Моден дизајнер

Излезетe од комфорната зона – Nan Demo ве води на афтер

Интервју со
Јелена Станаревиќ
21 декември 2016

Nan Demo е нова урбана енергија на македонската модна сцена. Се чувствува свежината, поинаквата мисла што со себе ја носи оваа релативно нова модна етикета и идејата да се биде свој без компромис, како водечки мотив во концептот на Nan Demo.

Јелена Станаревиќ е модната дизајнерка која преку оваа модна етикета ја канализира целата своја креативна енергија, својот глас и сето своето знаење стекнато низ годините професионална едукација. Како моден дизајнер се образувала на интернационалната Академија за мода и уметност, Mod'Art во Белград, a периодов е фокусирана на развојот на нејзиниот бренд Nan Demo со свое седиште во Скопје. Во моментов е актуелна со нејзината колекција за сезоната есен-зима 2016/17 „Води ме на афтер". Имавме многу поводи да поразговараме со Јелена.

Јелена Станаревиќ

-Nan Demo настана пред речиси година дена, а инспирацијата беше сето она што го научив во Белград и во Милано да го пренесам тука кај нас, мислејќи дека недостига една ваква модна етикета за помладата популација, за урбаната девојка, односно за сите оние со изграден личен стил кои не сакаат да се претопат во толпата. Сметам дека за ваков тип на облека тука има таргет. Започнав со идејата да не бидам од оние дизајнери кои прават колекција „за дома" или само за онлајн продажба, туку сакав да направам таков концепт што вклучува мој простор каде клиентите ќе може да дојдат, да ги опипаат, да ги пробат парчињата, да ги почувствуваат на себе... Бидејќи целиот процес на купување дизајнерска облека треба да биде посебно искуство и да роди некое чувство и да се пронајдеш во тоа, вели Јелена.

Инаку нејзиното дизајнерско портфолио покрај формалната едукација, вклучува и богато искуство како стилист во повеќе модни магазини и непроценливо искуство од „зад сцената" на Миланската модна недела, за кое вели дека исклучително и помогнало во нејзиното професионално надоградување.

-Студирав во Белград на отсекот за моден дизајн на Академијата за Мода и уметност Mod'Art. Таму учев две години, а потоа стекнав и дополнително искуство на Accademia del Lusso – италијанска академија за мода.  Дипломирав со просек 10 и во меѓувреме додека студирав, стажирав во повеќе списанија како стилист. Последната година, како ученик со највисок просек во генерацијата, ми беше овозможена да одам на Модната недела во Милано. Таму стекнав навистина значајно искуство, посетив многу ревии, имав можност и да почувствувам што се случува зад сцена, а тоа многу ми помогна во дефинирањето на мојот професионален правец. После тоа имав понуда и да останам и да работам како асистент на факултетот, но одлучив да се вратам во Македонија и да го стартувам мојот бренд. Во рамките на студиите, имав дипломска колекција која исто така ми беше оценета со највисока оценка, и истата таа колекција ми беше изложена на факултетот Accademia del Lusso што е со седиште во Милано, во рамките на тамошната модна недела. И откако го стекнав целото ова искуство, еве ме повторно во Македонија со мојата модна етикета Nan Demo, објаснува Јелана.

„Води ме на афтер" е нејзина прва официјална колекција со која е актуелна периодов. Шик и урбана, наменета за луѓе кои не се плашат да ја напуштат својата комфорна зона.

-Оваа колекција е моја прва поголема колекција која содржи 16 парчиња, а застапени се различни сегменти: од панталона-фустан, до јакни, сакоа, здолништа... Навистина долго работев на колекцијата токму затоа што во моето официјално дизајнерско портфолио „Води ме на афтер" ќе биде дефинирана како моја прва официјална колекција.

Колекцијата е проследена и со интересен едиторијал во урбан стил, што во целост ја отсликува естетиката на Јелена.

-Кога го осмислував концептот на едиторијалот, знаев со кој тим би сакала да соработувам и не згрешив во изборот. Како фотограф на едиторијалот се потпишува Бојан Стоилковски, додека модел е Симона Ничева и тие точно и прецизно ја пренесе идејата што сакам да ја постигнам со „Води ме на афтер". Презадоволна сум што се најдовме и се „прочитавме" како тим што беше дополнителна олеснителна околност. Токму затоа и продолжувам и понатаму да работам со истиот тим, единствено можеби проширен во иднина.

