Маја Кикириткова - Градете сопствен стил кој не мора да биде изграден од скапи парчиња облека

Интервју со •
5 септември 2013

Смета дека сме генерално убава нација која обрнува внимание на сопствениот изглед, обожава удобна облека, а најмногу пари троши на чевли и чанти. На последниот викенд се претстави со колекцијата „Во потрага по бесмртноста“ инспирирана од англискиот барок претставен низ призма на постмодернизамот.

Како изгледа еден обичен ден за Маја?

Многу љубов, насмевки, работа и задоволство е дефиниција за еден мој ден.

По завршувањето на студиите во Белград се врати во Македонија. Дали српската престолнина беше голем предизвик за тебе или пак едноставно ти недостасуваше Скопје?

Иако убаво просперирав таму, сепак бев странец и работите не беа розови како што изгледаа. Се вратив во Македонија, на почетокот беше тешко, бидејќи некој не ме знаеше, а и јас не знаев никој, но работите полека се искристализираа, се дојде на свое.

Наближува модната недела. Дали ќе учествуваш и ако учествуваш ќе можеш ли да ни откриеш некој детаљ поврзан со новата колекција?

Колекцијата е во тек на подготовки. За учество уште не сум сигурна, бидејќи имам некои други планови во моментов, кои ако се реализираат ќе бидете известени.

Дали би можела да направиш споредба помеѓу организацијата на модната недела во Скопје и модната недела во Белград?

Многупати имам дебатирано на оваа тема. Белград е метропола и е многу понапред од нас во однос на модата. Многу одамна е актуелна модната недела кај нив. Ние сме млади, свежи и пред се надежни, кога е ова во прашање. За многу кратко време направивме многу и од година во година, нашата модна недела се’ повеќе наликува на светска

Работата како дизајнер бара постојана инвентивност и креативност. Од каде ја црпиш инспирацијата?

Се е инспиративно за мене. Тоа може да биде музиката, некое патување, слика од некое списание, цвет или птица, книга или филм. Мислам дека дизајнерите не треба да ја бараат инспирацијата, таа сама треба да дојде кај нив.

Од пред неколку месеци заедно со Ирина Тошева и Ивана Кнез сте дел од Бастер Ноир. Дали си задоволна од досегашната онлајн продажба?

Пред се морам да ја пофалам сопственичката на Бастер Ноир, Даниела Милошеска, за ваквата иницијатива и подвиг што ги направи. Ова е огромен чекор за неа и Македонија како држава. Иако Mакедонците не се научени на онлајн купување, сепак мислам дека полека се губи тој стереотип на сфаќања. Сепак ова е онлајн сајт којшто е достапен за повеќе земји во светот.

 Што и недостасува на модата во Македонија?

Поддршка од министерството за култура. Пред се модата е култура и начин на живот, а не забава, како што многумина ја замислуваат.

Дали девојките кај нас знаат да прават разлика помеѓу дневен и вечерен аутфит?

Ние генерално сме нација каде луѓето убаво изгледаат, обрнуваат внимание на својот изглед.

 Дали стилот може да се купи со пари?

Сите ја знаеме добро познатата изрека „Модата бледее, но стилот останува вечен“. Градете сопствен стил, кој не мора да биде изграден од скапи парчиња облека.

Бидејќи си јавна личност сигурно се соочуваш со голем број критики и коментари? Како се справуваш со негативните?

Учам секојдневно премногу емотивно да не ги сфаќам коментарите, било да се позитивни или негативни. Секој има право на слобода и свое коментирање.

Според тебе, кој тренд ќе преовладува оваа сезона есен – зима?

Веќе неколку сезони по ред цветните принтови се неизбежни од гардароберот на една девојка, само претрпуваат модификации од сезона во сезона. Јас на читателите на Fashionel би им препорачала и оваа сезона да не изостават да имаат барем едно цветно парче. Тоа сепак ќе внесе свежина во студените, зимски денови.

Кои се твоите идни професионални планови?

Нешто ново и големо се очекува на мој професионален план, но не би зборувала предвреме на таа тема. Кога ќе се случи, сами ќе дознаете.

Објавено:
5 септември 2013