Јована Филиповиќ: Се чувствувам како револуционер

Интервју со •
22 јануари 2015

Неодамна бевме во ателјето на младата дизајнерка Јована Филиповиќ. Ги фативме последните денови кога празничната атмосфера доминира. Јована ни откри дека многу сака празници, но и без тоа можеше да се забележи по декорацијата во нејзиниот работен простор. Како вели, тој сосема го отсликува она што е таа како личност, но и нејзиниот бренд. Уживавме во топла и весела атмосфера, на што одлично се надоврза нашиот разговор на тема мода. Расположена и тивка, дизајнерката ни ги откри своите јасни ставови за состојбата на модната сцена, за нејзините други афинитети, за она што е актуелно во овој период, искуствата со странство...

На самиот почеток ја прашав токму за нејзините почетоци и пробивањето на модната сцена.

-Со моден дизајн почнав да се занимавам во 2010 година, кога дипломирав на Академија Италијана. Може да се рече дека тоа е мојот официјален почеток. Меѓутоа уште за време на студиите дизајнирав, бидејќи имавме неколку дипломски модни ревии, а последната ми беше во Фиренца. Како една од трите најдобри студенти, имав можност таму да ја претставам дипломската колекција. Веќе тука го сметам почетокот на мојата дизајнерска кариера, потоа следеа Моден Викенд Скопје, па Моден викенд  Белград. Всушност, јас почнав со модни инсталации, изложби, додека не бев подготвена да направам ревија. За мене да направиш колекција не е нешто што се прави туку-така, веднаш излегов од факултет, па сега ќе правам колекција и ревија, туку треба да има некој тек. Мојата прва модна инсталација беше во Мала станица, на отворањето на првиот Моден викенд Скопје. Токму затоа и ова мое последно претставување на манифестацијата беше на истото место,повторно на отворањето, како своевидно одбележување и спојување на првото и десеттото издание на Моден Викенд – вели Филиповиќ.

...LEDesign... ...LEDesign...

Додека да добие јасна претстава за тоа во која насока ќе се движи нејзиниот моден израз, таа имала неколку фази.

-На почетоците експериментирав со облеката. Почнав со колекцијата Лед дизајн, во облеката имплементирав лед диоди, така ми беше и дипломската колекција – трансформација на стар антички македонски накит во современ накит. Првите две години експериментирав, се барав себеси. Сакав да видам, да пробам повеќе работи, за да сфатам што сум јас. Со тек на време, сè повеќе ми се чистеше стилот, парчињата беа сè повеќе минималистички, а многу внимавав на материјали и кроеви. Веќе мислам дека го оформив  стилот. Иако стилот се гради додека сме живи, за разлика од почетоците, веќе знам во која насока ми се креациите, па дури знам и во кој сензибилитет ќе ми бидат и следните. А и клиентите веќе го препознаваат мојот уметнички израз.

SS 13 Collection - Una Historia SS 13 Collection - Una Historia

На одлуката да се занимава со моден дизајн не наишла на воодушевување кај најблиските, но не се откажала. Иако да бидеш моден дизајнер во Македонија може да се толкува и како храбар чекор, Јована е упорна:

-Мислам дека во секое семејство кога детето ќе рече дека сака да се занимава со моден дизајн, му велат, немој со тоа, нема таму просперитет. Не, на нашите простори... Таков беше случајот и со мене. Не им се допадна тоа, ме насочуваа повеќе накај архитектура, индустриски дизајн, но јас бев одлучна тоа да биде моден дизајн. Уште тогаш бев сигурна во себе и во желбата, начинот на кој што ќе работам,  дека нема тоа да го тоа правам по секоја цена, туку дека ќе го работам со љубов. И кога нешто се работи со љубов, на крај се исплати. Да, борбата е тешка, понекогаш се чувствувам и како револуционер, но на крајот на денот се исплати. Кога ќе се вратам дома и размислам, јас  секој ден го работам тоа што го сакам, никој не ме тера со сила. Во однос на приходите и исплатливоста е тешко. Но, доколку се бориш, може да се постигне. Ние на овие простори, немаме толкава куповна моќ за да го одржам брендот само од продажбата тука, но доколку се продава и надвор, тогаш е друга приказната. Тоа не е лесно да се смени. Луѓето треба да бидат вработени, да бидат со повисоки плати, за да можат да си купуваат дизајнерска облека. ма луѓе на кои им се допаѓаат моите модели, но не секогаш можат да си ги дозволат, што можам да разберам. На странскиот пазар е поинаку... – објаснува Јована.

