пејач

Ќерката ми прави креативен хаос!

Интервју со
Владо Георгиев
28 јануари 2017

Љубителите на баладите и песните што ја опејуваат љубовта, веројатно со нетрпение го очекуваат концертот на Тони Цетински и Владо Георгив, закажан за 18-ти февруари.

А дури и да не сте љубител на ваква музика, сепак не може да се оспори музикалноста, талентот и квалитетот со кој овие изведувачи долги години опстојуваат на сцената.

Владо Георгиев неодамна го посети Скопје. Ние ја искористивме можноста кратко да поразговараме и за претстојниот музички настан, но воедно и за новите моменти во неговиот живот, модата...

Со оглед на тоа дека ова ќе биде прв заеднички концерт на двата популарни пејачи, Георгиев не го криеше задоволството.

-Идејата за оваа соработка дојде од организаторите и двајцата ја прифативме со задоволство. Ние претходно требаше да настапуваме заедно на еден настан, што за жал не се реализираше, но еве излезе оваа шанса, па конечно ќе се случи тоа. Сметам дека комбинацијата е одлична и тој ден и ние и публиката навистина ќе забавуваме – вели пејачот на почетокот.

На прашањето како се подготвува за концерт, добивме малку неочекуван одговор:

-Па, не се подготвувам. Сакам да оди спонтано. А и во животот сакам така да ги правам работите – спонтано и непосредно.

Уште една заедничка работа што ги поврзува, покрај овој концерт е што и двајцата настапувале со Оливер Драгојевиќ. Тони пред повеќе од 15 години со него го сними хитот „Морски вук“, додека на неговиот концерт во Скопје, токму Владо беше специјален гостин.

-Да, така е. Оливер и јас сме пријатели долги години и тој е едно големо име, голем уметник, голем цар. И двајцата сме приморци и се надевам дека наскоро повторно ќе соработуваме, навистина би сакал – изјави Владо, кој додаде дека имаат и заеднички музички идол – Стиви Вондер.

Инаку, Георгиев е познат и како еден од ретките автори и изведувачи што цврсто се залага за авторските права.

-Поборник сум и на човековите, а се занимавам и со заштита на животните. Конкретно, за авторските права во музиката, тоа е важно, затоа што едноставно е пред сè толку многу евтино, а второ не е чесно да се краде туѓа музика. Сигурен сум дека никогаш не сте отишле во ресторанот и избегале. Луѓето немаат свест дека ако украдеш песна, тоа е како да си украл нешто толку евтино, поевтино од некое кафе во ресторан кој цел ден пушта музика, многу изведувачи. А на месечно ниво плаќа износ колку 30 кафиња, што е прилично смешна сума, ќе се согласите. Но, тоа малку на луѓето им значи многу, затоа што не се сите пејачи или изведувачи како мене. Јас сум и композитор и правам авторска музика, но покрај тоа и настапувам. Некои се само талентирани и седат дома, не се изведувачи и немаат начин како да заработат. Тоа е  исто како кога писател ќе напише книга и таа ќе се продаде и тој навистина ги заслужува тие пари, колку и да се – смета пејачот.

Не можевме да не проговориме и за стилот. Ретко го менува и останува доследен на темните одела:

-Тоа е така од причина што, не само дека не сакам да се отповарувам, туку мојот стил е класика. Сакам сè што е класично. Мене не ми се допаѓаат и денешните автомобили. Грди се. Ми се допаѓаат автомобили од 1960-тиите, 1970-тите. Сметам дека еден маж треба да носи сако или одело или јакна, убави чевли, чизми, а не нешто да се „фемка“ со некои тенки и тесни фармерки, односно ногавици... Мене тоа едноставно, не ме асоцира на мажевност – вели Георгиев.

А за тоа коментарите од типот: „Владо не се облекува, Владо ги менува оделата“ ќе каже:

-Не е тоа лошо, како концепт и како идеја е многу добро J.

Пред неколку месеци ѝ посака добредојде на својата ќеркичка Софија. Го прашавме колку татковството му е инспиративно.

-Па моментално не ми е инспиративно, туку повеќе ми прави креативен хаос J. Затоа што, тоа е нешто сосема ново што ми се случува во животот. Се обидувам некако да се навикнам. Сите што добиваат прв пат дете знаат дека тоа е сосема нов момент во животот. Мислам дека ќерката допрва треба да прозбори, да прооди, за да се зближиме уште повеќе, па во тој случај верувам деќа ќе започне да работи и инспирацијата. Ма да, морам да признаам дека веќе почнав да размислувам да пишувам и детски песнички. Во смисла да ја забавувам, а со тоа и децата би добиле нови песнички – најавува Владо.

За крај, го прашавме и дали верува во љубов за цел живот.

-Па... Верувам да. Сметам дека тоа е можно. Моите родители се во брак еве веќе 53-та година, така што со тоа е сè кажано – вели пејачот, кој уште еднаш ги повика сите да бидат дел од забавата на 18-ти февруари.

Објавено:
28 јануари 2017
Прочитано:
1.434 пати