Интервју Мартин Матине: Она што се случува во моментов, тоа е животот!

Интервју со •
23 декември 2014

Градските приказни од куферот на светскиот патник...

Доколку во животот ви требаше само малку поттик конечно да ја посетите земјата што долго ја посакувавте и да се наполните со нова енергија, инспирација и да создадете пријателства за живот, следната приказна ќе ве убеди дека тоа и не е некоја научна фантастика. Нашиот патник го прави тоа постојано... Уметник во душа, правник по професија и основач на сосема поинаков лајфстајл веб сајт, Мартин Матине е човекот што денеска ќе ви донесе свежа енергија во зимското сивило на безначајни проблеми и туѓи маки. Во моментов е посветен на магистерскиот труд по деловно право, за што ќе каже дека иако далеку од уметноста, не жали што го одбрал конкретното образование. Во секогаш мистичната атмосфера во Старата скопска чаршија, имавме можност да поминеме едно спокојно попладне токму со овој човек за кој нашата солидна дарба за препознавање на искрени таленти, ни кажува дека допрва ќе слушаме. Приказната од неговиот кожен куфер почнува кога тој ја добива првата награда на цела територија на Македонија со еден посебен цртеж за кој ќе каже дека бил искрена, детска мотивација за обожување на уметноста.

-Целиот мој живот, потсвесно, колку и јас да не сакам, се базира на сите оние уметнички аспекти околу мене, почнувам поинаку да ги перцепирам работите во околината од сите останати. Како ги гледам тие работи, така и јас како некој градски камелеон се прилагодувам и веднаш знам како да се вклопам во ситуацијата. Без разлика на тоа каде седам и со кого сум, јас се ставам во улога на тој локал, се поистоветувам со тие луѓе.

И додека некому му е незамисливо да ги спакува куферите и без мапа да тргне во најголемото јаболко на светот, нему тоа не му било проблем. Откако ги завршил административните процедури и го известил семејството и пријателите неделата пред да тргне, Мартин се впушта во проба на американскиот сон.

-Тоа е всушност целиот пресврт во она што денеска го правам, некоја отскочна даска од она општество во кое ние денес живееме. Приказната за Њујорк е многу интересна всушност... Решив да одам, извадив карта, никој ништо не знаеше, не им кажав ниту на моите дома...Кога дознаа, ми рекоа да „терам“, бидејќи не ми веруваа дека тоа всушност е вистина и дека јас сериозно заминувам за пет дена. Првичниот план, односно договорот сам со себе ми беше да останам три недели, така и ми беше закажан летот. Целата приказна таму, почна да се развива од момент во момент, запознав нови луѓе и всушност ми се случи една нова приказна и конечно, сфатив дека тоа е тоа. Потсвесно или свесно ти гледаш дека се менуваат работите околу тебе, нештата одат на добро, на интересно. Таму запознав многу интересни ликови, многу пријатни луѓе, и го отворив летот на неопределено, и конечно, после пола година се вратив дома. Целото мое денешно лајфстајл дејствување, е попримено од таа мултикултура таму, од тој поголем свет и дефинитивно, еден мал дел од срцето остана таму. Планот ми е сите проекти што сега ги работам, да бидат глобални...интернационални, да не бидат локални. Ако си добар бренд, ако се пробиеш, секаде можеш да делуваш.

Она во што тој секојдневно ужива го дели на два сегмента – фотографијата и сликањето на платно. Сам себе се опишува како креативец, како човек што сака да создава нови нешта. Од неодамна, почна со работа и неговиот веб сајт, каде тој искрено ќе пренесува дел од неговите љубови и мистиката што дефинитивно ја носи во себе.

Мартинс - омилените на Мартин! Мартинс - омилените на Мартин!

-После Њујорк се препородив, сакав сѐ одново да допрам, и со самото тоа што сакав сѐ да дознаам, да допрам, некако се роди новиот јас. Можеби тоа звучи малку апсурдно, но сепак човек се пронаоѓа со времето. Така се пронајдов јас самиот и сите оние скриени пасии што тлееле во мене, се преточија во секојдневие. Сајтот во принцип ќе биде базиран на моите две пасии – фотографија и уметност, односно во случајов ликовната уметност. Ќе биде поделен на два сегменти, на два дела. Сајтот ќе биде олицетворение на она што јас најмногу и најдобро знам да го правам. Тоа е основата на сајтот, тоа не е никаква финална верзија, односно понатаму ќе еволуира и ќе се развива со текот на времето, како јас што ќе се развивам. Тоа е еден интересен проект што мене ми текна да го направам, не е спонзориран, не е поддржан од никој, сам ќе фотографирам, тоа ќе биде еден сосема самостоен проект.