FW14 Where the wild things are FW14 Where the wild things are

Таа неодамна ги претстави своите креации во Швајцарија, по што се врати со одлични впечатоци и искуства.

-Швајцарија дојде сосема случајно. Ме исконтактираа две девојки, Тања која е од Македонија и Паола, кои одлучија да отворат поп-арт продавница со македонски дизајнери во Берн. Ми се допадна идејата. Бев таму, бидејќи сакав да видам какви клиенти има. Не сакав само да ги пуштам парчињата, бидејќи сум тип кој сака да биде на место на настанот. Да видам директно какви луѓе има, знам дека имаат куповна моќ, но дали ќе се пронајдат во моите модели, и искрено сум многу задоволна од продажбата. Се изненадив и верувам дека би можела да се оствари уште некоја ваква соработка и во иднина–изјави дизајнерката.

FW14 Where the wild things are FW14 Where the wild things are

Но, она што уште повеќе ѝ оставило впечаток е третманот кој во странство го уживаат дизајнерите.

-Досега повеќе почит сум доживеала надвор. Не значи дека се жалам од третманот тука, но надвор си како ѕвезда. За нив ти си дизајнерот што дошол од странство и те прашуваат прашања што овде ретко кого го интересираат – колку време си работел на парчето, од кој материјал е направено, зошто е така изработено... Многу повеќе ти го вреднуваат трудот, дизајнот, времето, љубовта со која го правиш. А, овде кога ќе ја соопштиш цената најчесто ти упатуваат поглед: „Што си мислиш?“.  И во Шпанија кога продавав, еве сега и во Швајцарија и секаде каде што сум била, го гледаат моделот, ти кажуваат мислење. И да не е добро, ти кажуваат што не е добро. Кај нас пак, многу често првата реакција однапред е негативна – не е добро. Неприфаќањето критика не можам да го разберам, бидејќи токму од критика се учи.  Исто така, кај нас не разбираат дека материјалот и изработката се едно од примарните нешта. Дизајнот е она што клиентот веќе го видел, но кога ќе дојде да порача нешто, очекува добар материјал и изработка. Јас не можам да наплатам ако мене не ми се допаѓа изработката. И сум имала случај кога јас сум ја намалила цената бидејќи изработката според мене не ги задоволувала критериумите – признава Филиповиќ.

Тоа веднаш го наметна прашањето како ја гледа состојбата на модната сцена кај нас:

-Не можам да зборувам за тоа како било порано. Јас кога почнав да работам,  веќе имаше оформена сцена, нов бран на модни дизајнери, нова модна сцена. Но, има голем прогрес, не само во поглед на Моден Викенд, особено имајќи предвид дека сме во Македонија, а условите ни се вакви какви што се... На последниот Моден викенд беше добро што имавме добри гости од страна, познати блогери, дизајнери... Од нашата сцена сме тие, но беше убаво да се види и нешто ново, бидејќи се остваруваат нови соработки. Но, за да се споредиме со некоја друга европска метропола, треба уште многу многу да работиме. Кај нас работите се обратни од тоа што треба да бидат. Во прв ред на ревиите треба да седат новинари што пишуваат, ама вистински пишуваат за модата, не што прераскажуваат. Треба да седат buyer-и (луѓе што ќе одлучат што ќе се најде во продавниците), што мислам дека кај нас и го нема, па ако нема,  треба да се донесат од странство. Исто така, треба да седат личности што ќе ти бидат потенцијални клиенти, купувачи.  Кај нас, во првите редови седат роднини, што сакаат да ја гледаат ревијата. Во ред е нивната желба и интерес, но сепак, нема логика клиентот да го ставиш во трет ред, а роднините во прв. А проблемот е што самите посетители понекогаш се лутат доколку не се во прв ред.

