Лидија Попчевалиева – македонска дизајнерка со ултра успешна италијанска кариера!

Интервју со •
8 мај 2014

Шармантната Лидија Попчевалиева е исклучително креативна и успешна дизајнерка со потекло од Македонија, за која за многу кратко време слушна цела Италија. На 18 години со куфер полн соништа Лидија се сели во Перуџа каде го продолжува своето образование на Италијанскиот Институт за дизајн на отсекот Моден дизајн – Висока мода. Веднаш по дипломирањето почнува да работи за една од најпознатите италијански модни куќи Elisabetta Franchi by Celyn b. како асистент дизајнер. Две години подоцна, се сели во атељето на Daniele Alessandrini каде е задолжена за дизајнирање на женската колекција. Со нејзиното неверојатно искуство како дел од некои од најпознатите италијански модни куќи со светско реноме, во 2011 година Лидија започнува самостојна кариера и ја создава нејзината прва колекција која што е неверојатно олицетворение на она што значи женственост, сензуалност и уникатност во стилот! Во пријатниот виртуелен разговор што го водевме на релација Скопје – Римини, Лидија за Fashionel раскажува колку всушност е тешко еден млад дизајнер од мала држава како нашата да успее да работи и да твори во една од омилените лулки на модата – единствената Италија. Таа раскажува и за нејзините нови проекти како слободен уметник што работи на неколку полиња, но и се навраќа наназад кон своите почетоци.

Уживајте!

Со што конкретно се занимава Лидија во моментов? Што за вас значи да сте „слободен уметник“?

- Во моментов работам како моден дизајнер, уметник и графички и веб дизајнер. Уметноста всушност за мене значи СЛОБОДА! „Слободен уметник“ е дефиниција што не штити од сѐ она што е вештачко и маскирано надвор од нашиот свет. Ако сме уметници, тоа само по себе значи дека сме слободни. Страв не постои, секоја емоција е нашиот пат кон таа врата. Кој не ја почувствувал таа слобода, не би се дефинирал како таков.

Каде го стекнавте вашето официјално образование? Од каде љубовта кон дизајнот и уметноста пред сѐ?

- Прв почеток беше приватното училиште на ДЕГАС – Јосип Каракас во Скопје, за време додека сѐ уште одев во средно училиште. Боите и сликарството не беа нови за мене. Јас се родив со таа чиста емоција. Учев за да знам повеќе. Го усовршив сликарството, сите сликарски техники и елементи на перспектива и акт. Но, тоа некако не ми беше доволно. Сакав уште повеќе. Ми се роди идеја за изучување на материјали. Памукот, свилата, секоја мека површина што може да ми дозволи да играм со неа. Конструкција на модел, крој, игра со материјали. Завршив една година приватно училиште кај Никола Ефтимов во Скопје кога имав 17 години. Потоа следеше и одлуката за усовршување на моден дизајн во Италија, во Перуџа на NID - Nuovo Istituto di Design. Сѐ повеќе ја усовршував креативноста, дизајнот и сакав уште повеќе. По специјализацијата на Висока мода во Перуџа, следеа три години во Accademia di Belle Arti во Болоња, на отсекот декорација. Секое ново откритие на било каков материјал, ми отвораше нов свет во уметноста. Доживувам емоции, и во различен дел од денот, имам желба да го изразам тоа на различен начин. Потоа продолжив со усовршување на веб и графички дизајн. Убавината во мојата професија е микс на секое знаење, сликарството со модата, модата со перформансот, и повторно, уметноста со перформансот, модата со уметноста, графиката со илустрацијата. Сѐ на едно место, сѐ е мое Јас, сѐ е среќа и задоволство во едно уметничко дело.

Веднаш по дипломирањето, успеавте да станете асистент дизајнер на одличната Elisabetta Franchi by Celyn b. Колку е тешко за еден млад човек да успее да работи за еден таков квалитетен бренд?

