блогерка

Мајката што ги сервира највеселите чинии со здрава храна

Интервју со
Душица Стаменковиќ @ignjatovamama
24 септември 2018

Таа е една од најпопуларните мајки на Инстаграм која секојдневно нè радува и инспирира со веселите чинии кои со огромна љубов ги подготвува за нејзиниот син Игњат. Душица Стаменковиќ или попозната како @ignjatovamama, е дамата со која имавме чест да направиме ексклузивно интервју во кое говориме за некои од најголемите предизвици на сервирањето здрава храна на нашите најмили, а говоревме и за многу други корисни работи наменети за младите мајки. Таа беше доволно љубезна со нас да сподели некои од најинтересните моменти од мајчинството, како е да се биде мајка на две прекрасни дечиња, како наоѓа време за сета таа креативност, како ги воспитува, што мисли за доењето во јавност и кога е правилно време за воведување цврста храна. Повеќе за овие и многу други корисни работи, читате во продолжение во интервјуто со мајката на Игњат и Огњена.

Рецепт овде 

Уживајте!

-Како почна приказната со веселите чинии на Игњат?

Со декорирање на храната за Игњат почнав сосема случајно, еден дождлив ден кога не можевме да излеземе надвор, а ги исцрпевме сите идеи за игра. Веќе бев во поодмината бременост. Се сетив на деновите кога работев како бебиситерка и кога им ги декорирав чиниите на децата за да почнат да јадат. Дојдов до идеја и на моето дете да му направам нешто такво. Му направив жаба од јаболка во чинијата, а Игњат се воодушеви. Заедно почнавме да имитираме звуци од жаби и многу убаво се забавуваме. Акцентот првично го ставам на здравата исхрана, со брзи и едноставни оброци кои креативно ги сервирам кога имам време и инспирација за тоа. 

Рецепт овде

-Што кога и на вака сервирана храна, детето не сака да јаде?

Децата најлесно е да ги учите по сопствен пример, бидејќи тие го имитираат сè она што родителите го прават. Нема смисла да му давате на детето здрава храна, а вие да се храните нездраво, бидејќи порано или подоцна ќе почне да бара да јаде сè она што јадете и вие. Ако сакаме на децата да им развиеме здрави навики во исхраната, потребно е своите лоши навики да ги промениме во добри. Детето не може да сака да го јаде она што никогаш не го пробало, а исто така не може да бара нешто што во куќата нема. Ние не пиеме сокови, не јадеме грицки и слатки и тоа кај нас дома никогаш го нема, па не може ни да бара. Често ме прашуваат дали бара од мене во продавница да му купам нешто такво, одговорот е не, бидејќи не знае што е тоа. Бара да му купам нешто од она што секојдневно јадеме – овошје, зеленчук, млечни производи. Секоја купена грицка или колаче, има своја домашна варијанта и се подготвува брзо и лесно, а е и многу повкусна од купечката. На мојот Инстаграм профил и блог, има рецепти за чипс, чоколада, бисквити, крекери... Кога во подготовка на оброците ќе ги вклучите и децата, тие сигурно ќе го изедат истиот, бидејќи ќе се забавуваат, а на овој начин учат и математика. Ако им дозволите да ги наредат чиниите во машината, посочете им дека треба да ги наредат прво најмалите, па поголемите, чаша, па шолја, наизменично. Кога сецкате нешто, кажувајте им ги боите, споредувајте што е помало, што поголемо, правете коцки од храната, кругови и именувајте ги, собирајте ги на куп по бои, облик, величина. Со еден збор, бидете креативни! Учењето низ игра, а особено низ секојдневните животни ситуации е најдобар начин детето да стекне нови знаења и искуства. Играта во кујната е најлесен начин за тоа, а воедно детето ќе стекне навика да јаде домашни оброци и ќе биде гордо на себе што учествувало во подготовката. Немојте да ја потценувате нивната способност и да мислите дека се мали за такви игри. И двегодишно дете може да помага во кујната, макар и во миењето овошје, бидејќи децата секако сакаат да си играат со вода. На двеипол години веќе може да ви помогне да ја наместите масата, а до третата година може да научи како правилно да го намести приборот околу чиниите.

Рецепт овде

-Како успевате да најдете време за сите тие креативни чинии, додека истовремено се грижите за Вашите деца?

За еден месец, Игњат ќе наполни три години и никогаш не сум му купила некоја грицка од продавница, не јаде слатки, ниту купечки пецива. Сè правам јас, а често и тој со мене. На мојот блог, на профилот на Инстаграм и на Фејсбук можете да најдете разни рецепти за бројни оброци, не само за децата туку за цело семејство, а сите оброци се здрави и се спремаат едноставно. Не сакам да бидам роб на кујната ниту да ги запоставам децата или домашните обврски. Ги декорирам чиниите кога ќе имам време и инспирација, а тоа не ми одзема многу време. За децата и другите домашни обврски, како и набавките се грижам речиси сама, бидејќи сопругот оди на работа околу 5, 6 часот наутро и доаѓа во 18, така што со време стекнав навика како да си помогнам сама на себе во завршување на сите обврски. На пример, ручекот често го печам во рерна, исто и лебот. За тоа време, средувам дома, а после ручек секогаш печам некое пециво за вечера, за да можам остатокот од денот да сум слободна и да ја земам вечерата со нас во паркот. На тој начин, го штедам времето кое треба да го поминам во кујната.

