музичарка

Лондон ми отвори многу можности

Интервју со
Јова Радевска
27 јуни 2018

Јова Радевска е една исклучително талентирана девојка со неверојатен глас кој ќе сакате да го слушате одново и одново. Македонската публика за прв пат имаше можност да ја запознае во 2008 – та година кога на Скопскиот фестивал ја испеа емотивната „Јас сум овде“ и ги освои симпатиите на сите присутни. Таа веќе неколку години живее во Лондон каде работи на создавање супер музика и одлични соработки со популарни музичари. Последно што имавме можност да го слушнеме од неа е соработката со македонскиот бенд BDM за песната „Lee“ која звучи светски. Во интервјуто за Fashionel таа ја раскажува приказната за тоа како заминала во Лондон, која е нејзината вечна инспирација, а говори и за тоа какви можности нуди Британија за младите музичари.

Во прилог и неколку музички видеа од Јова кои дефинитивно ќе ви го разубават денот!

  

-Какво значење има музиката за Вас?

Музиката ми е како религија. Таа за мене значи многу работи: живот, утеха, тага и радост, надеж...

-Раскажете ни ја приказната зад новата соработка со BDM и „Lee“?

Кон почетокот на оваа година добив порака од BDM во која беше изразена желба за соработка. Неколку месеци подоцна почнав да ја слушам нивната музика која многу ми се допадна, а голем впечаток ми остави песната „Lee“ која има акустични делови. Мелодијата и зборовите се појавија за кратко време и така се роди нашата соработка. Инаку, за прв пат ги запознав членовите на бендот кога дојдов во Македонија минатиот месец. Начинот на кој музиката знае да ги поврзе луѓето е навистина посебен.

-Која е Вашата вечна инспирација кога станува збор за музика?

Инспирацијата навистина може да дојде од сè и сешто. Најчесто од некое лично откритие или чувство кое можеби во некој момент ми го менува начинот на кој што сум гледала на работите. А секако, може да дојде и од книга или нечија приказна. Сè има случено и од еден настан да добивам вечна инспирација. 

-Кои се Вашите омилени жени – музичари?

Има многу музичари кои ги ценам, всушност немам размислувано посебно за жени музичари, но кога веќе споменавте: Бјорк, Емилиана Торини, Џони Мичел, Арета Френклин, а од скоро време и Пати Смит која неодамна ја слушнав на еден концерт во Лондон и зрачеше со енергија на 71 година.

-Британија или Македонија?

„Таму каде што грее сонцето, таму каде што има љубов и сè“.

-Каков е животот во Лондон? Раскажете ни ја Вашата приказна која Ве одведе таму?

Животот во Лондон знае да понуди многу искуства. Градот е многу голем и сепак не секаде се стигнува за брзо време. Може да се запознаат луѓе од секој дел на светот и има спој на различни култури. Во Англија се најдов откако продолжив по стапките на сестра ми. Таа веќе една година беше во Англија, па и јас одлучив да проверам некои нови хоризонти. Областа Корнвал покрај Аталнтскиот океан беше првото место кое го посетив, а потоа и областа Беркшир. Во Лондон се најдов три години по моето доаѓање во Англија и тоа се случи откако по препорака се запишав на музичко училиште во главниот град.

-Какви можности имаат младите музичари во Лондон?

Англија е позната како музичка метропола и може да се запознаат многу музичари во чија музика сме уживале уште од детството. Иако има многу големи можности за младите музичари, во исто време треба многу да се вложи и да се работи ако сакате да постигнете напредок. Со развојот на Интернетот, не е толку важно каде некој се наоѓа, музиката може да се пласира и онлајн преку повеќето европски издавачки куќи.

 -Како би ја опишале Вашата музика во неколку зборови?

Имам работено на повеќе стилови, од акустичен до електронски, а веројатно ќе има и друг. Најважно ми е во кој стил и да биде песната, да допре до некој во Универзумот.

-На која музика би играле до крајот на животот?

Јас сум обожавател на емотивна акустична музика, а веројатно на таква не се игра.

-Ако треба да промените една работа кај Вас, што би било тоа?

Да не ги размислувам работите многу (се смее).

-Кои се Вашите херои од реалниот живот?

Сите оние кои оделе по тешкиот пат и успеале да излезат на другата страна и покрај најмалите шанси.

-Какви се Вашите планови за иднина?

Се надевам дека ќе ги реализирам плановите постепено. Животот знае да исфрли неколку топки на патот. Сè додека се стремам да се усовршам во тоа што најмногу го сакам и давам сè од себе, тогаш сум среќна. А за поконкретни планови, се надевам дека резултатите ќе можат да зборуваат сами по себе.

Фото: Приватна архива

Објавено:
27 јуни 2018
Прочитано:
690 пати