Интервју Синтезис: Музички амбасадорки чиј изглед воодушевува низ светот

Интервју со •
22 октомври 2013

Тие се три дами што „ткаат“ оригинална македонска приказна преку музиката и достојно ја претставуваат нашата земја низ светот, членките на етно-групата Синтезис  како со уникатните вокали, мелодијата, така и со препознатливиот изглед  на македонската симболика во сценските костими, се едни од најуспешните македонски музички амбасадорки низ светот. Делувајќи преку македонската фолклорна ризница, со зачувување на традиционалните вредности и имањето посебена селективност за создавање на современи високо естетски стилизации, Синтезис слободно може да го понесат епитетот на автентично-модерни освежувачи на македонската фолклорна традиција и нејзини продолжувачи.Со Анета, Билјана и Мирјана разговаравме на тема што речиси секоја жена има многу да поприкаже- модата и облеката. Ни раскажаа детали за своите оригинални сценски костими и нивната впечатливост  претставувајќи ги на концерти низ светот, но споделија и моменти од тоа како изгледаат приватно.

Заедничка слабост на сите три им се високите потпетици и чантите и секоја сака да се чувствува модерно, но истовремено и комфорно извршувајќи ги секојдневните обврски. Освен тоа што се автентични и успешни амбасадори на македонската култура, вокалите на Синтезис се исклучително впечатливи индивидуи што ретко кој може да го заборави нивниот глас и појава на сцена.  Цели 18 години активно гаат љубов кон музиката, а уште од самите почетоци сфатиле дека сценскиот изглед е исто толку важен како и се останато што се изнесува пред публиката.

-За изгледот на сцена имаме тим кој работи за нас и тоа цели 18 години, од кога всушност и започна нашата кариера. Професионалниот тим е секогаш со нас за комплетниот стајлинг. Кога настапуваме на големи концерти во Македонија, тие се грижат за нас, а кога патуваме во странство тогаш костимите ја имаат главната улога, останатото го средуваме сами. Сепак целосниот изглед е веќе смислен од предходно, така да ние само треба да го споиме и да импровизираме нешто, велат тие, додавајќи дека кон  целокупниот професионален пристап  големо значење му посветуваат на изгледот.

-Слободно може да кажеме дека е меѓу пресудните фактори. Всушност од нашето прво големо појавување на сцена, првиот концерт во Скопје, бевме свесни за моќта на костимот, а тогаш немаше тимови стилисти што работат со изведувачи, но ние знаевме дека е важно да се посвети внимание и да не се изостави овој момент. Комплетната слика се разбира дека ја оформува и стајлингот. Тогаш решивме да соработуваме со дизајнерот Александар Ношпал, можеби тогаш бевме по авангардни и театрални на сцена, но со тек на времето тоа се менуваше , преку песната но и прeку имиџот стекнавме една препознатливост на Синтезис. Одбравме тим на луѓе и на наша среќа не згрешивме, а резултатот е дека соработката и денес трае, од тогаш ние се  надополнувавме професионално како и тие, вели Мирјана.

Фризерот Сретен Костиќ и дизајнерот Александар Ношпал се долгогодишните соработници кои имаат комплетна слобода во својот дел, Мирјана Билјана и Анета велат дека не би ги смениле, зашто тие пред се ги познаваат толку добро што сомнежи за  нивните дела не постојат.

-Имаме комплетна доверба, тие се професионалци што си ја знаат својата работа, а ние не чувствуваме потреба да му сугерираме. Освен пошироко- потесно, за друго мислиме и дека немало некаква корекција. Најдобро е креаторот да има одврзани раце и да го направи најдоброто за вас, како и шминкерите и фризерите. Ние сме целина на сцена, а Ношпал умее преку дизајнот да ја изнесе нашата препознатливост, раскажуваат тие.

На честите настапи низ Европа и светот, публиката секогаш е воодушевена од оригиналната македонска репрезентативност, посебно Италијанците за кои велат дека се воодушевени од сценскиот костим.

-Секогаш кога настапуваме надвор од Македонија не прашуваат кој дизајнер ги изработил костимите. На пример во Италија не само од тамошните Македонците туку и Италијанците не прашуваат детали околу креациите. Кога ќе ја слушнат нашата музика публиката ја препознава автентичноста и во она што го носиме, верувајте тие се воодушевени. Мислиме дека автентичноста на македонскиот фолклор, може да ја изнесе само креатор што е од Македонија, нашите костими  имаат навистина автентични македонски елементи на многу модерен и софистициран начин. Така да не веруваме дека странски дизајнер би можел така да ги изведе. Ношпал се посветува многу, кога правиме концерт, промоција или стично, тој го зема цд-то го преслушува и секој еден крој или вез не го поставува случајно и тоа се гледа. Тој знае секој детаљ од каде е, зошто е тоа така, значи буквално професионално пристапува кон вистинската суштина во изработка на нов, поинаков, оригинално македонски а сепак поинаков костим, вели Анета.

Десетината костими за на сцена со уникатен дизајн од  везови и кроеви се надополнети со стар македонски накит, што нема која жена не би го посакала. Внимателно ставен на вистинските места,  секоја од нив го носи на посебен начин, а во тоа дека уживаат и самите потврдија.

-Тоа е стар македонски накит кој заедно со Ношпал го избиравме. Не случајно се избрани токму тие парчиња. За секој костим точно се знае кој ѓердан, алка или обетки се комбинираат и ништо не е оставено на случајноста, а ние се разбира дека со задоволство го носиме на себе, секоја на свој начин, велат Билјана, Анета и Мирјана.

Сигурно сите ќе се сложиме дека Синтезис допрва ќе освојуваат уште многу почитувачи на добрата музика насекаде на планетава.

Објавено:
22 октомври 2013