Кариера плус: Чекор поблиску до практична примена на креативноста

Интервју со •
9 јуни 2014

Неформалното образование стана основен предуслов за надоградување на формалната едукација и најсоодветен начин за практична подготовка пред остварување на работен однос. Во креативните професии овој принцип на доусовршување на талентот, но и на претпримеачките способности е особено важен со оглед на споделеното искуство на предавачи кои ги поминале сита фази на професионален развој, што го олеснува себепозиционирањето на пазарот. Од неодамна кај нас постои една токму таква образовна платформа - Центар за кариера: Кариера плус, која обезбедува практична едукација во различни креативни насоки со цел да се олесни прилагодувањето кон турболентната динамика при воспоставувањето на  нов работен однос. Во продолжение, разговараме со Марина Нацка, менаџер на Кариера плус.

 

-Вашата основна девиза е: Една скала поблиску за твоето вработување...Во што се состои вашиот придонес кон зголемување на шансите за остварување работен однос?

Ние пред се нудиме практична обука и стекнување на употребливи вештини кои се дополнување на теоријата која се изучува во редовното образование. На голем број луѓе не им е дадено практично знаење со кое ќе можат да создадат нешто свое, дали бизнис или дополнителна работа, да задоволат страст кон некое хоби и сл. Кај нас не е развиен малиот бизнис (микро бизнис) затоа што луѓето немаат храброст да го направат тој чекор. А немаат храброст затоа што немаат практично знаење и вештини. Сите најлесно се решаваат за трговија (купи – продај), а не да изработат нешто свое.

-Како дојдовте до идејата да го отворите Центарот за кариера – Кариера плус?

Современото темпо на живот наметнува потреба од вакви курсеви. Во минатиот период луѓето во нашето општество немале потреба да размислуваат за ваков тип на едукација: завршувале одреден степен на образование, наоѓале работа во државна фирма или институција и слободното време го поминувале во различни, најчесто непрофитабилни активности. Денес темпото на живот и условите се сосема различни: државната работа е чисто административна, некреативна и тешко достапна, а работата и приходите во приватните фирми се недоволни за денешните потреби.

 

-Какви се курсеви се имплементирани во Вашата програма и кој е задолжен за нивното реализирање?

Центарот во соработка со своите предавачи, професионалци кои се страсни за нивната работа и подготвени да ги споделат своите искуства и да ги обучат сите курсисти до највисоките професионални нивоа, ги нуди следните типови курсеви:

* Курсеви за моден дизајн, предавач Ивана Кнез

* Курсеви за мејк-ап,предавачи  Васе Доковски,Марија Ленчевска и Златица Поповска

* Курсеви за стилизирање на коса,предавач Милена Цапов

*Курс за актерска игра и креативно пишување -предавач Билјана Радиноска

*Курсеви за фотографија,предавач Жарко Чулиќ

*Курсеви за новинарство, предавач Емилија Бунтеска

*Курсеви за дизајн и изработка на накит , предавач Бранка Данчевска

* Часови по флејта,предавач  Александра Мангаровска- Милиќевиќ

* Курс 24PR- Односи со јавност- предавач Пеце Ацев

* Курс Правоговор и Сценски говор со техники на глас-предавач Никола Настески

 

-Каков е принципот на курсевите?

Овој тип на едукација е развиен во повеќе насоки, од кратки еднодневни курсеви, до повеќемесечни курсеви и обуки се зависно од тоа колку време е потребно за совладување на техниките кои се опфатени во еден курс а кои ќе им помогнат на луѓето да научат занает и да добијат алат во рака за да ја постигнат својата цел или да добијат знаење како да ја реализираат страста за креативно творење.

-Имате ли посебни критериуми според кои ги оформувате курсевите?

Да. Курсевите имаат свој животен пат – од идеја за некоја практична вештина / знаење кое може да се капитализира, преку пронаоѓање на совршениот предавач, со кој почетната идеја се разработува и оформува во конкретен облик спремен за пренесување на заинтересираните. Ние (нашите предавачи и јас) сметаме дека можеме и знаеме да понудиме подобри, поквалитетни, поспецијализирани ( поконкретни) курсеви и обука од досега постоечките. Сакаме да излеземе од затворените шаблони и да понудиме нешто ново, свежо и конкретно, што ќе им даде алат на луѓето со кој ќе можат да заработат пари на чесен начин.

 

-За кого се наменети курсевите?

Нема возрасни граници, нема никакви граници воопшто. Курсевите и обуките се наменети за сите кои сакаат да направат нешто за себе и за другите, дали остварување на профит или да реализираат некоја своја страст, желба за создавање на нешто, било да е тоа дело,предмет или креација од било каков тип.Креативноста различни луѓе ја изразуваат и прифаќаат на различен начин ,било како изработка на модна креација и уникатен накит, професионална фотографија,развивање на говорна вештина,создавање на совршен лик користејќи професионална шминка, гламурозни фризури, правилен говор без  дијалект,запаметена актерска изведба или свирење на флејта, задоволување на најразлични човечки потреби.

-Што вклучува вашата долгорочна агенда за во иднина?

Со оглед на тоа што креативноста не познава граници, КАРИЕРА ПЛУС ќе продолжи да имплементира и понатаму креативни курсеви кои ќе му помогнат на секој посебно да добие практично и употребливо знаење кое ќе го примени во самовработување или започнување на  хоби.

 

 

 

 

Објавено:
9 јуни 2014