адвокатка

Кога повеќе би се грижеле за внатрешната убавина, сè би било поубаво!

Интервју со
Сузана Јошевска Анастасовска
16 јули 2018

Сузана Јошевска Анастасовска е една од најуспешните адвокатки во Македонија, сопруга и мајка на две прекрасни деца со кои обожува да го минува секој слободен миг. Нè привлече со нејзината спонтаност и исклучителен стил, за кој можевме да посведочиме и на средбата за интервјуто кое го направивме неодамна. Таа беше доволно расположена со нас да ја сподели приказната за тоа што денеска значи да сте жена – адвокат во Македонија и дали конечно се ослободуваме од предрасудите за оваа тема. Нѝ откри како успева да воспостави баланс помеѓу работата и семејните обврски, а секогаш да изгледа толку добро. За тоа како таа ја дефинира убавината, како се грижи за себе и што е она што искрено ја прави среќна, читате во интервјуто во продолжение.

-Зошто станавте адвокат? Има ли некоја посебна приказна што Ве инспирираше да станете она што сте денес?

Станав адвокат како резултат или како комбинација од слушањето на своите желби и потреби и советите од паметните и искусни луѓе околу мене. Нема тука некоја посебна приказна, мојот пат кон адвокатурата го пронајдов како што се пронаоѓав себеси, постепено и со посветеност и искреност кон себеси, прашувајќи се на кој начин јас можам да придонесам за правото да биде право, а не неправо и притоа да бидам задоволна. Од денешна дистанца, мислам дека патот ми беше секогаш отворен и покажан, само требаше да гледам со очи широко отворени и уши остро начулени. Можеби ќе беше доволно да се сетам на првото бранење на соученик во основно и етикетата „дрвен адвокат" од една наставничка за да знам дека за тоа ме бива, ама сепак значајно е дека на тоа се надоврзаа и помалку анегдотски содржини кои ме осигураа дека во адвокатурата можам да се пронајдам и да бидам среќна со тоа што го работам.

-На што сте фокусирани во Вашата работа?

Секогаш и единствено на клиентот и неговиот проблем, поточно на решението на неговиот проблем. Знам, јасно ми е дека модерната успешна адвокатура е бизнис, фокусот треба да биде и на парите, но кај мене тоа е секогаш второстепено. Дали некој предмет ќе решам да го работам првенствено зависи од тоа што можам јас да направам во тој предмет, дали и како можам да помогнам, што од мене се бара. Ако тоа го расчистам и се уверам дека можам, можам да размислувам на финансиските импликации. Никогаш второто не е мотив, туку успешно завршена работа ми е водилка.

-Што значи да сте жена адвокат во Македонија?

Истото што значи да сте жена во било која професија во Македонија, со сите предизвици, со сите опасности и со сите препреки. Јас не сум почувствувала ниту една предност. Тоа е тешко да се опише со зборови, ама комбинацијата на жена и младост беше нешто што мораше да се надмине и преживее. Се борев достоинствено со повозрасни колеги да не ми се обраќаат во судница со „девојче", бев тврдоглава дека со клиенти ќе разговарам за работа само во канцеларија, а не по ресторани и кафулиња, бев претпазлива и на тој начин се чувствував дека се штитам и градам достоинствена кариера.

Сега, кога веќе сум 13 години во професијата, имам самодоверба и искуство и можам да сум покомотна, силна сум и одлучна и тоа се гледа на прв поглед па никој не си дозволува да излезе од границите на коректноста и можам да кажам дека не чувствувам никакви бариери од аспект на полот. Ама патот мораше да се изоди и тоа е претпоставувам вообичаено за секоја жена во било која професија.

-Како се постигнува баланс помеѓу успешна кариера, мајка и сопруга?

Со љубов, разбирање, поддршка и добра организација. Се насмеав кога ја прочитав модерната верзија на една стара изрека- Позади секоја успешна жена се кријат две жени-нејзината мајка и нејзината свекрва.