Меѓу фотографиите на неговиот сајт што раскажуваат подеднакво уникатни и шармантни приказни, прикачени се и неколку негови, лични преку кои секое око ќе го забележи неговиот сосема поинаков стил. Вели, има неколку парчиња облека што постојано ги менува, а тие пак, како секој пат да раскажуваат поинаква приказна.

Последната во колекцијата пеперутка вратоврски на Мартин... Најновата во колекцијата пеперутка вратоврски на Мартин...

-Стилот некако сам ми доаѓа, интересна инспирација во однос на стилот, не ми е некој дизајнер или модна куќа, или пак бренд, напротив, јас сум тип на човек што може да се инспирира од соседната маса, од луѓето со кои седам и разговарам, од вас, од секојдневието. Не се поистоветувам со модни дизајнери и со модни куќи, и онака сѐ е мода околу нас, не се потребни брендови и дизајнери. Добро е да се има квалитетно парче, тоа не е спорно, но ако бидеш брендиран од некоја модна куќа, ти си и самиот брендиран, како да немаш свој став, стил и ќе бидеш само една штипка повеќе во плакарот на таа модна куќа, нема да бидеш свој. Стилот најчесто го базирам на она каков ми е денот, месецот...од музиката што ја слушам, од некои интересни режисери и ликови. На пример, еден период многу го сфаќав животот на „Линчијански начин“, (потекнува од режисерот Дејвид Линч). Едноставно секогаш патувам со слушалки, со музика, со полн телефон... Со самото тоа што се инспирирам од секојдневието, така јас се надоградувам, растам во стилот. Никогаш не мора парчињата да ми се бренд, сфатив дека не вреди да се трошат пари на брендирани работи. Не сакам да купувам скапи работи за да ги импресионирам луѓето. Јас сум тип на човек што прави тоа што на мене ми годи, а тебе ако ти годи да се дружиш со мене, слободно повели. Модна икона што јас дефинитивно би ја издвоил е Џими Хендрикс!

Градските приказни на Мартин говорат и за тоа дека тој е дете на панкот. Ќе каже, не мора да имаш „четка“ за да си панкер, туку дека панкот се носи во срцето и душата...

-Можеш да слушаш панк, да живееш панк, тоа не е само музика, тоа е и правец. Панкот се живее, тоа е култура. Иако е женски карактер, големо влијание има и Пети Смит, таа е кума на панкот како што и ја нарекуваат. Можам да кажам дека се поистоветувам со нејзиното движење, со нејзиниот правец и делување. На пример, во последно време хит ми е сам да се шишам, е тоа ми е панк! Порано многу возев скејт, пораснат сум на улица, иако нормално, потекнувам од фино и образовано семејство. Можеби токму од моите родители сум ја наследил таа пасија кон сликарството, дома има премногу нивни слики, иако и двајцата немаат врска со уметност. Од друга страна пак, баба ми и дедо ми се архитекти, можеби имам некоја естетика добиено и токму од нив. Од музиката што ја слушам дефинитивно не можам да ги изоставам и Криденс, Флетвуд Мек, Франсоа Зарди, Серж Гензбур...

За музиката како еден од неприкосновените хипнотизирачки благодети што ни ги овозможил светот, Мартин вели дека е нешто задолжително што има приоритет кај него дури и пред миењето заби наутро. Не е фан на денешната музичка сцена, но раскажува дека е сестран тип кој слуша различна музика во зависност од расположението.

„Денот никогаш не може да ми пројде без некоја песна од албумите на Клеш, Рамонси, Џими Хендрикс, без Дорс, без Џими Морисон, Ник Кејв ми е интересен, Френк Запa, тој е како некоја мелодија од која се учи. На пример, не можам да го заборавам ниту Леонард Коен, тој ми е задолжителна приспивна мелодија. Јас велам, следниот пат кога ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, да не се даде награда на некој класичен поет кој се занимава со поезија и со проза, мислам дека треба му се даде токму на Леонард Коен.

Урбаната приказна на ликот за кој знаеме дека по многу години ќе биде вистинско културно наследство, завршува со неговиот можеби најточен и безвременски совет...

-Сѐ што правиме е сега и веднаш...Нема што било вчера, што ќе биде утре, сѐ што постои е сега и веднаш. Она што го правиме во моментов, тоа е животот, а што ќе биде за 15 години или што било пред 15 минути, тоа не постои. Тоа ми е и некако како животно мото. Сѐ се базира на тоа. Тоа мото е и мојот бренд што сакам да остане....

Објавено:
23 декември 2014