Ивана Муришиќ: Би сакала Бјорк да ги носи моите модели

Интервју со •
15 август 2014

collage1

Со младата дизајнерка Ивана Муришиќ првпат се запознавме на ревијата на Вивиен Вествуд во Будва. Нашето внимание го привлече со интересната појава, непосредноста и позитивноста. Родена е во Црна Гора, а веќе извесно време работи и живее на релација Србија-Црна Гора. Иако има само 26 години, зад себе веќе има неколку самостојни модни ревии, учество на модни недели, искуство во костимографија... Како некој што е директно вклучен во модниот свет во овие две држави, ни беше интересно да го сподели нејзиното искуство. Во разговорт за Fashionel, Ивана искрено зборуваше за нејзините почетоци, за побарувачката на клиентите, за тоа дека фразата „во тренд“ веќе не е во тренд, споредбата помеѓу сценскиот и современ костим, личниост стил, како и неостварените желби и планови.

Во продолжение запознајте ја Ивана Муришиќ.

Што претставува модата за Вас?

-Модата е можност за креативно изразување, експриментирање во многу аспекти, како и отоворање на видици кога е целокупната уметност во прашање. А со сето тоа оди и запознавање на креативни луѓе и разни патувања.

Ивана Муришиќ Ивана Муришиќ

Дипломиравте на катедрата за современ и сценски костим на Факултетот за применети уметности во Белград. Од каде интересот за овој смер и воопшто желбата да се занимавате со мода?

-Мојата љубов кон создавање во областа на костимите се јавува уште од мали нозе, благодарение на моите родители кои се занимаваа со мода уште од моето рано детство. Најпрвин со мајка ми правев облека за куклите, а потоа и за себе. Тогаш се јави желбата истото тоа да го работам и за луѓето на кои им се допаѓа мојот стил. Потоа следi подготовката за приемен испит на Академија, после што се запишувам на катедрата за современ и сценски костим. Со тоа ја остварувам својата желба професионално да се занимавам со она што најмногу го сакам. Во текот на студиите се занимавав подеднакво и со сценски и со современ костим, а по завршетокот на студиите, работев и самостојни ревии, како и костими за неколку театарски претстави и филмови.

костимите во претставата Хамлета у селу Мрдуша Доња се изработка на Ивана Муришиќ костимите во претставата Хамлета у селу Мрдуша Доња се изработка на Ивана Муришиќ

Колку дизајнот на костим и она што инаку го работите се разликуваат? Што повеќе Ве исполнува, што Ви е поголем предизвик?

-Сценскиот костим ми помага во многу работи кога е современиот во прашање и обратно. За да се занимавате студиозно и систематски со костимот и облеката како поим, потребно е подeднакво да ги проучите и сценскиот и современиот. Сценскиот костим овозможува откривање на карактерот што го носи моделот, изучување на личноста што истиот би го носела, а современиот ти дава можност за експериментирање, размислување за нови технологии, материјали, форми... Со комбинација и занимавање и со двата аспекта на костимот, се има комплетен увид во материјата.

Бевте дел од финалистите на конкурост на млади таленти во организација на магазинот „Грација“. Какви впечатоци носите од тоа искуство и со што се издвоивте од конкуренцијата?

-Конкурсот за млади таленти на магазинот „Грација“ се одвиваше за време на моето студирање. Многу ми значеше тоа, затоа што на тој начин за првпат добив можност да се претставам на белградската модна сцена. Во тие рамки се одржаа три колективни ревии, каде пак успеав да стигнам до финалето. Првата моја средба со изработка на моделите, организација на кастинг, фитинг, како и изработка на лукбук и многу други придружни работи, се случија на тој конкурс. На некој начин тоа беше вовед во подготвувањето на самостојна колекција и можност да се запознам со многу аспекти на модата, кои не сум имала можност да ги запознам на факултет.

фото: Дарко Јовановиќ магазин Грација Ивана Муришиќ фото: Дарко Јовановиќ магазин Грација

Учествувавте и на модната недела во Белград. Како гледате на тоа искуство? Можете ли да ни пренесете што значи да се биде учесник на тоа престижно модно случување во Србија?

-Веднаш после студирањето, ја прикажав својата прва колекција токму на Белградската недела на модата, а и наредните две колекции исто така. Да се биде на оваа модна манифестација, значи да си отвориш можност твојата работа да ја запознаат сите познавачи и љубители и во Србија и во регионот. Имено, неколку модели од првата колекција што носи наслов „Ода на сонцето“ направија пат за моето модно творештво и благодарение на луѓето што ја препознаа нивната вредност, тие го доживеаја свјот полн сјај. Кога тоа го велам, мислам на златната наметка која отпатува на хрватската сцена, а мене како на почетник тогаш тоа многу ми значеше.

Фото: Север Золак Фото: Север Золак

Ја следите ли можеби македонската модна сцена?

-Сакам да ја следам модната сцена во регионот, па помеѓу останатото и македонската. Досега сум имала можност да се сретнам со работата на неколку македонски дизајнери, како што се Александра Митковска и Викторија Џимревска, што имав можност да ги видам на Белградската модна недела и тоа ме радува.

 Родени сте во Црна Гора, работите и во Србија, па со самото тоа ја следите и едната и другата модна сцена, иако црногорската е значително помала. Сепак, како би ја опишале едната, а како другата, а со тоа и купувачите?

