Кристина Кралева, модна блогерка: За модата треба да се жртвуваме

Интервју со •
5 септември 2014

Девојката чија прва љубов е модата, италијанскиот јазик  и' е професионална определба, турбуленциите уште една животна станица, а модниот блог омилено хоби, Кристина Кралева само за fashionel.mk ги открива малите-големи тајни кои го сочинуваат стилот.

Млада, насмеана, амбициозна, позитивна  и секогаш подготвена за нови предизвици и освојување на нови хоризонти оваа модна блогерка едноставно ќе ја обожавате. Нормална, едноставна девојка чиј животен двигател и е модата која ја пронаоѓа буквално во се', вели дека никогаш не се гледала како моден блогер.

„Пријателите ми помогнаа да ја реализирам оваа идеја за создавање на моден блог, за кој што и јас постојано размислував. Не е ништо професионално, туку ете така едноставно за своја душа, сакав да им откријам на луѓето каков е мојот моден идентитет, моите ставови за модата, трендовите и стилот“, го почнавме разговорот со Кристина.

Рецептот за добро чуваната тајна за успех е мошне едноставен.

„Мислам дека најважно за сите девојки, жени е да си го познаваат добро своето тело за да знаат што најмногу им одговара од модел, крој, структура, материјал. Значи не е важно да купуваме скапи парчиња кои се брендирани, најважно од се е да се познаваме сами себе. Тоа е мое правило за успех. Треба да се соочиме со маните и да научиме вешто да ги прикриеме. Јас го правам токму тоа. Сакам да сум секси, но не премногу, сметам дека се' што е претерано е надвор од границите на она што е вкусно, посакувано и модерно. Среќна сум што голем број луѓе се најдоа во мојот блог и што добивам позитивни критики. Тоа ми дава стимул за да бидам поактивна и да им ја задоволам жедта на сите оние кои имаат потреба од мене. Навистина за мене е голема чест“, открива блогерката.

Нејзиниот  блог е успешна реализација на нејзината лична модна политика, без притоа туѓите влијанија да го креираат нејзиниот моден свет.

„За мене мода е секојдневието. Кај мене може најмногу е изразена во начинот на облекување, но мода е и начинот на кој ќе си го средиш домот, украсните предмети по дома, декорот на личните предмети...Модата е навика, стил, начин на живеење. Ми се допаѓа тоа што до ден денес имам став и свој сопствен стил. За една девојка или жена да биде модерна треба само да си биде своја. Само доколку се оригинални и свои ќе се издвојат од толпата и ќе имаат сигурен успех“, раскажува Кралева.

Најголем проблем и се чевлите со високи потпетици, ама пак од друга страна ги обожава и има стотина пара на различни модели, бои и дезени.

„За модата мора да се жртвува. Но, носењето високи потпетици се модно правило кое секоја модна освестена девојка или жена треба да го почитува“, ни кажа Кристина.

Лично се нема соочено со осуди од средината заради нејзиниот изглед, бидејќи вели дека никогаш не одела во крајности или екстреми, ама сепак тврди дека Македонија генерално  боледуваме од тој синдром.

„Почнуваме полека да се ослободуваме од тој  притисок, но сметам дека сè уште сме скептични во тој дел. Можеби во Скопје како метропола и не се забележува во голема мера, меѓутоа во помалите градови е поизразен и постои“, додава модната блогерка.

Во нејзиниот свет не постои модна икона која е поттик за нејзина афирмација, ама затоа постои дизајнерско име на кое со задоволство би му дала да и' го преуреди плакарот.

„Имам омилен дизајнер и со задоволство ќе му дадам да ми го преуреди плакарот на Валентино. Во принцип кажав дека не сакам да ми се мешаат во стилот, ама за него правам исклучок. Ми се допаѓа многу, константно си држи своја линија, свој правец, едно постојано ниво, креира висока мода и нема големи отскокнувања во однос креациите. Кај него има отменост, има грациозност има класика, има буквално се и затоа според мене е најдобар“ вели Кралева.

Од македонските модни куќи особено и се допаѓа работата на Елена Лука.

„Ги следам креациите кои ги дизајнираат, посебно додека и сама работев во Сити Мол. Ми се допаѓаат венчаниците што ги носеше Лила и скоро сите креации кои таа ги носи. Сметам дека Лила е дефинитивно според мене одличен избор на модел и заштитно лице на модна куќа како што е Елена Лука. Целиот концепт кој го имаат од идеја до реализација, ентериер и креации се е прекрасно и одлично синхронизирано. Добро е што имаме ваква модна куќа кај нас“ рече Кристина.

Нејзин моден фетиш се палтата, јакните, сакоата. Затоа дури и го мрази летото, бидејќи тогаш не може да ги носи. Од друга страна пак, Кики не е моден зависник од трендови и во никој случај не ги следи слепо најновите модни тенденции.

„ Јас сум своја како што реков, модата не значи да се следат слепо сите трендови. Има делови од модата што јас никогаш нема да ги прифатам бидејќи едноставно не ми одговараат на мојата конституција, сензибилитет и стил. Не дека имам против луѓето кои ги наметнуваат како такви и ги носат, но јас не би можела да се пронајдам во нешто кое едноставно не ми одговара“, ни откри блогерката.

Кики ја оправдува девизата дека не секогаш брендираното и скапото е најубаво. И најобично парче облека кое не чини многу е најважно да знаеме како да го износиме, токму  како да е најскапото парче на целиот свет. А она без што таа не излегува од дома е телефонот и очилата за сонце.

„Не сум голем обожавател на очила за сонце, ама ги носам бидејќи имам светли очи кои ми се преосетливи на сонце, па ги носам повеќе од потреба. Носам исклучиво еден пар на обетки, а зависна сум од двата часовници што ги имам и двете алки кои ми се подарок од мојата најдобра другарка“, ни кажа Кралева.

И покрај тоа што ја има искусено романтичната магија на Париз, дождовните капки на Лондон и динамиката на Њујорк, сепак најмодерниот град за неа е Милано без конкуренција. Патувањата се убави, но сепак најубаво е кога ќе се вратиме дома. Единствена личност која силно и недостига кога патува е нејзиниот брат бидејќи неговото мислење во суштина најмногу и' значи и на кого му верува безрезервно.

„Не само што ми значи неговиот збор, јас имам трема во негово присуство и во никој случај не си дозволувам да го разочарам, а особено во поглед на изгледот. Ги слушам многу неговите совети, со тоа што нормално си држам до мојот стил и став, но сепак знам да сменам нешто во последен момент по негова сугестија. Јас дури знам и пред да се облечам што тој сака да види на мене, а што не. И тој е единствената личност која има вистински големо влијание врз градењето, и формирањето на мојот стил“ открива убавата блогерка.

Нејзиниот изглед во поглед на шминката е секогаш едноставен и природен. Она на што му дава посебен акцент е карминот. Кај нашата модна сцена гледа големо подобрување и смета дека модата сега ни е многу подостапна благодарение на социјалните мрежи, интернетот, блоговите, модните сајтови.

Нејзиното животно темпо го чекори буквално како номад,  постојано исполнет со нови луѓе, случувања, ситуации и можности кои и' носат неизвесна, но светла и среќна иднина, па затоа не ни прецизира каде се насочени идните планови.

„Бидете свои, знајте што сакате да облечете, познавајте си го телото за се' што ќе облечете да  изгледа убаво на вас, колку поприродно  сте толку подобро и толку поубаво за вас“, со совет од Кристина за читателите на Fashionel, го завршивме разговорот.

Објавено:
5 септември 2014