манекенки

Креативната страна на нашите манекенки

Интервју со
Елена Гугоска и Ангела Карова
13 декември 2016

Веројатно овие две девојки ги знаете од бројните едиторијали и ревии од кои досега биле дел, но верувајте дека тие имаат многу повеќе да кажат. Ние имавме можност да се дружиме со Елена Гугоска и Ангела Карова едно попладне и да се увериме во тоа дека покрај тоа што се успешни модели, тие се и неверојатно креативни девојки со супер дарба за цртање.

Едната твори на кул маички што можете да ги најдете во Wonderlust, додека другата прави неверојатни цртежи кои веднаш ќе ги посакате во вашиот дом. Елена ќе каже дека црта од мала и дека тоа е нешто што едноставно и се провлекува низ животот, независно со што и да се занимава во моментот. Интересот за цртање на Ангела, постои од кога знае за себе. Дошол сосема природно, без форсирање од училиште или дома, туку како алатка за релаксација.

Кога ги прашавме на кое дело најмногу се гордеат, тие велат дека тоа е исто како да прашаш мајка кое дете и е омилено. Ангела вели дека секоја маичка е направена со иста љубов и внимание како и другите.

„Можам да кажам дека во ситуацијава се гордеам со себе што конечно собрав храброст да работам на својот талент и внатрешен повик“, потенцира таа.

Кога работиш некоја толку креативна работа, тогаш дефинитивно мора од некаде постојано да се инспирираш за уште поубави и поубави дела.

Ангела вели дека нејзината најголема инспирација е љубовта. Без разлика дали се работи за нејзино искуство или пак на блиските, љубовта е секогаш неисцрпен бунар за инспирација.

Елена посочува дека инспирацијата секогаш зависи од проектот на кој работи во моментот.

„Понекогаш ми е доволно само да погледнам на она што се случува околу мене и најмалите предмети или случувања можат да бидат извор на огромна инспирација“, додава таа.

Кога имате две манекенки на едно место со желба за разговор, не смеете да пропуштите да говорите и за нивното хоби по кое се и всушност најпознати, барем засега.

На прашањето може ли да се живее од манекенството во Македонија, и двете ќе заклучат дека е подобро да се занимаваш со тоа како хоби, отколку како сериозна професија.

„Ако се задржиме само на Македонија како пазар, мислам дека е премал и не може да се заработува за живот. Меѓутоа ако земеме предвид  дека поголемиот дел од моделите започнуваат да работат многу млади, хонорарите се доволни ако ништо друго барем малку да почувствуваат како е да имаш свои пари“, вели Елена.

Ангела пак вели дека сѐ зависи од тоа кој колку е навикнат да троши.

„Мислам дека иако заработувачката е добра, манекенството треба да се одржува како хоби, не и како професија“, заклучува таа.

Како едни од најпознатите модели во земјава, неизбежно беше да ги прашаме што треба да има една девојка за да биде успешен модел.

„Мислам дека успехот е комбинација од повеќе фактори. Како и за сѐ во животот, напорна работа, посветеност и план во која насока сакаш да се развиваш. Секако дека изгледот и пропорциите се важни, меѓутоа сето тоа во голема мера зависи од општите трендови“, објаснува Елена.

Убавината повеќе не е пресуден фактор, според Ангела.

„Она што е најважно е професионалното однесување, потоа одговорноста, одржувањето на изгледот, искуството, образованието и паметното себе-менаџирање“, додава таа.

И двете ќе се согласат дека со добра организација може да се постигне сѐ во животот, па така можеш и да бидеш манекенка, но и да работиш сосема друга работа.

„Многу ретко гледаме манекенки што се занимаваат со таа професија цел живот. Од друга страна пак, има сѐ почести  примери на манекенки кои се многу успешни и на други полиња. Со добра организација и мотивираност може да се постигне сѐ“, вели Елена. Нејзината колешка Ангела вели дека секоја манекенка има доволно време за задолжително да се образува.

„Јас самата сум пример дека може и две различни хобија да се одржуваат и развиваат паралелно во успешна приказна“.

Тие ги охрабруваат сите млади девојчиња кои допрва почнуваат да се занимаваат со манекенство, дека треба да пробаат доколку тоа е она што тие вистински го сакаат.

„Секое девојче што мисли дека може да успее во таа професија, треба да проба. Сепак постојат модни агенции кои што можат да го овозможат тоа и топло препорачувам соработка со нив. Но, треба да се има на ум дека манекенството не е едноставна работа и бара доста вложување на време и труд“, објаснува Ангела.

„Би сакала да ги предупредам сите да бидат многу внимателни при изборот на соработниците и пред сѐ на агенцијата која ги застапува“, додава Елена.

Кога станува збор за работата на која тие би сакале да и се посветат до крајот на животот и двете се повеќе од сигурни дека канцелариската и монотона работа не е за нив.

„Би сакала да пробам и усовршам во различни професии, не да одберам една за цел живот. Сепак имаме еден живот, штета е да не се истражиме себе си во различни полиња“, вели Ангела.

Елена го дели истото мислење.

„Со сигурност можам да кажам дека не сакам да се занимавам со некоја монотона канцелариска работа. Така што се доколку е нешто спротивно на тоа и вклучува креативност, нема да имам проблем. Моментално учам графички дизајн во Семос Едукација и секој ден се повеќе и повеќе се пронаоѓам во таа професија“, вели таа.

Сосема за крај, ги замоливме да испратат новогодишна порака за нашите читатели.

„Оваа година да ја почнеме со нова, подобрена  верзија од себе си, да бидеме малку понесебични и повеќе да сакаме“, Ангела.

„Не заборавајте да љубите, така го правите светот поубаво место за живеење“, Елена.

Објавено:
13 декември 2016
Прочитано:
1.839 пати