За жал, мајка ми почина пред да станам адвокат, но најзаслужен за постоењето и развивањето на мојата кариера е мојот сопруг без чија поддршка не знам како ова би изгледало. Имам среќа што тој дојде во пакет со двајца прекрасни родители, моите свекор и свекрва, чија помош доколку ја немаме, се ќе беше покомплицирано и потешко. Тие ни го овозможуваат времето за балансот за кој прашувате, бидејќи јас не сум толку силна да можам без помош да бидам се, да стигнам секаде и тоа да го правам со насмевка. Има жени околу мене, има жени за кои знам, читам и сум сведочела, жени кои со многу помалку помош, човечка и финансиска поддршка изгледаат како да успеваат буквално се да постигнат. Јас навистина се чудам бидејќи јас не би можела без луѓево погоре и моја неизмерна среќа е што ги имам така прекрасни во мојот живот.

-Кој е најзначајниот совет што постојано им го повторувате на Вашите деца?

Да не се откажуваат. Вообичаена и нормална слика е мало дете како не може нешто што сака да направи и во немоќ ја фрла играчката и почнува да плаче. Ние никогаш не сме ги завршувале или довршувале работите или задачите место нив. Ако нешто сме повторувале, тоа е дека ако се откажат, едно е сигурно-тоа ќе остане така, ненаправено. Треба да се обидуваат додека не успеат, а притоа да знаат да побараат помош. Секогаш сме тука да помогнеме, но не да ги замениме.

Лицата им се бесценети кога на крај ќе успеат. Во било која возраст, еве додека растат, само комплицираноста на задачата се зголемува, а задоволството е исто. Методот е ист. И тоа не е само животна лекција, туку и начин да ја изградат сопствената самодоверба и однос кон себе и своите потенцијали, односно да знаат дека можат да се потпрат на себе доколку доволно се обидуваат.

-Кој е концертот што Ви оставил најголем впечаток и зошто?

Одењето на концерти ми е едно од најголемите задоволства. па од оскудното слободно време што го имам можам да кажам дека одам често. Тешко ми е да одвојам концерт кој ми оставил најмногу впечаток затоа што некако секогаш тоа се последните можеби три на кои сум била, кога впечатоците се сеуште свежи. Еден таков беше последниот на Јосипа Лисац кој долго ќе го паметам иако сум била на сите концерти кои таа ги имала во Македонија последните 20 години. Концертот на Стинг беше очекувано доживување, Пинк кога беше во Скопје многу пријатно ме изненади, а мокра до гола кожа во кал и дожд со задоволство скокав на Ред Хот Чили Пеперс во Инџија.

Како приказна сепак, која ја раскажувам често, е еден лош концерт- Бон Џови во Софија. Таа група ми е детска музичка љубов, јас практично како дете сонував дека некогаш ќе ги видам во живо. Сигурна сум дека тој ќе беше концертот што ќе го одвоев за ова прашање, да беше добар, бидејќи поврзува лична емоција, сеќавање со музика. Меѓутоа, пејачот Џон Бон Џови при судир со овој балкански воздух добил алергија и не можеше да пее. Се трудеше, ама не можеше и концертот беше прекинат. Ќе остане надежта дека можеби повторно ќе го гледам во подобро издание и дека потоа ќе преовлада тој впечаток.

-Постои ли книга после која ја сменивте перцепцијата за светот?

Не, постојат КНИГИ со кои ЈА ГРАДЕВ перцепцијата за светот, историски, културно, философски. Дел од нив ни беа лектири во средно, имав прекрасна професорка по македонски јазик и литература која ме научи не само да читам, туку и да размислувам. Во 90 - тите беше речиси задолжително да се чита нешто од Хесе, Коељо, Даглас Адамс, Павиќ и сл., и сите тие не градеа и моделираа генерациски.