Она што го гледате како производ од Јована Филиповиќ ќе го видите имплементирано и во нејзиниот личен стил. Не само во поглед на парчињата, туку во поглед на минималистичкиот израз. Иако поминала многу фази и експерименти додека го пронајде својот стил, на крајот сосема го прочистила, а тоа е една од пораките што сака да ги постигне и преку својата работа.

-Сакам да покажам дека ние во Македонија сепак имаме европска мода. Не шиеме само свечени фустани. Имаме луѓе што ја почитуваат модата, што знаат како да се облечат. Имаме дизајнери што ги следат трендовите и прават облека што ја има и во Италија, Франција. Сакам да оставам свој печат во ова мало парче земја што ќе биде рамо до рамо до тие европски стандарди. Исто така, сакам да покажам со мојот бренд дека не мора сè да ставите на себе за да изгледате модерно. Може да облечете најобичен црн фустан или бела маица, а тоа да изгледа баш стилски. Ние имаме обичај да се китиме со сèнешто. Но, јас се трудам да го докажам токму спротивното и задоволна сум до сега како ми оди.

Во тој контект ја прашав дали постои личност или бренд од модниот свет во кој се препознава и во однос на личноста, но и во модниот израз.

-Блиска ми е Фиби Фило, ми се допаѓа во сè што работи за Селин и се пронаоѓам и со неа и самиот бренд. Можеби и Живанши...

Во последната колекција имаше и неколку модели за мажи, дел од модата што според неа кај нас многу малку е развиен. Побарувачка има, но не и реализација.

-Претходната колекција сама ми наметна да имам неколку машки модели. Тоа беше моја визија за тоа како го замислувам мажот до жената за која инаку креирам.  Мислам дека ние дизајнерите треба малку повеќе да обрнеме внимание на машката мода. Мажите бараат, но нема кој да го направи тоа.

Кога не дизајнира, тогаш готви. Тоа е нејзината втора голема пасија, а времето го пополнува со сè што ја исполнува.

-Уживам во готвењето. Правам интимни забави на кои готвам. Па дури и кога одам на гости, сакам да готвам. Се трудам да е здрава храна и уживам во вино. Сакам да читам книги и да се дружам со пријателите на мирни вечери и дружби, бидејќи веќе сум во онаа фаза кога не ми се излегува по диско-клубови. Сакам да гледам филмови, но задолжително со пуканки. Да патувам многу сакам, тоа ми е потребно за да функционирам како што треба. Од време на време знае да ме загуши атмосферата овде, па знам да излезам од државава па макар на 3-4 дена.

Едни од модните додатоци што ги забележавме на неа се и тетоважите. Нема да застане само на постоечките, но секогаш кога се одлучува на таков чекор, за неа мора да има значење.

-Тетоважите за мене и овие што ги имам се уметнички израз. Сум ги ставила во периоди од животот кои за мене имаат големо значење. Не би ги ставила колку да имам, или бидејќи е тренд. Овие не ги ни забележувам бидејќи се дел од мене.

За крај, ни откри дека во иднина би сакала уште поголем простор, како и да се прошири на странскиот пазар. Иако во моментов работи на летната колекција, ние ја замоливме да ни ги посочи нејзините омилени парчиња за актуелната сезона,  а воедно и да ги препорача на нашите читателки:

-За мене многу зборуваните високите чизми оваа сезона се апсолутно кул, волуменозни парчиња – блузони, јакни, капути... Исто така, одлично парче е и елекот без ракави. Оваа сезона ми е хит и природното крзно. Знам дека многумина се против и ме прашувале зошто и го користам и го сакам, но едноставно тоа е мојот став. Мене ми е убаво и стојам позади тоа – вели Јована.

Објавено:
22 јануари 2015