Музички уметник

„La mia anima“ – кога парчето дрво ќе добие душа...

Интервју со
Вејчеслав Поповски
4 декември 2017

Неодамна во нашето студио се дружевме со младиот Вејчеслав Поповски, кој јавноста го знае како дете - талент во полето на оперското пеење. Но, покрај оваа негова голема љубов, ние имавме уште еден повод поради кој го поканивме на заедничка дружба: виолината што посветено самиот ја креираше изминатиов период. За целиот процес, како едно парче дрво добило своја душа, детално ни објасни Вејчеслав.

„Уште како мал имав голема љубов кон музиката, кон инструментите, па имав и среќа бидејќи ние дома имаме доста инструменти, како што е кларинетот на дедо ми, мандолината и хармониките на татко ми, тарабуки, но имаме и еден за мене посебен инструмент виолина од мојот прадедо која за мене е посебна. Но, сепак мој прв инструмент на кој имав желба да свирам беше тапанот и од многу мал почнав да свирам, одев на играорна, почнав да пеам и да одам на многу натпревари од кои се враќав секогаш со први награди, но никој не веруваше дека толку млад бргу ќе напредувам во изучување на музиката и ќе добијам желба да оркестрирам музика, а уште помалку дека ќе изработувам инструменти. Виолината од прадедо ми, кога малку пораснав, дедо ми ми ја даде и кај мене тогаш се роди некоја посебна љубов кон овој инструмент и кон музиката која ја произведува. Виолината ја чувам со посебно внимание, целосно ја средив, и купив нови жици и целосно ја репарирав. Почнав и да свирам, но моја цел не беше да станам инструменталист, јас сепак се одредив да бидам пејач, но звукот на виолината допира до мене на посебен начин и целосно ме релаксира. Слушајќи го тој магичен звук се роди желбата кај мене да откријам како тој звук се произведува и тоа беше пресуден момент да одлучам да го направам овој инструмент", почна да ни раскажува Вејче.


Неколку години наназад, Вејче се интересирал за процесот на изработка, читал литература и следел видео содржини на интернет, па иако на почетокот не било воопшто едноставно да се „фати чекор" сепак упорноста била исплатлива.

„Изработката беше целосно рачна и за сето тоа ми беше потребно многу трпение и прецизност, понекогаш работев со саати без да застанам и после тоа не ги чувствувам рацете, но желбата беше преголема. Јас се будев и легнував со мислата како се ќе заврши и колкава ќе ми биде среќата кога ќе ги слушнам првите тонови. Пред летото јас веќе ги имав направено сите подготовки, најпрвин остварив контакт со мајсторот Свето од Велес , преку кој обезбедив соодветно дрво јасен и смрека за изработка на виолина, кое тој го набавува од Белград. Набавив и соодветен алат, но и јас самиот си правев и дополнителен алат, кој ми ја олеснуваше работата зашто нема баш сè да се купи и така прво го изработив калапот што ми служеше за виткање на страниците", раскажува тој.

Целиот процес на изработка, Вејчеслав се потруди детално да ни го објасни:

- Откако ќе се свиткаат страниците преку греач се оставаат страниците на калапот да се исушат. Потоа, откако ќе се исушат се исцртува формата на виолината на долната даска и потоа со помош на убодна пила се сече. По изработка на страниците започнав со обработка на долната даска. Прво се работи надворешниот дел на долната даска, а потоа се длаби внатрешниот дел која е особено прецизна работа. Со помош на мерач се мери дебелината на даските за да знаеме дали доволно сме издлабиле. Даската потоа се лепи на страниците. Следува истиот процес за изработка и на горната даска на која дополнително се исцртуваат и изрежуваат ефови.Со завршувањето на долната и горната даска се обработува вратот на виолината според пропишаните пропорции. Откако ќе се заврши вратот се залепува на корпусот на виолината. После завршувањето на обработката на дрвото следува процесот на сушење и лакирање. Со помош на природните смоли и етеричните масла со кои што се прави лакот се премачкува виолината со основниот грунд лак и потоа следува црвен лак . Лакот е една од најважните работи за зачувување на инструментот, затоа и виолините кои што се направени уште пред 300 години од страна на Амати, Страдивари и Гварнери Дел Џезу се уште се во функција и се едни од најценетите виолини во светот. Според кажувањата се уште научниците и хемичарите не успеале да го откријат составот на лакот кој што го користеле големите мајстори.

Во текот на работниот процес, Вејчеслав се соочил со многу предизвици, но крајната емоција од сработеното била бесценета. 

-Не можев да си поверувам дека успеав да ја направам толку убава, чудно е чувството како инструментот да станува дел од тебе и таа е дел од твојата душа, па затоа си ја нареков „La mia anima".

 

 

Објавено:
4 декември 2017
Прочитано:
229 пати