Странецот од Ками и Процес од Кафка, односно нивната теорија на апсурдот сепак ми отворија нов свет, друго ниво на длабочина. Се сеќавам на среќата што ја почувствував кога почнаа работите во исто време да имаат и да немаат смисла, таа конфузија и нејзиното безусловно прифаќање. Можеби и тајмингот беше погоден.

Годините потоа не прават цинични, секоја година се повеќе. Ретко веќе во некое литературно парче се вложувам целосно, повеќе со книга се релаксирам. Четириесет правила на љубовта од Елиф Шафак, книга за Руми и неговиот духовен водач, проткаена со модерна приказна ме остави да размислувам. Но светот... светот веќе одамна го делам на микро и макро и мислам дека книгите кои понатаму ќе ме допираат ќе ми помогнат само подобро да го разберам и прифатам.

-Како Вие ја дефинирате убавината?

Убавината е позитивен однос кон себе и кон светот. Она кога некој некому ќе му рече „Зрачиш!", тоа е тој позитивен однос кон себе, лушпата во која е таа позитива не е значајна. Насмевката и очите, држењето на телото и гестикулациите, тој самоуверен, а сепак нежен однос кон се што претставува свет е „шминката", тоа што го нагласува, го истакнува задоволството да се биде свој, емитира привлечност. Секој сака покрај себе убав човек, но најчесто луѓето под убав мислат на привлечен, а тоа подлежи на поконкретни индивидуални критериуми.

Навистина не ја гледам убавината како збир на убави црти, долги коски, обликувани мускули и секакви општоприфатливи критериуми за тоа што е во моменот акцептирано од општеството за убаво. Ведрината на насмевката, милоста на очите, силината на карактерот, интелигенцијата и шармот, сите вешто искомбинирани во едно тело се состојките на убавината.

-Како се грижите за себе?

Вежбам и трчам, само тоа. За жал, не колку што би сакала, ама се трудам. Не одам на козметичар, на фризер еднаш во 10 месеци. Не одам на третмани, педикири, маникири, сето тоа ми е губење време. Се сум пробала. Дури на некои работи сум дала и шанса со одење неколку пати. На прагот на 40тата година од животот точно знам што е за мене, што не е, за што имам трпение, за што немам и не планирам да имам. Сакам ноншалантно стокмени жени кои не изгледаат како да пола ден поминале за да се стокмат. Не сакам се да е на место, го презирам она „Жена треба секогаш да е средена од глава до пети!". Се сакам себеси и кога сум со децата излезена на прошетка во рамни чевли и репче, и кога ненашминкана се гледам во огледалото каде што вежбам. Кога луѓето би се грижеле за себе одвнатре колку што се грижат за себе од надвор, се било поубаво.

-Како би го карактеризирале Вашиот стил?

Кога би знаела како, би го одговорила ова прашање. За мене тоа е исто како да ме прашате „Што мислите за себе?". Тоа треба друг да го каже, особено некој што се занимава со тие теми па да може соодветно и да се изрази. Единствено што сама за себе по ова прашање можам да кажам е дека не сум изгубена, знам што сакам и имам нешто по кое луѓето ме препознаваат. Претпоставувам дека тоа се вика стил, ама каков е тој...можеби некој од fashionel.mk ќе може подобро да каже.

-Ако во овој момент можат да Ве слушнат сите жени во светот, што би им препорачале?

Не сум баш љубител на такви „Мис Универзум" пораки. И онака луѓето разбираат само тоа што сакаат и што им одговара, а во денешно време на достапност на информации, брза комуникација и мал свет, нема нешто што можам да кажам, некоја универзална вистина, мотивациона порака или инспиративна реченица, а да не е претходно сето тоа кажано неколку пати.

Она што го посакувам за жените во целиот свет е свесност за сопствените вредности, потреби и права, а секоја жена, се во животот што ќе прави и за се што ќе се бори, да биде со љубов, за љубов и од љубов. И притоа најмалку мислам на романтичната љубов.

Објавено:
16 јули 2018
Прочитано:
1.976 пати