Одбојкари

Љубов од спортскиот терен: Одбојката нè спои!

Интервју со
Елена и Васе
14 февруари 2019

Двајцата се успешни млади одбојкари од Струмица, пораснати на одбојкарскиот терен. Васе Михаилов е дел од тимот на одбојкарската репрезентација на Македонија што за прв пат во историјата ја однесе нашата земја на Европското првенство во одбојка што ќе се игра во септември годинава, а истовремено игра и за одбојкарскиот клуб „Џио" од Струмица. Елена Пандева уште од најмала возраст е посветена на овој спорт и нејзиното вложување на одбојкарскиот терен ја донесе до огромни успеси и титули во и надвор од Македонија, а периодов игра за ОК „Работнички". Заедничка им е љубовта кон одбојката, што ги спојува и приватно. Имавме чест да разговараме со овој прекрасен пар спортисти што несебично ни пренесоа од својата нескротлива, позитивна енергија. Иако ни признаа дека немаат големо искуство пред фотоапарат, беа исклучително шармантни и харизматични пред нашиот објектив, а нивната убава енергија е невозможно да не ја забележите, макар и на фотографија.

Одбојката е теренот што ве спојува. Како се најдовте и двајцата на ист терен?

- Одбојката е дел од нашите животи уште од мали нозе. И двајцата пораснавме со топка, покрај мрежа. Струмица е град каде секој со секој се знае, особено спортистите. Делењето на исти термини и терен, како и носењето на исти број на дресот придонесе спојување на две личности со иста енергија. Можеби ни требаше подолго време за откривање на своите чувства, но за сега успешно трае.

Васе ти си дел од екипата на македонската репрезентација што оствари историски успех и за прв пат ја однесе нашата земја на Европското првенство. Какви беа првичните емоции по победата?

- По големата победа над Унгарија и пласманот на Европско првенство, кое е историски успех за Македонската одбојка почувствував ослободување од притисокот кој го носевме 4 години. Емоциите и возбудата се уште не се згаснати, не можам да поверувам дека ќе настапувам на долго посакуваната Европска сцена. Самата помисла дека ќе бидам на исти терен со некои од моите идоли претставува остварување на мојот сон. Значењето за мене и воопшто за секој спортист е огромно, најголемо достигнување и успех за секој од нас.

Елена ти си дел од екипата на ОК „Работнички" кој важи за еден од најуспешните во нашата земја. Со оглед на тоа дека сме на почеток на 2019, кои се вашите амбиции за годинава?

- По самото мое враќање на македонски терен, амбициите и целта ми се нескромно освојување на двојна круна. Бидејќи го завршивме првиот дел од првенството како што сите посакувавме. Со добар тренинг, поддршка и атмосфера во екипата, се надеваме дека и завршетокот ќе биде во наша полза.

И двајцата сте успешни млади спортисти, речиси цел живот посветени на одбојката. Како тоа се одразува на вашата приватна релација, со оглед на напорното темпо на терен? Предност ли е што и двајцата сте одбојкари?

- Одбојката е таа што нè спои, но и таа што нè одведе на различни патишта. Преку цела година сме на различен терен, со различни луѓе, во ново опкружување што знае да биде доста напорно за секој спортист. Предноста е голема што сме и двајцата дел од одбојката. Кога ги познаваш како своите така и целите на партнерот, сè е полесно. Со меѓусебно разбирање, доверба и поддршка успеваме во реализација на професионален план.

Васе ти имаше исклучително успешна година зад себе, што беше и повод за признанието за Спортист на годината во Струмица за 2018 година. Мотивирачки ли се ваквите признанија за спортистите?

- Секое спортско признание ми е дополнителна мотивација за докажување на теренот. Огромна чест е да бидеш избран како спортист на градот во кој си пораснал, живееш и остваруваш. Уште поголемо е задоволството што тоа е Струмица, град кој изобилува со голем број успешни спортисти.

Каква е позицијата на жената во спортот во Македонија?

- Во изминатите години сме сведоци на драстично зголемување на жени кои се занимаваат со спорт. Улогата на жената во спортот е проблем на глобално ниво, а особено во Македонија. Со зголемување на бројот на жени како раководни лица во спортската индустрија, би се намалила и дискриминацијата на спортистките. Нашата држава почна со реализација на проекти за полова еднаквост во спортот, што е голем предизвик за зголемување на процентот на жени во истиот. Еднаквата вклученост на мажи и жени во спортот како и еднакво вложување би придонело зголемување на самодовербата, упорноста, мотивацијата и резултатот во женскиот спорт. Жената би донела поголема продуктивност и издржливост на спортските организации, бидејќи таа нуди поразлична перспектива и искуство значајно за организацискиот развој.

Ако не бевте одбојкари, што ќе одбравте за ваша професија?

- Васе- бидејќи сум на чекор кон остарување на својата цел, спортот за мене претставува патоказ и можност за остварување на еден млад човек како личност. Ако не бев дел од одбојката, би бил сигурно спортски работник.

Елена- одбојката е мојата прва љубов, но можностите и амбициите кај жените во Македонија се ограничени, па секогаш постои план Б. Бидејќи сум дипломиран маркетинг менаџер, би се одредила за докажување во таа насока.

Што за вас е симбол на љубовта, со оглед на тоа дека февруари е месец со таква симболика?

-За нас срцето е симболот и синонимот кој потсетува на нешто што се сака. Тоа е виновникот за одредувањето на своите чувства и емоции. Донесуваме одлуки кои нè исполнуваат и прават среќни, слушајќи го срцето.

Кои се вашите долгорочни професионални амбиции? Ја планирате ли вашата иднина повторно на одбојкарски терен?
-За сега плановите се насочени кон одбојката и реализација на веќе замислените цели. Љубовта кон овој спорт е обострана, што значи дека ништо не нè спречува за реализирање на плановите од таа насока. Одбојкарскиот терен претставува најголем предизвик и ултиматум за двајцата.

Објавено:
14 февруари 2019
Прочитано:
1.811 пати