Првиот впечаток кога ќе ја погледнете колекцијата е дека се работи за линија со бунтовнички темперамент.

-Цел ми е да го работам тоа што најдобро го познавам. А најдобро се познавам себеси, својот стил и во основа тоа и го работам. Каков и да е актуелниот тренд, мојот личен стил и естетиката на мојот дизајн ќе ги задржам. Урбани парчиња, добар крој, добра структура и секако добри материјали. Меѓутоа помеѓу сето тоа секогаш вметнувам и специфичен колорит, како и впечатливо претставување на колекцијата. Не целам кон тоа да бидат комплицирани кроевите или парчињата да бидат тешки за носење, затоа што реално веќе се е измислено, туку се фокусирам на тоа да ја задржам добро дефинираната силуета, добриот крој и добрите материјали. Но, внимавам на тоа на кој начин ќе ја презентирам колекцијата, во смисла на добра фотосесија и со тоа да се издвојам, но сепак парчињата сакам да се достапни за сите, посочува Јелена во разговорот за Fashionel.

Ја запрашавме дали цели на конкретна таргет група и кој би сакала да ги носи нејзините парчиња.

-Реално не можам да кажам целна група во рамки на години, но сепак кога ние дизајнерите сме во некоја почетна фаза за дефинирање на колекцијата имаме некоја првична слика кој би сакале да ја носи. Така што целам на помладата публика во секој случај или пак на луѓе кои се со младешки дух. Дури можам да кажам на вторите уште повеќе, затоа што од младите тоа е очекувано, а многу е добро кога работам со некоја жена, независно од нејзините години или конституцијата на нејзиното тело, го носи тој млад дух во себе и знае како да ја носи облеката што јас ја креирам, истовремено. Дури и кога ваков тип на облека како што јас дизајнирам, клиентите ќе ја вклопат во некој аутфит за прилика за која јас не сум ни размислувала, па и да го искомбинира многу подобро од првичната наша замисла, тоа е најголемо задоволство и пофалба за секој дизајнер.

Уште еден карактеристичен момент за нејзината етикета е името Nan Demo, па бевме љубопитни да го дознаеме неговото значење.

-Долго време размислував за името на брендот. Не сакав да одам зад своето име или презиме, имав многу различни идеи меѓутоа ниедна не ми беше доволно добра да ја задржам. На крај сфатив дека воопшто не е битно кое е името, туку суштинскиот момент е тој што ја носи облеката да и даде значење, име, идентитет. Сфатив дека ми е буквално „сеедно" како ќе се вика брендот. Најголема желба ми е да го посетам Токио, јапонската култура ми е вечна инспирација и одлучив дека со првата заработка од моја колекција ќе го посетам Токио. И од тука дојде идејата (а во суштина и добро звучи) на јапонски да го преведам „сеедно" што резултираше со Nan Demo. Битен е идентитетот на личноста што ќе ја носи мојата облека, дизајнерката ни го откри значењето на името на нејзиниот бренд, чие продажно место инаку се наоѓа во центарот на Скопје спроти главната пошта.

Покрај тоа што тука може да се видат и купат нејзини дизајнерски парчиња, во истиот продажен простор ќе најдете и парчиња од брендови што Јелена ги застапува за Македонија, а исто така и облека која е по нејзин вкус и лесно може да се комбинира во целосен стајлинг со нејзините дизајнерски парчиња, односно се вклопуваат во нејзиниот концепт.

Со оглед на тоа дека нашето интервју со Јелена го правиме во овој убав претпразничен период, ја запрашавме што си посакува себеси и на нашите читатели за претстојната година.

-Си посакувам колекција во март, (како што и планирам) и да биде се како што ми е замислено. Би сакала, ако не оваа, барем следната година, Nan Demo да се прошири и во Белград. А на читателите на Fashionel им посакувам да држат до себе и да излезат од комфорната зона, да бидат тоа што се!

 

Објавено:
21 декември 2016
Прочитано:
1.273 пати