Рецепт овде

 -Сепак, колку сопругот Ви помага во останатите обврски?

Како што реков, мојот сопруг не е дома поголемиот дел од денот, бидејќи работи во друг град. Од првиот ден е вклучен во обврските околу децата. Тој присуствуваше на моите породувања и прв ги зема во раце нашите деца. Прв ги избања и оттогаш, тој ги бања постојано. Кога Игњат беше бебе, за викенди го бањаше и го занимаваше за да можам јас да поспијам малку. Ретко кога можев да спијам, бијдеќи уживав да го слушам како му пее и му раскажува приказни. За Огњена многу се плаши, како да му е прво дете. Дури сега кога малку порасна, не се плаши да ја пресоблече. Постојано ми вели дека му е страв бидејќи е девојче и дека е понежна од Игњат. Со тоа што мојот сопруг ги бања децата, ги носи во парк, ги пресоблекува, ги храни, не ми помага мене, туку на нашите деца им е родител баш како што сум им и јас. Обврските кон нив мора да ги исполниме и со тоа не си помагаме еден на друг, туку го правиме за децата. Не е само мајката родител и таткото е исто така. Не знам кога и зошто стана прифатливо за децата да се грижат бабите, а не нивниот татко. Неколку дена по породувањето отидов сама на пазар, а жената од тезгата ме праша каде ми се децата. Реков дека се дома со татко им. Ме погледна и ме праша: „А, немаш свекрва?“. Да, имам, но за децата најдобро се грижат нивните родители и никој друг за моите деца не може да се грижи како што се грижи нивниот татко.

-Какви деца се Игњат и Огњена?

И двајцата се многу живи, не мируваат ниту секунда. Игњат од раѓање е, како што се вели, „училишен пример“ за бебе. Цицаше на 3, 4 часа, уредно секоја вечер одеше на спиење во исто време, преку ден задолжително спиење два пати. Кога е буден е многу активен, сака секаде да се качува и да скока, но додека спие можев без никаква тензија сè да завршам, па дури и да одам на аеробик три пати неделно. Огњена е целосно поинаква. Таа преку ден речиси и да не спие, нема точно време за јадење, за спиење, па според тоа како се однесува, знам што и е потребно. Не можам да кажам дека е едноставно да имаш дете кое не спие по цел ден (спие 15 минути додека цица и веднаш се буди). Но, не можам да кажам дека е напорна, бидејќи не е нервозна и кенкава, туку само си лази на сите страни и морам постојано, што и да правам, да ја поместувам и да и давам нешто да си игра.  Сето тоа ми е нормално и не се нервирам многу. Сакам што се живи и активни деца, што се постојано насмеани и што се големи „мази“. Кај Игњат посебно морам да го издвојам тоа што има изразена емпатија кон деца помали од него и секогаш во паркот им помага на некои дечиња кои почнуваат да одат, на кои ќе им падне некоја играчка и секогаш ги прегрнува и бакнува.

Рецепт овде

-Како ги воспитувате?

Отсекогаш сакав помеѓу децата да имам мала разлика во години, за да бидат блиски и да имаат слични интереси. Разликата помеѓу Игњат и Огњена е две години и два месеци. Од почетокот, Игњат е вклучен во сите обврски околу Огњена, никогаш не се плашев, ниту му велев да се тргне од неа. Тој ужива да ја бања, да ми помага со пешкирот, да ја мачка со крема, да и ја лепи пелената, да бира што да и облечам. Тоа се некои ситници кои за детето се вид игра, но на тој начин стекнува навики што ќе му останат за цел живот. Развива свест за тоа дека семејните обврски се завршуваат во тим, дека обврските се делат, дека мораме да се грижиме едни за други. Се трудам да ги осамостојам, на нивниот плач или негодување да не брзам да направам нешто наместо нив, туку да ги поттикнам сами да дојдат до решението. Се трудам да им ја развијам самодовербата и вербата во себе дека они тоа можат да го направат, дека родителите им се потпора, дека секогаш можат да сметаат на наша помош, но и дека тоа не значи дека ќе ги завршуваме работите наместо нив. Најважно ми е да ми веруваат и да ми кажуваат сè, да не се плашат од мојата рекција ако направиле нешто лошо.

Рецепт овде

-Какво е Вашето мислење за доењето во јавност?

