Актер

Искуството од секојдневието го вметнав во ликот на Талат

Интервју со
Дритон Вејсели
11 септември 2018

Наскоро ќе гледаме трета сезона од македонскиот ситком „Преспав". Ако сте од оние што со уживање ги гледавте претходните две сезони, сигурни сме дека еден од ликовите што ви ја задржуваше насмевката на лицето беше рецепционерот Талат. Публиката успеа брзо да ја освои, а непосредно пред почетокот на новата сезона, ние се дружевме со актерот што го толкува – Дритон Вејсели.

На нашата средба дојде дури и предвреме, подготвен и расположен за разговор. Со неговата ненаметливост, а сепак непосредност, помогна оној вакуум простор кога запознавате некого за првпат, да исчезне сосема.

-Желбата да ги забавувам луѓето отсекогаш постоела во мене, но не можам да речам дека отсекогаш знаев дека ќе се занимавам со актерство или дека тоа сакам да бидам. Завршив средно уметничко, а по сугестија на околината почнав да размислувам за актерството. Не беа само другарите или пријателите што ми кажуваат дека сум талентиран, туку и професорките инсистираа да се обидам со оваа уметност.

Така, сосема непланирано се најдов во светот на актерството – ја започна својата приказна 26-годишниот Вејсели.

Роден е во Тетово, како што ќе каже, по сплет на околности, а детството го поминува во Скопје, каде и денес живее.

- Роден сум во Тетово, по некоја случајност : )). Моите се селат во тој град во 1991 година, кога и јас сум се родил, па во 1993 година се враќаат во Скопје. Инаку, детството го поминав тука. Многумина мислат дека сум од Тетово, дека секој ден патувам и постојано ме прашуваат за тоа. Веројатно и поврзаноста со Талат придонесе за тоа. Но, моето детство и првите спомени за многу нешта ме врзуваат токму за Скопје. Посебно за Чаршијата. Тоа ми е една од омилените локации во градот. Таму секогаш има фина атмосфера, убави „свирки", туристи, различни луѓе, измешани енергии – ни открива Дритон.

Завршува средно уметничко, а дипломира актерство на ЕСРА.

Сепак, покрај телевизијата, односно, ситкомот, театарот е исто така негова голема љубов.

-За сега не сум член на ниту еден театар. Доколку излезе конкурс секако би се обидел, но со оглед на тоа дека комедијата е жанр кој многу ме привлекува, би било одлично да сум дел од „Театар комедија" – ја сподели со нас својата желба Дритон.

Иако честопати може да се слушне како комичарите се најтажните личности, луѓе со некои од најтешките животни приказни или пак, луѓе што најтешко можете да ги насмеете, младиот актер не се согласува со тоа и практикува да биде сосема спротивното.

- Треба да е спротивно. За да можеш другите да ги насмееш, треба прво самиот да се насмееш. Ако си депресивен или ако нешто лошо ти се случува, колку и да се трудиш, не можеш да го дадеш максимумот, да ги насмееш другите на тој начин. Барем јас така си размислувам и на тој принцип работам. Првин се трудам самиот да се насмеам, мене да ми е смешно, а потоа сакам истото да го пренесам на другите. Секако, никој не може да биде постојано весел и сите имаме премрежја во животот, но сепак, се водам од некои мои ставови и се трудам да постигнам хармонија со себе и со сѐ околу мене – смета Вејсели.
Пред да се случи „Преспав", искуството со камери и телевизија го учи благодарение на ангажман на уште една телевизиска серија од само една сезона, емитувана на „Алсат". Сепак, ликот Талат, му носи препознатливост кај публиката.

-Мило ми е кога ќе слушнам дека Талат е еден од омилените ликови. Но, морам да бидам искрен дека никогаш не размислував на тој аспект, публиката како ќе го прифати. Јас само се потрудив тоа што сум го научил на факултет и искуството од претстави да го пренесам и искористам и да биде совршено – вели актерот.

А на прашањето, како токму тој успеа да ја добие оваа улога, ќе каже:

фото извор: facebook.com/PansionPrespav/photos

-Ми се јавија за првата сезона, за две-три епизоди. Се појавив, ме избричија, ми ставија мустаќи, ми ја наместија фризурата, некако изгледот на ликот се создаде тогаш. Ги снимив тие две три епизоди и веројатно им се допаднав, штом добив повик повторно. Инаку, не беше во план да останам повеќе, но ете се случи, на мое големо задоволство. Научив и учам многу од екипата на „Преспав". Научив како е да работиш во екипа. Ние сме 40-тина луѓе. Актери има десетина, но зад камерите има публика, сценографи, продуценти, камермани, режисери... Научив што значи игра пред камера и однос со публиката, што е многу важно. Фактот дека снимаме пред луѓе се обидувам да го игнорирам. Сакам да биде сè спонтано, да биде игриво, автентично, но не и да се оптоварувам со други нешта. Снимањата траат некогаш 10 часа, некогаш и повеќе, зависи од ефикасноста и течението на денот, но атмосферата е секогаш одлична. Во третата сезона ќе се развива ликот. Талат ќе биде уште поинволвиран во епизодите. Но, и екипата е уште посплотена. Поцврста. Се „читаме" подобро, фативме супер ритам со втората сезона.