- Многу напорно, конфузно, нејасно за девојче со неполни 21 година. Специјализацијата за моден дизајнер ја завршив многу рано. Во мојот мозок сѐ уште имаше милион прашања за што и како и каде нештата стојат во овој огромен свет, што и какво значење има сѐ во животот, колку и какви различни менталитети постојат. Италија и нејзината култура, кои се тамошните навики, како живеат луѓето, како е да се живее сам, како се опстанува!? Како всушност се станува некој и нешто! Додека ја учев италијанската култура, работев по 10 часа на ден во тогашната моја компанија. Модата не е цртање. Модата е термин, брзина, одговорност, тука не постои одговор – бавна сум или слично... Елизабета Франки е силна жена, сигурна и знае што сака, строга е и кај себе не задржува млади луѓе што не знаат што сакаат во животот. Се трудев секој ден да знам што правам, да не се плашам и да кажам што сакам, да бидам синхронизирана и да го анализирам нејзиниот вкус, сѐ повеќе да го учам, за да и ја откривам од ден во ден мојата уметност. Така и станав одговорна за одделот за модни додатоци во рок од две години и нејзин главен асистент.

Елисабета Франчи Елисабета Франки

Како се случи да ја напуштите работата таму и да преминете во италијанската модна куќа Daniele Alessandrini?

- Мислам дека јас секогаш имам проблем со таа моја одлука кога си кажувам на себе: Не ми е доволно ова! Сакав уште, сакав нешто поразлично, сакав промена, повторно нешто ново. Ја научив шемата, Елизабета Франки водеше линија PRONTO Pret-à-Porter. Тоа значи, само четири месечно реализирање на колекција пред да биде изложена за продажба. Постои и друга страна во модата, правецот на создавање, на програмирање. Врвните брендови кои што создаваат колекции за следната сезона, поставуваат тенденции, создаваат идеја комплетно од нула. Значи, подготовка на колекциите цела една година пред да биде изложена за продажба. Така, на мои 23 години одлучив да си одам за да почнам по тој нов пат, доста потежок, а толку интересен и интригантен во исто време. И таа врата беше - Daniele Alessandrini.

Што беше пресудно за Вас да решите дека е конечно време да почнете со сопствени проекти и да лансирате сопствена колекција?

- Daniele Alessandrini беше феноменално искуство! Сѐ уште работам за нив давајќи им совети како стилист. Тие станаа мое семејство во професијата. Таа напорна тригодишна работа со огромни одговорности за женската линија на Daniele Alessandrini, која што комплетно ја преземав со последната пролет/лето 2011 колекција, ми внесе сигурност и сила за да решам дека е време да се изразам и сама. Време беше да ја изведам мојата перцепција за елеганцијата, за женственоста, за совршенството на женската убавина. Сакав да покажам како всушност јас го гледам тој поим - FEMINILITA' (женственост). Одлуката беше да не биде тоа стандард индустриско производство, туку да биде нешто уникатно, секогаш виска мода, без копии. Така ја формирав мојата мини колекција рачно деликатно изработена. Сакам да им се заблагодарам на моите драги родители за нивната безрезервна поддршка!

Постои ли светски бренд за кој би прифатиле да работите на сметка на тоа да се откажете од сопствената кариера?

- Дефинитивно! Мојата колекција засекогаш ќе остане моја, животот е долг, имам време кога сакам да се изразам на начин на кој сакам само јас! Другите брендови се повторно нови откритија за мене. Повторно учење и спознавање на мојата уметност. Секое ново нешто надвор од мојот свет е надополнување на мојата душа. Лондонската, белгиската и модата во Токио за мене остануваат врвни како стил, не како тенденции. Simone Rocha, Christopher Kane, Dries Vаn Noten, Yohji Yamamoto се неколку дизајнери за кои имам желба да работам. Француската мода ќе ми остане во срцето кога станува збор за Висока мода дефинитивно.

Со кои предизвици се соочува еден млад уметник како Вас на патот кон освојување нa светската модна сцена?

- Во секој дел од животот имаме различни прашања и двоумења. Несигурноста е прва. Потоа следи двоумењето, дали сме толку вредни, квалитетни за да се видиме себеси како изградени уметници или дизајнери. Уметноста е една куќа на илјадници катови, скалила кои што се освојуваат едно по едно и преку кои се надоградува нашето искуство. Секоја скала е нешто посилно од нас. Околку нас се случува преголема конкуренција, не сме само ние најдобри на овој свет. Важно е да признаеме дека имаме секогаш уште да учиме, да се бориме со секое подобро покрај нас, да докажеме дека тоа го почитуваме, а не да го уништуваме. Истовремено да не губиме верба во нас, секој е различен, нема подобро или полошо – има појако или послабо. Со вербата, трпеливоста и трудот, ден за ден ќе го градиме нашиот успех. Волјата да сакаме да ја работиме нашата професија треба да биде доволно силна никогаш да не ја изгубиме нашата надеж.

