семејна приказна

Јана ни е лекот за сѐ!

Интервју со
Наталија и Андреј Ѓeорѓиески
29 април 2016

Како што многумина ќе кажат, децата имаат посебна моќ да внесат радост и неверојатна позитивна енергија во секој ден. Токму во таква радост и „заразна“ енергија имавме можност да уживаме во домот на семејството Ѓeорѓиески, чии горди членови се Наталија, Андреј од ДНК и малата Јана. Тие ги отворија вратите на нивниот прекрасен и спокоен дом во една од најубавите скопски населби, а нивната преслатка, петмесечна ќеркичка беше таа која дефинитивно нѐ пречека најубаво. Нѐ освои уште на прв поглед со нејзините љубопитни крупни очи, уникатниот стајлинг и секако, преслатката фризура! Наталија и Андреј ќе кажат дека многу брзо и лесно се навикнале покрај нив да има уште некој со кого ќе го делат животот, благодарение на огромната и чиста љубов што ја чувствуваат за нивната ќеркичка. Покрај одличната фотосесија, со нив поразговаравме и за тоа колку Јана им го сменила животот, како ги направила подобри личности, од што се откажале за неа и уште многу други интересни теми и совети што на сите ќе им бидат добредојдени. Во пресрет на еден од најубавите празници Велигден, дознајте и како тие се подготвуваат за истиот и уживајте во нивната семејна идила за која веруваме дека ќе биде инспирација за секој!

- Колку Јана ви го смени животот на двајцата?

Јана ни го смени животот и на двајцата толку многу што таа всушност стана нашиот живот и сѐ за кое живееме и јас и Наталија. Едноставно таа безусловна љубов  што ја чувствуваме за тоа мало бебче е толку чиста и искрена и посакувам секој човек да ја почувствува.

- Многумина ќе кажат дека приновата значи одрекување од многу работи...Се откажавте ли вие од работите што сакавте да ги правите?

Јас и мојата сопруга Наталија сме пред сѐ искрени и најдобри другари и од првиот ден бевме тоа што сме и затоа и се засакавме, а таков е и нашиот круг на пријатели кои од првиот ден се со Јана и ѝ се радуваат исто колку и ние. Така што, целиот претходен начин на живеење, дружење, излегување и секојдневие ни е ист, а Јана на сето тоа е еден огромен плус!

- Како поминува еден ден во семејството Ѓеоргиески?

Алармот Јана (се смее), нѐ буди околу 8 часот, потоа таа нели наспана, а ние не, ја анимираме гушкаме и бацуваме додека таа се смее на креветот во спалната соба и потоа почнува дневната рутина како: гледање цртани, слушање музика, „кенкање“, цицање, спиење и сѐ од почеток едно 10 - тина пати … 

- Андреј, што за Вас значи да се има ќерка?

Искрено, кога дознавме дека сме „у другом стању“, бев малку исплашен од тоа што ќе биде момче или девојче, бидејќи потајно сакав да е машко, а и бев загрижен за Наталија и целата нејзина бременост, но откако сѐ заврши во ред и на свет дојде ова наше женско бебче со многу коса и огромни очи, сфаќам дека не можеше да посакам нешто поубаво и понежно од оваа моја ќеркичка Јана!

- Мислите ли дека ќе бидете премногу заштитнички настроен кога Јана ќе порасне?

Јас искрено би сакал еден ден Јана да стане мој најдобар другар и да ги послуша сите мои совети, совети кои се темелат на целото мое искуство во едно вакво лошо пресметано и префригано време и ќе ја заштитат од луѓе кои ќе сакаат да на каков било каков начин ја искористат и повредат.

- Наталија, се плашевте ли како ќе се снајдете со Јана на почетокот, со оглед на тоа што таа Ви е прво дете?

Секако дека се плашев. Кога се вративме дома од болница се прашував цело време дали е најадена доволно, дали ѝ се спие, дали ја боли нешто кога ќе почне да плаче... Најискрено, најмногу се плашев некако да не ја повредам зашто беше такво ситно зрнце, беспомошно... И покрај многуте совети од најблиските, подоцна сфатив дека целата ситуација е најнормална за секој родител кој запловува во овие води.

- Велат сѐ она што ви било тешко се заборава кога ќе го земете бебето во раце... Вистина ли е тоа, за какво чувство станува збор?

Сите проблеми од секојдневието без разлика дали се финансиски, психолошки, семејни итн... се бришат во моментот кога ќе ја земам Јана во рацете и ќе ѝ ги изнабацувам образите и ќе ја изгушкам... Едноставно, таа ми е лекот за се!

- Ве направи ли Јана подобри личности?

Не сакам да звучам нескромно, но мислам дека и јас и Наталија и претходно бевме добри личности и затоа и останавме заедно, а сега со Јана сме истите тие добри личности само посмирени, поведри и многу посреќни.

- Каков карактер има таа? На кого наликува повеќе?

Јана е многу живо и хиперактивно бебе и сѐ ја интересира и сѐ анализира со очите огромни, така што тие карактериститки најверојатно и се на мене... Исто така, многу сум среќен како реагира на музиката што ја слушам ,многу е смирена и ужива додека слушам класична или jazz музика.

- Кој е првиот совет што ќе и го дадете кога ќе порасне?

Да биде искрен  и добар човек како дедо ѝ Јован и да ужива во животот!

- Сега кога имате ќерка, посакувате ли и едно момченце?

Сега за сега, целото наше внимание е насочено кон Јана и паметот ни е цело време во неа. Уживаме во секој нејзин гест, звук, гримаси, а кога ќе потпорасне и ќе не откачи, можеби ќе ја „замениме” со братченце...

- Какво значење имаат за вас празниците? Како се подготвувате за Велигден?

За Велигден не се подготвуваме многу, самиот ден за нас е како и секој друг ден поради тоа што и двајцата сме со секојдневни обврски кои си бараат време, но затоа тука се бабите кои со мала помош ќе ни помогнат да го почувствуваме духот на празникот.

Објавено:
29 април 2016
Прочитано:
8.869 пати