Интервју Тијана Дапчевиќ: Најголема трема имам пред македонската публика

Интервју со •
5 декември 2013

Популарната пејачка, а од неодамна и актерка, но и мајка на петгодишниот Вук, се радува на својот следен голем ангажман: претставувањето на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Копенхаген. Со голема поддршка и љубов од својот сопруг Милан, Тијана Дапчевиќ како никогаш до сега е спремна за големите предизвици кои и следуваат.

-Емотивно го доживеав моментот кога ми беше соопштено дека ќе ја имам таа чест да ја претставувам својата земја на престижниот музички настан, вели Тијана која додава дека тоа за неа е дополнителна мотивација и радост.

-Немам визија како ќе изгледа мојот евровизиски настап, само знам дека тие три минути на сцена ќе бидат вистинска журка и за тоа ќе мора да добијам барем два пати аплауз, а публиката добро ќе се забавува. Веќе на 15-ти јануари сите ќе имаат можност да ја слушнат мојата песна, а јас тоа со нетрпение го очекувам.

Удобност пред се

Креацијата која ќе ја носи Тијана на својот евровизиски настап, специјално за неа ќе ја дизајнира нашата креаторка Ивана Кнез, која се потпишува зад брендот „Драма“.

-Важно ми е пред се да се чувствувам  удобно во тоа што ќе го носам. За време на настапот сакам да се сконцентрирам на мојата интерпретација, а не да се преокупирам со тоа дали ќе паднам или заплеткам. Само сакам добро да се чувствувам во тоа што ќе го носам.

Сестрата на Тијана, Тамара Тодеска веќе има искуство со Евровизија и тоа два пати се има појавено пред милионската публика на фестивалот: првиот пат како придружен вокал на Тоше Проески, а вториот како солист во 2008 година. Како поискусна во тој дел, таа несебично ја советувала својата сестра.

-Тамара ме советуваше да се опуштам и да не дозволам споредните работи да ме доведат до лудило. Знам дека се ќе помине како што треба.

 

Мезотерапија и крема против брчки

Тијана не крие дека подолго време по пораѓањето се обидувала на различни начини да ја врати линијата која претходно ја имала, но дека се соочила со потешкотии. Оваа година со редовно вежбање и специјален режим на исхрана успеа да ја доведе својата линија до совршенство и сега со насмевка и очигледно задоволство на лицето кажува дека конечно е задоволна со изгледот.

-Кога себе си си дозволувам слобода во исхраната, најмногу уживам во тестенини, пица, погачи... Кога не би биле ризични за мојата телесна тежина, би ги јадела секој ден. Идеалната телесна тежина која успеав да ја добијам навистина со макотрпна работа, ја одржувам со тренинзи во теретана и тоа три пати во неделата. Работам со личен тренер, не користам никакви справи, освен лента за трчање и тоа ми е најдосаден дел од тренингот.

Пејачката се труди сите свои обврски да ги заврши пред да отиде да го земе својот син Вук од градинка, по што попладното во основа го поминува со семејството.

Пред месец дена, престана да пуши на што е особено горда.

-Од тогаш се здебелив 4 килограми и ми се забави метаболизмот, но знам дека и тоа ќе го пребродам. Се решив од тој порок со помош на елктронски цигари. Со неколку пријатели се обложивме на таа тема, тие беа убедени дека нема да издржам, но добро ми оди до сега. Се случуваат и големи кризи, особено кога ќе снемам батерија во елктронската цигара, тогаш сум во паника.

По долгогодишно користење на скапи козметички производи и препарати, Тијана вели дека дошла до заклучок дека не секогаш е најдобро тоа што е скапо.

-Приметив дека почнаа да ми се појавуваат брчки во 37-та година од мојот живот, иако немам генетски предиспозиции за тоа, дури и мојата мајка нема брчки. По консултација со стручно лице, козметолог-фармацевт, почнав да користам рачно изработена крема од природни состојки што фантастично влијае на моето лице. Еднаш во два месеци посетувам и мезотерапија со минерали, витамини и хијарулонска киселина. Сето тоа ми е доволно да изгледам одморено и свежо.

Актерството како хоби

Оваа година Тијана ја имаше својата театарска премиера и прва актерска улога во претсавата „Pukla bruka“ каде го покажа и својот талент за глума.

-Актерството за сега е мое хоби и издувен вентил. Со помош на глумата открив една нова Тијана, можеби дури и некоја друга страна на мојата личност. Малку се променив, а многу повеќе се исполнив духовно. Кога со претсавата настапував во Македонија имав неверојатно голема трема. Секогаш имам трема, но особено пред моите Македонци.

За 14-ти декември е најавена белградската премиера на претставата „Maratonci" каде Тијана ја игра улогата на Биља Питонка.

-Сега ми е многу полесно, во почетокот имав трема пред актерските великани со кои сум заедно на сцена како Неда Арнериќ, Катерина Жутиќ, Лилјана Драгутиновиќ и останатите, но сега се прилагодив и сито свои обврски ги извршувам со поголема леснотија.

 

Автор: Бранка Гајиќ, дописник за fashionel од Белград

Фотографија: Дејан Миличевиќ и Бојан Станиќ

 

 

Објавено:
5 декември 2013