнерите да ги изложуваат своите колекции, да продаваат, фалат концептуални продавници, фали пред сè култура кај луѓето да купуваат модни производи од македонски дизајнери. Сметам дека се уште на некој начин оние кои што можат да си дозволат парче од моден дизајнер го потценуваат домашниот пазар.

 

Колку и дали и се пристапува од професионален аспект на модата кај нас?

Сметам дека немаме проблем со организација на модни настани и со професионалноста со која се пристапува на тие модни настани, но фали платформа која што ќе им овозможи на модните дизајнери производите кои ќе ги покажат да бидат видени од страна на купувачи, и истите тие купувачи не да купат само едно или две парчиња, туку да бидат во можност да нарачаат цели серии. Сметам дека треба да се направат напори, се надевам еве во иднина дека ќе се направат напори баш од страна на тие модни организатори, ако во Македонија ги нема тие услови да се донесат купувачи тогаш да ги донесат од надвор, затоа што кога плаќаш учество на некој моден настан за да ја покажеш колекцијата, очекуваш позитивен feedback. А, позитивниот  feedback подразбира продажба на колекцијата. Е сега ако не си во Скопје, многу значи тогаш кога ќе ја покажеш колекцијата на лице место да има некој кој ќе ја види и ќе може да си купи нешто од неа.

 

Наближува модната недела. Дали ќе учествуваш?

Оваа година нема да учествувам на модната недела ќе направам исклучок, мала пауза, имам некои други работи во план, но за наредната се надевам дека ќе се видиме таму.

Имате нова колекција за актуелната сезона есен-зима 2013/14,  кажете  ни нешто повеќе за тоа, која беше идејата, мотото  што сакаш да порачаш со новата линија?

Значи оваа колекција е направена наменски, со оваа линија ќе учествувам на еден моден настан во Германија, чија тема е „Punk meets glamour rebelicious“ . Панкот го зедов како инспирација но не се работи за колекција изработена со мотиви од типичен панк, туку можеби повеќе се придржував до филозофското значење на панкот како правец и бунтовништвото како негова асоцијација. Колекцијата ја направив според призмата на моето видување на панкот и неговата филозофија.

 

Работата како дизајнер бара постојана ажурност, следење трендови, идеи, креативност, иновации, од каде се инспирираш?

За секоја колекција приказната е различна, често се случува да ме инспирира допирот со некој материјал, а после во главата да си го замислам целиот модел или обратно и секогаш гледам приказната да е некоја тема за која не морам да се врзувам за конкретни нешта, многу сакам да играм дури дизајнирам, со бои, форми, со дезени и секогаш гледам темата која ќе ја одберам, односно концептот да ми служи мене, а не јас нему.  Не сакам да робувам на некакви концептуални граници.

Кога креираш, од што тргнуваш првенствено, опишете го процесот од идеја до реализација?

Во принцип прво ги бирам материјалите, а претходно веќе во главата имам некоја идеја по која се водам така да кажам. Никогаш не бирам материјал без претходно да имам некаква идеја, но таа не е изградена и треба да ја оформам, за да ја спојам целата приказна. Значи процесот отприлика оди вака: идеја, материјали, концепт, скици, потоа доаѓа конструирањето, шаблоните и на крај реализација на готов производ. Но морам да кажам барем кај мене, до финалниот производ, без оглед на тоа што имам направено скица, моделот скоро секогаш претрпува одредени промени. Процесот на реализација е малце подолг, трае неколку месеци и никогаш не се држам конкретно до планот, си дозволувам да излезам од границите и да направам некои промени кои претходно не ми биле планирани.

Дали кај нас девојките и жените генерално можат да се носат со епитетот модерни?

Па мислам дека во последно време се буди свеста не само кај женската популација, туку и кај машката. Се трудат навистина, но мислам дека треба да знаат да ги разграничуваат ноќните од вечерните изгледи. Значи ова не важи за сите, ќе си се пронајдат тие што ете да кажам условно премногу се дотеруваат. Им фали пак доста на сите за да бидат модерни, сега не можам да кажам модерни затоа што тоа е релативно. Најважно е човек да изгледа убаво, средено, негувано и пристојно, во смисла вкусно и естетски да ги задоволува критериумите. Да се чувствуваат свои и да им е комотно во тоа што одбрале да го носат. Затоа што некогаш се случува некој да е облечен во некоја комбинација за која сме мислеле дека не стои воопшто, но тој човек толку добро ја носи , што ти изгледа супер. Не е до стилот, до цената, до моделот, туку и до начинот како ја носиш комбинацијата. Во плакар ќе најдеш и од баба ти некое здолниште па со добра комбинација може да изгледа мошне скапо и убаво.

 

Според тебе кој е трендот што ќе ја одбележи актуелната сезона?

Сметам дека еден тренд кој ќе ја одбележи оваа сезона е дефинитивно карото.

Што значи Le Brand?

Тоа е етикетата по која работам. Ова е петта колекција на Le Brand. Барав етикета под која што ќе работам и сакав да звучи по интернационално  и така се случи Le Brand по сугестија на пријатели, мене ми се допадна името и го зедов како свое.

Твои идни професионални планови?

Ја најавив мојата ревија во Германија, на Fashion Bazaar, во голем show room.  Се работи за продажно изложување, значи не се работи за класична модна ревија. И на ова гледам како почеток на соработка за моја промоција надвор од границите на нашата земја. Тоа го правам во последно време, барам начин да ги пласирам моите дизајни надвор.

 

 

Објавено:
9 октомври 2013