А кога зборуваме за овој лик и неговото создавање, Талат не би бил толку интересен, да не ја има онаа смешна и препознатлива експресија на лицето, која Дритон неколку пати ја повтори за време на нашата средба и на која, никој не остана рамнодушен.

- Во угостителството келнерите се љубезни, но многу често и лажно, „наместено", или исфорсирано љубезни, ја имаат таа насмевка што кај Талат се сретнува. Инаку, семејниот бизнис ни е врзан со угостителство, имаме слаткарница, па имав можност да запознам различни карактери, различни ситуации. Експресијата таму ја научив : )) и искуството од секојдневниот живот го вметнав во ликот – ни раскажа Дритон.

Иако во моментов се подготвува за новата сезона, па има послободен период, уметноста е нешто што без разлика на сѐ, е составен дел од неговото секојдневие, секогаш.

-Во уметноста е добро што не зависиш од никого и можеш да создаваш уметност во било кој момент. Но, од друга страна, нема уметност, односно пат до успех без критика. Критиката е здрава работа за било кој уметник. Секогаш треба да се остави простор за корекции. Затоа и секогаш се трудам со внимание да слушнам што има друг да ми каже, што може да се поправи, во која насока. Но, треба да се направи и дистинкција, бидејќи не секоја критика е издржана. Сметам дека сите уметности се слични. Сликарството е слично со глумата. Почнуваш од нула и постепено создаваш дело на платно. Така и со ликот, тргнуваш од нула и постепено го градиш. Музиката исто така е уметност која многу ме интересира. Брат ми е музичар, па долго време со него бев во студио, го запознавав и тој свет. Убаво ми е кога сум опкружен со уметност. За жал, немам многу време да сликам и да се посветам на тоа. Но, кога го правам тоа, сликам со акрилни бои. И инаку, сакам бои, сакам шаренило, композиции. Апстракноста и експресионизмот се изрази што ми се допаѓаат– вели Дритон.

Токму во овој дел од разговорот дознавме дека има и постар и помлад брат.

- Имам супер однос со браќата. Поради фактот што постариот брат се занимава со музика, имаме супер разбирање во поглед на уметноста. Инаку, меѓу тројцата има голема поддршка и поврзаност. Тука сме еден за друг во било која ситуација – потенцира актерот.

Тој додава дека секогаш е благодарен за поддршката што ја има од своите најблиски.

-Кога се подготвувам за улога имам потреба да сум изолиран, па кога ми течат подготовките за „Преспав" воопшто не ме чепкаат. Знаат дека го учам текстот, дека го анализирам и не ми пречат воопшто. Поддршката од најблиските ја имам отсекогаш. Функционираме во хармонија и тоа навистина ме прави среќен – посочува Дритон.

А во контекст на подготовките, ќе рече дека ова е месецот кога почнува да вежба. Иако уметниците вели, се сметаат за хедонисти, за што и самиот мисли дека е, сепак потенцира дека физичката подготвеност и кондиција се важни во неговата професија.

Токму затоа, и спортот е нешто во што ужива во слободно време.

-Следам фудбал и на некој начин го доживувам како уметност, играта и стратегијата се она што ме интересира. Лионел Меси ми е еден од омилените фудбалери.

Не можевме, а да не го прашаме каква е неговата врска и поглед на модата.

- Внимавам да ги усогласам боите и на тоа како изгледам. Инаку, кога сме кај оваа тема, морам да истакнам дека шапките ми се фасцинација, имам колекција и од летни и од зимски модели. Многу сакам да ги носам и каде и да одам си купувам по некој и така ја збогатувам колекцијата.

 

Некаде на крајот од нашиот разговор, повторно се вративме на „Преспав" и на неговите очекувања.
- Немам очекувања после „Преспав", посакувам да си бидам среќен и мислам дека ќе биде сè во ред. Во денешно време да си весел е тешко, но се трудам да најдам позитивноста во сè што ме опкружува, во мали нешта, кои навистина ги прават животот поубав. Средбата со вашиот тим е на пример, за мене е навистина позитив на денот – ни кажа за крај Дритон.

А што порача Талат, погледнете во видеото во продолжение:

 

 

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onSep 11, 2018 at 4:25am PDT

Објавено:
11 септември 2018
Прочитано:
1.166 пати