Интервју Маја Сашек: Успехот во модниот свет се должи на мојот карактер!

Интервју со •
6 август 2013

Кога би направила една паралела од твоите почетоци во модниот свет, па се до денес, каква беше тогаш Маја а каква е сега, што всушност беше отскочна даска која те донесе на врвот?

-Моите најблиски велат дека карактерно сум истата, но со многу повеќе искуство и попрефинет вкус за естетика. Сега знам многу повеќе за светот и за убавината на секоја нација што сум имала прилика да ја запознаам. Освен физичкиот изглед, карактерот е главната причина за долгогодишна соработка со многу агенции и клиенти, како и повеќето кампањи кои што ги имам сработено во текот на мојата кариера.

Милано,Париз,Токио,Хамбург, Дубаи беа модните престолнини каде со години наназад беше ангажирана, што се научи од тамошниот третман на модата и колку тоа влијаеше на тебе?

-Научив дека сите имаат свој начин на работа и дека треба да се прилагодиш на нивните услови и на тој ритам на живот доколку сакаш да бидеш успешен.

Оваа година твоето лице се најде на насловната страна на Мери Клер а притоа ги рекламираше дијамантите на Картие, што претставува за тебе овој ангажман и дали рекламирањето на дијаманти значи и поголема заработка?

-Нормално, ми претставува огромно задоволство да бидам ангажирана од такви големи имиња и е секако огромен плус и од финансиски аспект, како и за кариерата.

Доколку на интернет се впише твоето име, навистина може да се прочитаат бројни епитети, како се носиш со секој од нив?

-Секогаш ми е многу драго кога ќе прочитам убави коментари, а особено кога добивам комплименти на улица кога сум најобично облечена, без шминка и фризура.

Дали популарноста и убавината ти олеснуваат ситуации низ секојдневието?

-Ехеееее

Само пар манекенки од Македонија успеаја да изградат светска манекенска кариера. Која од нив според тебе чекори по вистинскиот пат?

-Катарина Ивановска одамна докажа дека е на вистинскиот пат.

Како тече работата во твојата агенција „Лица кастинг“ www.lica.mk и дали е тешко да се најдат убави девојки кои се спремни за професионални ангажмани?

-Работата оди одлично сега за сега, има многу заинтересирани лица за снимање на реклами и други настани, но тешко е да се најде девојка која што физички ги исполнува стандардите на светските модни агенции.

Кој е најтешкиот ангажман што си го имала досега и дали се исплатеше?

-Кога си ја сакаш работата ниеден ангажман не ти претставува потешкотија, а особено кога е многу добро платен (се смее). Потешкиот дел за мене претставува тоа што сум одвоена од најблиските бидејќи знам да бидам прилично носталгична, посебно по внука ми Јана.

Што се има во плакарот на Маја, кои се твоите омилени парчиња од кои не се откажуваш?

-Не се приврзувам со одредени парчиња, а во мојот плакар ќе најдете најмногу лежерни парчиња. Го сакам едноставното во комбинација со модни додатоци.
Оние што те познаваат знаат дека ретко користиш шминка, дали тоа значи дека силно и веруваш на твојата природна убавина?


-Искрено, мислам дека повеќе ми прилега природен изглед, отколку јака шминка. Иако не излегувам од дома без коректорче и маскара.  

Од кога се појави па се до денес твојата витка линија е непроменета, која е тајната?

-Не баш дека не е променета, варира затоа што сум голем гурман. Но, кога ќе забележам дека сум ја надминала границата, веднаш преземам нешто, односно се исхранувам поздраво и вежбам.

Заминуваш на летен одмор, каде, со кого и кои се твоите понатамошни планови кога е во прашање манекенството?

-На одмор ќе одам во Грција со моето момче  и со друштво, а во септември заминувам за Дубаи бидејќи ме чекаат многу ангажмани.

Објавено:
6 август 2013