-Големината на пазарот колку што носи добри работи со себе, толку создава и лоши околности за еден дизајнер. Луѓето во Србија делумно се заститија со количеството облека што им се пласира. Во секој момент ви е достапен секој моден бренд, почнувајќи од оние со комерцијални модели, до оние што спаѓаат во Висока мода. За да можете да опстанете на така голем пазар, потребно е да имате свое производство, да создавате модели во сите конфекциски големини и да му дадете на пазарот во секој момент она што е во тренд, а се' со цел да се биде во ранг со конкуренцијата што ве опкружува. Во помалите средини тоа е поинаку. Луѓето се желни за нови работи, па донекаде и повеќе ја почитуваат уникатната работа. Со помала заситеност на трговските центри, комерцијални брендови, добивате поголема храброст за оригинални и уникатни дизајнерски парчиња. Така, релацијата Србија-Црна Гора за мене создава баланс, од кој можам да ги извлечам позитивните страни и од едната и од другата средина.

фото: Djordje Zivaljevic фото: Djordje Zivaljevic

Се сретнавме на ревијата на Вивиен Вествуд во Будва. Кој е Вашиот моден идол? И имате ли можеби и други слични искуства, да присуствувате на ревија на светски познат дизајнер?

- Па, сакам да ја следам работата на модната куќа Балман, Вивиен Вествуд, Живанши, Жан Пол Готје и уште неколку. Минатата година ја посетив и ревијата на Кавали исто така во Будба, а се надевам дека следната година ќе посетам и ревија на Џон Галијано.

Гледајќи ги моделите од дел од Вашите колекции, можев да забележам дека речиси секаде се проткајува нота на футуризам и геометрија. Сепак, како Вие би ја опишале својата работа и естетика на тоа што го изработувате?

-Својата естетика би ја опишала како тежнеење кон експериментирање со материјали, со тенденција кон создавање на тродимензионалност во моделите. Моите колекции се инспирирани од линии, линиски површини како и комбинација на истите, за да се постигне геометријата и футуризам, како што и вие го опишавте.

модел од дипломската работа на Ивана модел од дипломската работа на Ивана

Како гледате на комерцијализацијата на модата? Колку и како Вие се снаоѓате со одржување на баланс помеѓу она што е Ваша замисла и она што купувачите го бараат? Или можеби не ни барате баланс?

-На секој свој модел сакам да постигнам функционалност и носливост, што е воедно и моето најголемо прилагодување кон купувачите. А на нив е да одлучат дали такво парче би сакале да имаат во својот гардеробер или не.

Во тој контекст, каде побарувачката е најголема? Кои се моменталните трендови?

-Опкружени сме со брзо темпо на живот, па склад со тоа, трендовите се менуваат од месец во месец. Она што овој месец е во трен, веќе следниот не е , така што поимот „во тренд“ полека почнува да бледи. Јас сакам да следам тренд, но не и да го применувам по секоја цена во својата работа.

Каков е Вашиот личен стил?

-Она што можете да го видите на моите ревии е она што јас сакам да го имам на себе, со таа разлика што јас сакам да ги комбинирам моите модели со моделите на други дизајнери и веќе препознатливи брендови.

По што Ивана Муришиќ се издвојува од другите?

-Сметам дека секој дизајнер е посебен на свој начин и дека меѓусебно се разликуваме најмногу по сензибилитетот и начинот на набљудување на модата. Гледајќи така, себе не би можела да се издвојам од останатите, а тие да не се поинакви од мене самата, на некој свој начин.

Lookbook The Colour Of Rain (FW 2012-2013)

Која е Вашата цел и на професионален план, но и во животот?

-Цел ми е да направам свое производство, поточно да имам постојани соработници, со кои секоја своја идеја ќе можам да ја реализирам. А исто така, би сакала својот бренд да го пласирам и надвор од нашите територии. Една од моите неостварени желби е да се претставам во странство, така што работам на тоа и се надевам дека ќе се случи наскоро.

За кого би сакале да дизајнирате, односно кого би сакале да го видите во Ваши креации?

-Би сакла да ја видам Бјорк во мои креации, а ако зборуваме за регионот, тогаш тоа дефинитивно би била Јосипа Лисац.

The colour of rain 2012-2013

Како го поминувате слободното време? Која е Ивана Муришиќ?

-Своето слободно време го поминувам со семејството, пријателите. Сакам музика, таа ме инспирира во многу нешта, па во таа насока, сакам да одам на концерти, фестивали, како и на сите видови уметнички случувања.

Што Ве окупира периодов и што можеме да очекуваме од Вас во иднина?

-Моментално работа на костимите за претставата „Хамлет во селото Мрдуша Доња“, на режисерот Лука Кортини. Тоа мошне ме исполнува, а паралелно работа и на колекцијата за есен-зима 2014/15. Ги работам скиците и собирам материјали, па наскоро ќе влезам во реализација на истите.

костимите во претставата Хамлета у селу Мрдуша Доња се изработка на Ивана Муришиќ костимите во претставата Хамлета у селу Мрдуша Доња се изработка на Ивана Муришиќ

Каде се гледате за пет години?

-Се надевам дека до тогаш ќе имам свое производство и дека мојот бренд ќе се најде во уште еден од големите модни центри.

 

Објавено:
15 август 2014