Интервју Нели Ангеловска Панова: Талентот не треба да се чува под килим

Интервју со •
20 ноември 2013

Енергична, насмеана, позитивна и моќна жена. Реализирана мајка и сопруга која со години  изработува уникатен накит. Еве ја приказната на Нели Ангеловска Панова, најпозната ракотворка од Битола која сакала да остане доследна на своето хоби, а кое денес е нејзина професионална определба.

 

 

На прв поглед  вниманието го привлекува прекрасниот излог на концептуалната продавница на Широк Сокак во Битола која е една од малкуте во нашата земја. Топлите тонови, интересниот склоп на бои и мебел прават шармантниот ентериер да дише во духот на уметноста, модата и убавината. Тоа е катчето каде оваа жена создава уникатни парчиња накит и каде таа се чувствува комплетно своја.

Вели дека многу сака да поспие наутро, и не сака кога ја буди звукот на алармот. Денот и почнува околу 07.00 часот со сите обврски кои треба да ги заврши пред да замине на работа.

 

 

„Моја животна желба е да не мора аларм да ме буди. Станувам околу 07.00 часот, бидејќи  дома имам една слатка обврска, а тоа е ќерка ми која има 8 години. Имам и еден дечко од 18 години кого не го гледам наутро, а имам и прекрасен сопруг со кој ретко кога пијам кафе. Откако ќе завршам се одам на работа“, ни кажа Нели.

За својата работа вели дека е најубава на цел свет и дека го работи тоа што го сакала цел живот. Всушност изработката на накит првенствено било нејзино хоби кое со тек на време прераснува во професија.

 

 

„ Јас сум дипломиран професор по физичка култура. На почеток накитот го работев дома, но почна да ми пречи доаѓањето на луѓе во мојот дом, ми стана непријатно. Се чувствував многу способна и подготвена, па почнав да носам и да нудам накит. Но, по долго размислување решив дека треба да си го задржам достоинството и да почнам да го работам тоа што го сакам“, раскажува Панова.

 

 

Нели започнува сама да ја опремува концептуалната продавница набавувајќи материјали и се што е потребно за да се покрене бизнис од овој тип.

Накитот не е нејзиниот единствен фокус, таа својот талент го развива и на друго поле, а тоа е сликањето слики.

„Отсекогаш им се воодушевував на луѓето кои умеат да сликаат и да цртаат, меѓутоа секогаш сум им наоѓала некакви мани, во поглед на бојата, неубаво нацртано, згрешено, непоправено, и се заинтересирав зошто е тоа така, па почнав да истражувам да видам кои бои се користат, какви стакла, како се црта, како се наоѓаат шаблони. Верувам дека ако се сака нешто може да се научи и почнав да гледам туторијали од интернет, зедов и книги, купував списанија, купив бои, почнав да цртам и сето ова прерасна во мошне успешна приказна, која само ми ја надополни и обои мојата идеја за проширување на она што го работам“, вели Нели.

 

 

Идеите и инспирацијата главно ја црпи од интернет, но вели дека колку и да се труди да ја изработи автентична сликата или накитот, постојано внесува нешто свое, па така дизајнира ремек дела кои што го носат нејзиниот печат и стил. Таа пред се, работи накит од монистра  и вметнува природни полудрагоцени и драгоцени камења, а материјалите ги набавува од Истанбул. Во зима користи потемни нијанси за изработка на накит, а во лето изработува накит буквално од целиот спектар на бои, па има една колоритна визија на модни додатоци на кои ретко кој може да му одолее.

 

 

„ Сметам дека колку и да сакаме да се инспирираме од модата што ја гледаме на улица или да правиме накит спрема желбите на клиентите, тоа не е возможно постојано. Затоа признавам дека за дел од инспирацијата е заслужен интернетот. Но, сепак она што мене ми е најважно луѓето на крајот да бидат задоволни“, изјави Панова .

 

 

Нејзина таргет група се сите од 5 до 75 години. Прави накит за невести, матурантки, но и за сите оние кои сакаат своето секојдневие да го обојат со поинаков и впечатлив накит.

„Многу правев накит за невести, матурантки, буквално за сите, но си дозволувам позитивно да влијаам при изборот на соодветно парче “, кажа изработувачката на накит.

 

 

Според неа накитот кој ќе ја одбележи оваа сезона е металот, надополнет со соодветни украси. Поточно според, Нели, тоа е мексиканското сребро кое е мошне барано и актуелно за оваа сезона.

„Јас, сепак, сакам да и останам доследна на мојата работа. Имам прекрасна клиентела на луѓе кои го носат она што го работам. Искрено со битолчанки работата ми е песна, тие се едни од ретките без разлика за која возраст се работи, кои знаат како, кога и што сакаат да носат од накит“, децидно одговора Панова.

 

 

Не сака да учествува на базарите што се одржуваат кај нас, но и надвор од нашата земја каде се изложува накит бидејќи тоа за неа претставува екстра трошок, а и бара слободно време кое таа сака повеќе да го посветува на семејството.

Тоа што го работам сакам да биде убаво и успешно во рамките на мојот град, скромно вели Нели.

Нејзините идни планови е да си продолжи со својата работа во концептуалната продавница бидејќи тоа е нејзиниот свет и прави да се чувствува среќна и исполнета.

 

 

„Им порачувам на сите ракотворци кои немаат каде да ги изложуваат своите дела, тоа може да го сториме заедно. Сакам ракотворби од се и сешто, значи тоа да не е само накит. Секој кој има некаков талент и е успешен во  својата работа, тоа да не го чува некаде под тепих или на полица, слободно нека дојде и нека ми се јави, да ги изложиме. Ќе ми биде особено многу драго да поседувам еден вид на галерија во градот и да можам на едно место да ги соберам делата на сите успешни, млади, па и повозрасни ракотворци и креативци. Тоа е исто так уште една од моите желби“, завршува Ангеловска Панова.

 

 

Објавено:
20 ноември 2013