Лице в лице

Лице в лице со Тунан Садик: Со труд се постигнува сѐ!

Интервју со
Тунан Садик
31 јануари 2018

Доколку често се движите низ уличките на Дебар Маало, невозможно е да не сте ја забележале неговата насмевка. Ќе ви пријде со љубезност и ќе ви го понуди новиот број на списанието „Лице в лице", а потоа ќе посакате да поразговарате со него, да го прашате за новите содржини и за тоа како му поминува работниот ден... Тунан Садик е едно неверојатно харизматично и насмеано 17-годишно момче, дел од тимот на списанието „Лице в лице" кој беше и еден од најуспешните продавачи на истото за 2017 година.

По тој повод договоривме интервју со него и со уредничката на списанието, Маја Раванска.

Со Тунан се сретнавме на „негов терен", во Дебар Маало, каде тој поминува најголем дел од работниот ден и каде не постои „ќоше" што не го познава. Со себе и со своето насмеано лице ни ја донесе целата позитивна енергија, па не е тешко да претпоставите зошто токму тој е еден од најуспешните продавачи на списанието.

„Наутро доаѓам најпрво во Дебар Маало каде и најчесто се движам. Ова маало е кругот каде луѓето најчесто може да ме сретнат. Но, исто така се движам низ цело Скопје во зависност од тоа каков е денот и гужвата низ градот. Сум забележал дека луѓето ме препознаваат и многу од нив ми честитаат и ме поддржуваат во тоа што го работам", го започнавме разговорот со Тунан.

Благодарение на својот ангажман во „Лице в лице" тој успеа да го реновира својот семеен дом и да ги подобри условите за живот на неговото седумчлено семејство.

„Премногу сум среќен и задоволен што ја имам оваа можност да напредувам преку мојот ангажман во списанието „Лице в лице". Тоа што сум еден од најуспешните продавачи на списанието ми дава уште поголем мотив за работа", вели Тунан кој не го криеше задоволството што неговата работа и посветеноста со која ја работи, се препознаени и признаени.

Голема и незаменлива поддршка добива и од неговото семејство.

„Тие се горди на мене и радосни дека придонесувам за целото семејство. Благодарение на мојата работа во „Лице в лице" успеав да заштедам доволно и со тоа да го реновирам нашиот дом и да го направам попријатно место за живеење", ни кажа Тунан.

Покрај семејството, Тунан има исклучително голема помош и од колегите, координаторите, социолозите и уредничкиот тим на „Лице в лице" кои со целиот концепт на списанието во изминативе пет години успејаа да поттикнат промена на амбиентот во нашето општество во односот со припадниците на различни маргинализирани или загрозени групи.

Ја прашавме уредничката Маја Раванска, колку Тунан е позитивен пример односно репер за неговите врсници...

„Не само за своите врсници, во овој случај, Тунан е пример за сите нас. Да се запрашаме, колку ние, на свои 17 години сме си зеле за обврска да го реновираме својот дом. Тунан не сметаше дека тоа е работа на неговите родители, па самиот заработи и заштеди доволно за да живее во услови кои минатата година си ги посакуваше, а оваа ги оствари. Секако, важна улога имаа и возрасните во неговото семејство, како и менторите од „Лице в лице", но, најсериозната задача ја презема самиот тој. Нè радува што Тунан и понатаму работи и си поставува нов предизвик.

Кога станува збор за неговите врсници пак, односно, за колегите продавачи од „Лице в лице", Тунан важи за највредниот меѓу нив и тие самите го истакнуваат тоа. Велат дека тој не пропушта ден за продажба, а според реакциите кои ги добивме со споделувањето на неговата приказна, тој е меѓу најомилените и кај публиката на уличното списание", вели Маја.

Со оглед на тоа дека Тунан е одбран за еден од најуспешните продавачи, ги прашавме и двајцата, што значи да се биде успешен продавач на „Лице в лице".

„Јас сум амбициозен и уживам да го работам тоа што го работам. Упорен сум и мислам дека тоа се исплаќа", искрено ни конкретизираше Тунан.

Маја се надоврза дека успехот во „Лице в лице" не го мерат во продадени списанија, заработка или некој сличен монетарен сегмент.

- За „Лице в лице", успехот е многу поинаков концепт. Успешен продавач/продавачка е оној/ онаа што успева да си постави цел и свесно и вредно да делува кон нејзино исполнување. За едни тоа значи враќање во образовниот процес, за други е подобрување на состојбата на целото семејство во делот на домувањето, за трети е промена на навиките и усвојување на нови кои водат надвор од кругот на сиромаштијата, за четврти е регрутирање нови продавачи и давање поддршка и добредојде на тие новодојденци... Секој продавач носи своја приказна за успех и тие најчесто не можат да се споредуваат.

Разговорот со Тунан го продолживме во насока на тоа кои се неговите планови со „Лице в Лице.

-Многу сум мотивиран од ова што го работам и од реакциите на моите блиски и луѓето воопшто. Во план ми е во иднина повторно да вложам во надоградување на мојата семејна куќа. Ја сакам својата работа и во иднина сакам да се развивам во овој правец. Работата не е тешка, само треба да се трудиш и да го сакаш тоа што го работиш и тоа на крај има резултат. Со труд се постигнува сѐ.

Маја потенцира дека во овие пет години колку што постои „Лице в лице" воочиле сериозна промена кај продавачите, но и кај публиката и кај општата јавност.

-„Лице в лице" успева да го направи тој „шифт" кај ранливите сограѓани - им покажува дека тие се рамноправни граѓани и дека треба да бидат активни на сите полиња. Додека системската поддршка доаѓа со тромави чекори, а понекогаш и се губи па патот, „Лице в лице" го дава примерот дека помош не значи „ќе ти дадам сега пари па оди купи им леб на децата", туку „вака можеш ти самата/самиот чесно да заработиш и да им купиш леб, но и овошје, зеленчук, нови патики и ранец за училиште", додава Маја.

„Лице в лице" е меѓу пионерските социјални претпријатија во земјава и е пример за социјално претпријатие за работна интеграција. Тоа значи дека освен што работно ангажира ранливи, маргинализирани групи луѓе, истовремено влијае на нивната самодоверба, ги вклучува во различни едукативни и инклузивни програми, но и влијае на инклузијата во општеството и на потенцијалот за промена на навиките, вредностите... Продавачите освен што го продаваат списанието, комуницираат директно со публиката, па честопати слушаме и за стекнати пријателства.

 

Објавено:
31 јануари 2018
Прочитано:
969 пати