ИНТЕРВЈУ Проф. Александар Рашковиќ: На македонската мода и е потребен нов Модест

Интервју со •
30 август 2013

Додека на глобално ниво модата покрај тоа што е уметност, начин на размислување и една естетска животна димензија и бизнис кој има круцијално влијание во светската економија, во нашата земја воопшто и не постојат есенцијални настани со професионална организација преку кои се поврзуваат трите основни точки кои ја заокружуваат приказната: образованието, бизнис секторот и професионалната фела.

Модна ревија на Модест, 1994 година Модна ревија на Модест, 1994 година

Ова со сигурност е тема која отвара многу прашања за развојот на модната индустрија во иднина, а за која како одговор може да ни послужи минатото. Со цел да добиеме јасна слика како некогаш биле организирани ваков тип на настани, а на кои може да го засноваме искуството за подобрување на општата ситуација во иднина, разговаравме со Александар Рашковиќ, професор по костимографија и историја на костими на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Професор Рашковиќ има богато позитивно искуство со Саемот на мода, текстил и конфекција: Модест, на кој со задоволство се присетува.

 

“Во едно време, блиску, а сепак далечно во Македонија, имаше манифестација од највисок ранг во областа на модата. Саем на мода и модна конфекција, текстил и текстилни производи, кожа и кожарски производи, аксесоари, репроматеријали и што ли уште не што беше поврзано со модната индустрија”, вели Рашковиќ објаснувајќи ја основната функција на Модест кој се одржувал до средината на деведесетите години два пати годишно, на есен кога претежно била презентирана зимската програма и на пролет, кога во фокусот била летната програма.

Саемот чија основна цел била да се поврзат образовниот и професионалниот сектор, но и да се презентираат сезонските колекции на дизајнерите и модните куќи, бил посетен не само од македонската модна фела, туку и од професионалци од сите републики на некогашна Југославија, а и од познати фирми од Европа.

“Таму можеа да се видат најреномираните брендови, најдобрите дизајнери, најуспешните модни дејци, се со цел да се доближат производителите и трговците, да се направи пресек на сезоната, да се измерат силите и да се презентираат тенденциите”, се присетува Рашковиќ кој како студент и лично бил ангажран на настанот.

Покрај репрезентативниот, саемот имал и натпреварувачки карактер на повеќе нивоа. Целата манифестација која траела од 4 до 5 дена ја следела стручно жири кое било составнео од: професори од Факултетот за ликовни уметности – моден дизајн, претставник од саемот, новинар кој стучно се занимавал со модната проблематика, технолог, како и претставник од учесниците. На затварањето на саемот се доделувале награди за најуспешните во различни категории.

“Сите учесници се претставуваа на своите штандови и тоа беше многу интересно бидејќи покрај другото се натпреваруваа и во однос на идејните решенија и организираноста на самиот простор. Секако, секојдневно во два различни термини се одржуваа и модни ревии на кои дизајнерите и модните куќи ги презентираа своите последни колекции, а најуспешните беа горди на своите статуетки Билјана, златна, сребрена и бронзена и по некоја благодарница”, продолжува професорот кој нагласува дека во тоа време градот живеел во тој моден дух.

 

Рашковиќ е само еден од сведоците на големото модно случување кој жали што не постои повеќе во истата димензија и со истиот шарм.

-Замислете што значеше да се соберат дизајнери од најмалку 30 држави на едно место... Тоа беше вистинска модна манифестација која за жал повеќе не постои. Останува само во моите сеќавања и во меморијата на луѓето кои лично ја почувствувале таа еуфорија. Транзицијата на државата ги затвори скоро сите модни и текстилни гиганти, тоа е данокот ншто беше платен , завршува Рашковиќ кој апелира до сите модни дејци да се ангажираат во однос на прашањето за реанимирање на едно збиднување од ваков ранг кој би гарантирал оптимистичка иднина за македонската модна сцена.

Објавено:
30 август 2013