Доењето е најприродната исхрана за бебето и во тоа нема ништо срамно, ниту вулгарно. Не знам зашто воопшто има толкава сензација околу доењето во јавност, кога денеска модерните парчиња со деколте откриваат многу повеќе, отколку кога мајката го дои своето дете. Не знам зошто е прифатливо да видите девојка која не носи градник, која има длабоко деколте, гол стомак, здолниште кое едвај покрива, а не е прифатливо да видите мајка која дои. Доењето може да биде дискретно, да не се гледа ништо, а само по начинот на држење на бебето да се знае дека во тој момент детето цица. Оние кои коментираат дека тоа треба да го завршиме дома и потоа да излеземе, немаат појма како доењето функционира и дека не постои правило кога бебето повторно ќе огладни и ќе побара да цица. Бебето може да побара млеко и по пет минути и после пет часа, нема правила. Оние кои велат дека треба да земеме млеко во шише со нас, исто така нема појма дека доените деца не знаат како да користат шише. Постојат и коментари дека ако бебето цица, не треба да излегуваме од дома – тогаш никогаш не би купила нешто, не би можела да набавам намирници за моето семејство. Само необразованите луѓе можат да имаат такви идеи за хранење на бебето, па нивното мислење не ме интересира, бидејќи улогата на мајката е да ги задоволи потребите на своето бебе, а потребата за храна е најосновна. Ги доев децата на лекар, на концерт, во автобус, во парк, во кафуле, ретко кој приметуваше дека дојам, а кога ќе се случеше тоа, добивав насмевка. Имав една ситуација кога морав да го нахранам Игњат во еден трговски центар и го направив тоа во ходникот што водеше кон тоалетите, па во еден момент обезбедувањето ме праша што правам и ми рече дека сум можела да го нахранам во тоалетот за инвалиди. Му се заблагодарив и му реков дека ниту ние возрасните јадеме во тоалет, ниту детето ми е инвалид. Тој само ја наведна главата и си замина.

Рецепт овде

-На кој начин е најдобро да се одвива процесот на воведување цврста храна кај детето?

Што се однесува до воведување на цврстата храна, се водам според препораките на Светската здравствена организација која советува со дохрана да се започне со наполнети шест месеци. Кога Игњат беше бебе, постоеја препораки со што е добро да се започне, а кои намирници да се остават за подоцна, односно оние кои се алергени. Во последната година, СЗО ги промени своите препораки, па сега советува со дохрана да се почне по шестиот месец и да се воведуваат сезонски намирници и алергените да не се одолговлекуваат. Јас сум поборник за исклучително здрава храна, домашна и никогаш не им давав купечки кашички. На мојот блог наскоро ќе има текст за воведување немлечна исхрана кај бебињата, бидејќи мајките кои ме следат на Инстаграм постојано ме прашуваат за тоа. Исто така, ќе има рецепти за бебиња помали од една година.

Рецепт овде

-Што кога детето ќе тргне во градинка и кога ќе треба да се прилагоди на тамошната исхрана? 

Неизбежно е тоа дека детето порано или подоцна ќе биде изложено на влијанието на врсниците, односно нездрава храна која им се сервира во градинките и која ќе можат да ја купат во близина на училиштата. Дома, секогаш ќе ги јадат истите оброци, бидејќи друга опција никогаш нема да постои. Сметам дека во детството се поставуваат темелите за сè и она што тогаш ќе ги научиме децата, им останува за цел живот. За жал, не можам да влијаам на менијата во градинките, но на своите деца им ја развив љубовта кон здравите оброци, па сигурна сум дека такви оброци ќе приготвуваат и сами кога ќе пораснат. Јас и мојот сопруг уживаме во оваа храна, истата што ја јадевме во детството. 

Рецепт овде

-Многумина ќе кажат дека здравата храна стана помодарство. Како ќе ги уверите во спротивното? 

Многу е популарна изјавата „А, што јадеше ти кога беше мала, па ништо не ти фали.“ Така излегува дека сите сме пораснале со слатки, сувомесни производи, плазма или кравјо млеко. Јас не сум дете од такво семејство. Мојата мајка сите четири деца ги доеше, никогаш не јадевме сувомесно, маргарин, бисквити, слатки или грицки. Бевме окружени со домашни намирници од нашата градина и нива, млечни производи кои ги правевме од нашите крави. Не пораснав со плазма, прв пат пробав на 11 години и никогаш немав потреба да си купам. Она што сакав да го јадам во детството, го јадам и денес. Мајка ми ни правеше домашен леб, а тоа го правам и јас за моето семејство, така што не гледам тука никакво помодарство. Мојот начин на исхрана едноставно е ваков отсекогаш, на друг начин никогаш не сум била изложена. 

Рецепт овде

-Сосема на крај, среќни ли сте? 

Немам ниту една причина да не бидам среќна, бидејќи во животот го остварив сè она што сакав. Само со чесна работа и труд можете да ги остварите своите соништа и вистински да бидете среќни бидејќи не му должите никому ништо. Среќна сум што сите сме здрави, што имам син и ќерка чија меѓусебна блискост секојдневно ме расплакува. Благодарна сум за сè што имам и секојдневно вложувам во моето семејство за да ни биде уште поубаво. Не сакам кога ќе ми кажат дека сум пожртвувана мајка, бидејќи не жртвувам ништо. Сè што му давам на моето семејство, ме прави среќна. Вложувањето во насмевките на моите најдраги, во нашата заедничка и уште поубава иднина, не е никаква жртва, туку вистинско задоволство и среќа.

Рецепт овде

Објавено:
24 септември 2018
Прочитано:
1.267 пати