ИНТЕРВЈУ Олгица Ѓоргиева: Руска сказна со македонски печат

Интервју со •
10 мај 2013

Со секоја нова колекција Олгица Ѓоргиева раскажува нова приказна, создава под нова импресија, се инспирира од различни светови, а притоа да не изгуби од конзистентноста на својот дизајнерски израз. Со новите креации нѐ прошета во Русија, онаа современата, ама и онаа што ја знаеме преку фолклорот, сказните и од деновите на царска Русија. Новата колекција ја намени за есен-зима 2013/14, премиерно ја прикажа на последното издание на Моден Викенд Скопје, а содржи модели од раскошни ткаенини како свила, тантела, кадифе и вештачко крзно. Силуетата потсетува на ликовите од руските бајки, а референците на царска Русија може да се забележат во модните детали и на везовите и апликациите на самата облека. По неколку годишно делување на домашната сцена Ѓоргиева дошла до сознанието дека е на вистински пат, бидејќи без голема ПР-машинерија и агресивен пристап во работата, успева да реди успеси и да го привлече вниманието дури и на странските медиуми и да добие покани за соработка за кои допрва ќе раскажува.

APS_4612

 

Новата колекција ја претстави на последниот FWSK... Од оваа дистанца од неколку седмици, каков е твојот впечаток по последната ревија и дали имаш информации какви се реакциите на публиката и медиумите?

Она што беше претставено под моето лого оваа сезона беше продолжение на мојата досегашна работа. Премногу смирено го поминав цел овој процес на создавање и презентација на колекцијата, најверојатно тој момент е веќе резултат и на континуираната работа, поголемото искуство и работа на познат терен. Реакциите се одлични и ме радува тој факт. Морам да бидам искрена дека уште од самиот почеток на мојата модна кариера, го имам почитувањето и од медиумите и од публиката, меѓутоа ме радува фактот што секоја сезона тоа е сѐ поголемо и позабележително, а тоа е голема потврда за мене, затоа што тоа значи дека јас растам како дизајнер и ја издигам мојата работа на повисоко ниво. После оваа ревија видни се контактите со медиуми надвор од Македонија. Тие ја забележале мојата работа и изразија желба за соработка и презентација на мојата работа во нивните медиуми. Добив и некои понуди за соработка, исто надвор од Македонија за кои сѐ уште не сум донела одлука. Меѓутоа, мене побитно во целава оваа ситуација ми е моментот дека сум на вистинскиот пат. Штом успевам да го привлечам вниманието на медиумите од други земји кои модно се на многу повисоко ниво од Македонија, тоа е огромна потврда за мојата работа и за мене како дизајнер. Не сакам да ги форсирам работите, сакам чекор по чекор да се движам. Така започнав, така сакам да продолжам.

Руската инспирација ја зачна пред некое време, а последната колекција „Руска приказна“ целосно ѝ ја посвети на руската иконографија, на фолклорот, боите и шарите на оваа земја. Од каде произлезе фасцинацијата од Русија?

Некако подолго време се провлекува таа фасцинација. Како поминува времето, заинтересираноста сѐ повеќе расте, си откривам постојано некои интересни факти, кој ми беа доволен предизвик да работам на оваа тема. Не сакав премногу да навлегувам во детали, затоа што Русија е широк поим и би можела да залутам кога не сум на свој терен, затоа одлучив визуелниот ефект да биде производ на веќе општо познатите факти за сите. Во меѓувреме истражував, читав руски сказни, гледав руски филмови, литература, истражување за Царска Русија и сл. Сето тоа се потрудив да го спојам на еден модерен начин кој сепак го има мојот печат.

 

APS_4585

 

Како ја вметна Русија во новите модни парчиња?

Не сакав да изгледа премногу традиционално, туку само да биде зачинето со традиционалност. Сепак сакав креациите да здрачат со инспиративност, да бидат соодветни со времето во кое се создадени. Кога подобро ќе се погледне колекцијата, сите парчиња се носливи и одлично можат да се вклопат во секојдневието или одредени свечености. Затоа и јас нагласив дека колекцијата претставува една модерна „Руска бајка“.

Акцент е ставен на додатоците, украсите за коса, накитот, везовите и плетените детали... Кажи ни нешто повеќе за аксесоарите и нивното вметнување во концептот на колекцијата...  

Веќе знаете дека неколку сезони имам одлична соработка со компанијата за накит Оксет која со потполна доверба стои позади мене. Секоја сезона гледаме накитот да го вклопиме во зависност од темата на која работам. Накитот е одлично надополнување на тоа што јас сум го сработила, а за да биде по маркантно, изработивме и стилизирани руски капи (украси), марами и ташни во облик на руската кукла Бабушка.

 

 

Зошто одлучи да претставиш модели за сезоната есен-зима 2013/14? Значи ли тоа дека размислуваш за нивно сериско производство и внимателно пласирање на пазарот? 

Секако ова е со цел. Размислувам за претставување надвор од Македонија и би сакала да бидам подготвена кога ќе дојде тој момент. Размислувам и за сериско производство, меѓутоа тоа ќе биде со посебна комерцијална линија наменета за модерна урбана девојка/жена која сака да изгледа модерно и елегантно во исто време. Оваа линија би требало официјално да биде пуштена во септември оваа година.

Радува тоа што домашните дизајнери ја сфатија потребата од отворање сопствено ателје, простор во кој ќе творат и ќе ги продаваат своите креации. И ти го напрви истото и отвори свој моден салон. Сметаш ли дека тоа беше оправдан чекор?

Дефинитивно е оправдан. Сѐ е полесно кога имаш каде да работиш и продаваш. Нормално дека треба да размислуваш и за сите трошоци што ги носи тој потег, но од друга страна самиот создавач е посмирен затоа што останува моментот како да продаде и што да се создаде.

 

 

Што во моментов ти е зададен предизвик во однос на модата?

Имам многу идеи во глава. Работам интензивно веќе седма година, без ни малку одмор, со целосна посветеност и сум успеала да одговорам професионално на сѐ што било побарано од мене. Наредниот период од месец до два ќе го посветам на работата во студиото, на работата со клиентите и на ментален одмор во однос на наредните проекти кој би требало да следуваат од моја страна. Би сакала малку да размислам кој би требало да биде мојот нареден проект од неколкуте што ги имам избрано како приоритетни. Во секој случај продолжувам да работам континуирано, посветено и одговорно и да се трудам секој нареден пат сѐ ново што ќе излезе од мене да биде издржано и на повисоко ниво.

 

 

Објавено:
10 мај 2013