Дел од првата колекција на Лидија Дел од првата колекција на Лидија

Кој е советот што Вие би им го дале на младите луѓе кои сакаат да започнат квалитетна кариера надвор од нашите простори?

- Желба и труд, трпеливост и љубов. И повторно труд, љубов и трпеливост. Нема крај на оваа сила што треба сами да си ја даваме секој ден. Нема години за кои треба да кажеме КРАЈ – научивме сѐ! Не постои крај на знаењето, секој ден е нов ден за нешто ново. Секое ново е поголемо богатство за нашето уметничко дело. Зашто секое ново е нова емоција. А секоја емоција ќе биде нов израз во нашата професија. Дали ќе биде тоа фустан или шминка, фотографија или музика, слика или боја, сѐ е задоволство, бескрајна љубов за нашата професија. Борбата е секојдневна, а пред сѐ, со главата горе и позитивна енергија ќе постигнеме сѐ.

Постојат ли светски ѕвезди со кои имате желба да работите или пак со кои веќе сте соработувале и на кои сакате некогаш да ги видите вашите дизајни?

- Работејќи за Елизабета Франчи имаше неколку актуелни личности од Италија кои носеа парчиња и некои креации дизајнирани од мене. Во Daniele Alessandrini исто така, но тоа сепак остана во границите на италијанската актуелност. Во познатата емисија LE IENE, водителката Илариа секогаш носеше наши креации од женските колекции. Од мојата лична колекција сѐ уште не сум видела кој и како ги носи парчињата, тие се продадени и со тоа што се уникатни, може да ги носи било кој. Продажни места остануваат Concept Store SED во Рим и the KitchIN во Болоња. Би била многу среќна ако било кое мое парче го забележам во „gossip“ магазините во Холивуд и светот на музиката, дали би била Никол Кидман, Џоди Фостер или Лејди Гага, не правам разлика (се смее).

Колку следите македонска мода и можно ли е да направите некоја споредба со европската (конкретно, италијанската)?

- За жал, не сум во тек со Модниот викенд во Скопје, но забележувајќи по уличниот изглед кога имам можност да дојдам во Скопје, забележувам една комплетно различна перцепција за модата, Секој си дава некоја филозофија и традиционално правило што со што треба да биде комплетирано или која боја со која одоговара. Никој не се впушта во микс и комбинација на различни материјали. Модата нема приоритет боја, модата има приоритет материјал и различен текстил. Начинот на производство и pret - a – porter ритамот во Македонија има комплетно друга насока за разлика од Европа. Во Македонија секој дизајнер има желба да го изрази својот стил и веднаш да започне продажба на својата колекција во свое атеље и продавница. Поради тоа се дефинира една македонска мода која не секогаш може да биде разбрана од европската. Секоја земја има свој стил, нормално, но важно е да се потенцира која доминира, што е врвен стил во Европа и надвот. На пример, лондонскиот панк не умира и ден денес. Рачната изработка во Македонија е повеќе од квалитетна, модните кројачи исто така, мислам дека единствено подобрување би требало да има во истражување на материјали и експерименти во текстилот, малку повеќе слобода во комбинирањето на материјали, без страв и правила дека едно нешто не одговара со друго, или една боја не оди со друга. Тоа модата не го познава, модата не е тенденција, модата е врежан стил!

Кои се идните планови на Лидија? Што е следно за освојување?

- Сега нема да почнам со фразата: не ми е доволно! (се смее). Мислам дека сите во одреден период од животот имаме потреба за малку stand by. Останувам да работам како Freelance Fashion Dеsigner za Daniele Alessandrini и секако како веб и графички дизајнер. Оваа година ја започнав со фантастично позитивна енергија за ументички дела, комплетирав 10 дела во две години за кои би имала слатка желба да ги прикажам преку приватна изложба во мојата земја Македонија. Е чудно е, но во Македонија ме познаваат помалку како слободен уметник во споредба со Италија. И тоа еден ден би требало да се изреализира, нели? (се смее)

Објавено:
8 мај 2014