Дизајнерка на накит

„Lady“ е накит за секоја дама, создаден од играта на формите

Интервју со
Александра Вељановска
30 ноември 2016

Викендов во урбаното скопско катче Кантина, младата дизајнерка Александра Вељановска која твори под името „Иконија" ја презентираше својата прва колекција рачно изработен накит во рамките на самостојна, продажна изложба.

Тоа беше поводот да ве запознаеме со дизајнерката чија пасија е изработката на накит кој, како што ќе каже и самата, му дава високо естетски финиш на секој аутфит.

Нејзината прва колекција е насловена „Lady", а зошто го одбрала токму тоа име, каков накит содржи линијата и што го прави посебен, дознаваме во интервјуто во продолжение:

-Појдовниот мотив за изработка на накит беше да се разубави и збогати женската визуелна појава, со тоа што на нејзиниот целосен аутфит ќе се додаде црешата на шлагот, односно аксесоар во овој случај накитот. Инспирацијата за колекцијата "Lady" дојде спонтано сама по себе. Жената како една елегантна и нежна појава, од друга страна нејзината сила и цврстина, достоинството и самодовербата и женската интуиција. Нејзината секојдневна посветеност на професионалното поле како и на семејството, ми беа инспирација за мојата прва колекција на накит. Токму поради тоа колекцијата ја именував „Lady" , затоа што сметам дека жената е дама пред се и треба да биде третирана како таква, Александра ја објаснува појдовната инспирација за својата прва колекција накит.

Стилски колекцијата варира од поедноставни, секојдневни парчиња накит што може да се носат во спортска варијанта, до такви со покомплициран израз и соодветни за посвечени прилики.

-Во колекцијата може да се забележи накит за секоја пригода . Има кежуал парчиња што можат да се носат со џемпер, а исто така има и такви кои можат да се комбинираат со вечерна тоалета која има поотворено деколте. Бидејќи целната група се припаднички на понежниот пол од дваесет и пет па до шеесет години, колекцијата доби еден концепт кој што е комбинација на накит за секоја возраст, така да дизајнот варираше од спортски па се до отмени парчиња, додава дизајнерката.

Накитот е прецизно, рачно изработен и бара вистинска посветеност во целиот процес на неговата реализација.

-Во изработката на колекцијата користев високо квалитетни дрвени, стаклени мониста, стаклени рачно боени бисери како и полудраги камења. Прераскажав приказна сочинета од најразлични врзувачки елементи, како што се капици , механизми за закопчување, алки за поврзување , рибарски конец и метални синџири во сребрена, црна и кафеава боја. Техниката која ја користев се работи со специјални клештички наменети за изработка на накит кои затегаат сечат и обликуваат. Јас го користам оној модел кој ги има сите три во едно. Секое парче е уникат, а формите се обидов да се инвентивни и оригинални, несекојдневни и претходно невидени. Играта со формите претставува еден огромен предизвик за мене, бидејќи сега пазарот изобилува со голем избор на накит. Како и на секој дизајнер и мојата желба е да креирам нови облици и форми, за мојот производ да биде чекор понапред од тоа што е веќе се нуди на пазарот, потенцира Александра.

Она што привлекува внимание е исто така името на нејзината етикета, „Иконија", па ја прашавме Александра да ни ја објасни позадината.

-Името на мојата етикета е името на мојата баба, а го земав како препознатлив назив бидејќи таа беше личност што ме инспирираше во секој момент. Мојот стил на живот се одвива во стилот на сите тие особини што ја красеа неа како личност. Нејзината сила, цврстина, упорност и истрајност, додека растев за мене претставуваа клучни показатели каква треба да биде една жена, мајка сестра, сопруга и пред се пријател. Токму затоа секогаш инспирирана од мојата баба, како поттик за борба кога животот ми подметнува одредени препреки, наоѓам начин да продолжам понатаму, со уште поголеми сили и ентузијазам во се што правам во животот. Токму затоа името на мојата етикета е „Иконија", затоа што претставува сила, цврстина, истрајност, интуитивност и упорност.

По презентацијата на нејзината прва линија накит, Александра веќе најави дека веднаш продолжува со изработка на втора колекција која планира да ја промовира на пролет, следната година.

Покрај накитот, во портфолиото на Александра може да забележиме и други рачно изработени модни додатоци, а особено впечатливи се мини чантите изработени од стаклени мониста.

Инаку Александра своето формално образование како моден дизајнер го стекна на Факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Имаше можност да учествува со своја креација на Модниот викенд Скопје пролет-лето 2013 во рамки на групна ревија на нејзиниот факултет, а истата беше изложена и во рамките на настанот Скопје Креатива. Веднаш потоа имаше можност да стекне и практично искуство во модната куќа Елена Лука, а потоа се посвети на рачната изработка накит што веќе резултираше со првата нејзина колекција „Lady".

 

Објавено:
30 ноември 2016
Прочитано:
765 пати