Интервју Симона Станковска: Не ми е важна цената на облеката!

Интервју со •
10 ноември 2013

Шармантната Симона Станковска со својата мистична убавина, сосема го оправда четвртото место што го освои на овогодинешниот Miss Globe во Албанија. Ни раскажа дека е сосема задоволна од организацијата на изборот, од дружбата со девојките и од самиот пласман.

Облечена во креации од модната куќа Елена Лука, Симона навистина се издвојуваше од останатите девојки на изборот. Само за fashionel.mk, таа го отвори својот плакар и ни ги покажа нејзините омилени парчиња и комбинации.

Специјално за нашите читателки откри и неколку совети како да ги комбинирате вашите омилени парчиња и кое е задолжителното парче што секоја жена треба да го има во плакарот. Вели, цената на облеката не е важна, важно е да се чувствуваме пријатно во истата!

Како си задоволна од твојот пласман и од организацијата на Miss Globe?

-Избор беше долг, бев таму речиси две недели, шетавме низ цела Албанија, а финалето беше во Драч на 2 – ри ноември. Импресиите се уште не ми се смирени, затоа што немав многу време по враќањето. Многу сум задоволна од пласманот и од самиот избор. Имаше многу девојки, па токму затоа 4 – то место не е за потценување. Покрај тоа земав уште три награди – прва придружничка на Мис бикини и на Мис талент, а бев и Мис елеганција. Задоволна сум од организацијата таму, девојките беа многу пријатни, а јас најмногу се дружев со девојките од Балканот.

Како дојде до тоа да се пријавиш за Miss Globe и дали претходно си учествувала на други избори за убавина?

- Претходно бев пријавена за Мис на Македонија за учество на Мис на свет. Тоа беше минатото лето, а за Miss Globe и не се размислував многу, затоа што летото се запознав со Мики Црнокрак и така и почна нашата соработка. Дознав дека доделуваат стипендија за Универзитетот за туризам и менаџмент и тоа најмногу ме поттикна да се пријавам на изборот. Имавме активности цело лето и патувавме од град во град каде се случуваа мини избори, полуфинални, па така победив и отидов на Miss Globe.

Како всушност дојде до соработката со Елена Лука?

Ми се допаѓаат креациите на Елена Лука и јас многу се пронајдов во истите. Особено ми се допаѓаше националниот фустан кој што не беше типичен, црвено – жолт фустан со нашите бои на знамето, туку беше многу модернизиран. Преовладуваа црвената, црната и белата боја и тој ми остави особен впечаток.

Во кое парче се чувствуваш најубаво, што најчесто сакаш да го носиш?

Сакам да носам едноставни работи, во зима сакам да носам топли работи, а летно време најчесто не бирам многу, сакам нешто тесно и кратко. Во принцип сакам едноставни, елегантни и спортски работи.

Кои се твоите омилени парчиња облека?

Во зимските денови обожавам да носам шал и ракавици. Летно време сакам шешири и широки кошули, без кои едноставно не можам.

Како најчесто изгледаат твоите дневни и вечерни комбинации?

Преку ден секогаш сакам да носам едноставни комбинации. Фармерки, чизми, јакна и некое џемперче. За вечерните комбинации сакам да се облечам поелегантно, некое црно фустанче, по можност еднобојно, бидејќи не сакам многу шаренило. Сакам високи потпетици, но не превисоки. Морам да кажам и дека во текот на летните денови обожавам да носам сандали.

Што според тебе треба секоја жена да поседува во својот плакар?

Можеби тоа е црното фустанче, некое специфично здолниште, бела кошула, палто, задолжително потпетици, впечатлив накит и часовник. Мислам дека тоа е се!

На што Симона троши најмногу пари?

Најмногу пари дефинитивно трошам на обувки. Тоа се најчесто спортски обувки и секако, потпетици.

Без кое парче или креација едноставно не можеш да си ги замислиш комбинациите?

-Моментално омилена ми е една многу убава, бела кошула што можам да ја носам во секоја комбинација. Истата можам да ја носам и на фармерки и на здолниште и можам да ја комбинирам на многу начини. Таа дефинитивно ми е омилена во моментов.

Колку следиш трендови?

Секогаш знам што е модерно во моментот, но трендови баш и не следам многу. Знам што е хит за сезонава, но не сакам да ги следам трендовите затоа што не секогаш ми се допаѓаат. Всушност и што се однесува до брендовите, не сакам престижни работи затоа што сакам да си имам свој стил и не ми е важно колку парчето чини или од каде сум го купила. Она што сакам е парчето да ми стои добро и да се чувствувам пријатно во истото.

Што би им препорачала на читателите на fashionel.mk кога станува збор за стилот и модата?

Би им препорачала да се чувствуваат пријатно во она што го носат и да почнат да се облекуваат топло, бидејќи ни доаѓа зима (се смее).

Објавено:
10 ноември 2013