тениски инструктор

Македонецот што ја освои Кара Делевињ

Интервју со
Ангел Ѓоргиевски
18 јануари 2016

Во 2016 година, покрај другите интересни содржини, интервјуа и приказни, Fashionel ќе презентира и еден циклус разговори со успешни и креативни Македонци низ светот.

Имињата на некои од нив можеби не се толку звучни во нашата земја, но трудот и успехот што го оствариле надвор од овие граници, како наши амбасадори, е доволна причина да поразговараме со нив и да ги запознаеме и со домашната публика.

Циклусот го почнуваме со Ангел Ѓоргиевски, тениски инструктор од Штип. Иако разговорот го водевме по електронски пат, не може а да не се забележи и почувствува позитивната енергија и желбата за живот што овој човек ја поседува. За тоа секако придонесува и фактот што тој моментално се наоѓа на Карибите, од каде постојано испраќаше сончеви поздрави до нашата редакција.

Вниманието ни го привлече откако познатиот модел Кара Делевињ објави видео со него на нејзиниот Инстаграм профил и го претстави како нејзин инструктор.

За искуството со Кара, за патот до успехот и нештата што Ангел ги сака и го исполнуваат, читате во продолжение:

Со оглед дека за Ангел не знаев речиси ништо, освен дека е тениски инструктор и дека работел со Кара, го замолив на почетокот од нашиот разговор да ми каже кој е Ангел Ѓоргиевски:

-Јас сум штипјанец, авантурист по природа, љубител на природата и спортскиот начин на живот. По професија сум забен техничар, тениски тренер и спортски психолог. Во последните години работам како тренер во странство, но пред тоа работев во Македонија, Бугарија, потоа заминав за Шпанија, САД и сега сум на Карибите – вели Ѓоргиевски.

Тој додава дека во последните две години работи за Peter Burwash International, американска тенис менаџмент компанија, која има договори со најлуксузните хотели и ресорти насекаде низ светот, што ги снабдува со тениски терени, што според него е работа од соништата.

Сепак, за тоа како изгледал неговиот професионален развоен пат ќе каже:

-Тенис почнав да играм релативно доцна, но уживам во тој спорт и толку го засакав што во еден момент решив тоа да ми биде и професија. Откако работев неколку години во тенискиот клуб во Штип, одлучив да заминам на усовршување како тениски тренер во познатиот спортски универзитет во Софија, каде постои и таква насока. Имав можност да се запознам со многу тениски професионалци, тренери и играчи што извршија големо влијание во мојот развој. Во Бугарија додека студирав и работев и тоа во најпознатиот тениски клуб „Малееви“, а потоа во германски тениски клуб што се наоѓа на Црно Море, каде работев најчесто со туристи – објаснува Ангел.

Авантуристичкиот живот го носи во Шпанија.

-Две години работев во Каталонската тениска федерација, во развојот на едни од најдобрите шпански јуниори. Постигнавме успеси кога две наши тенисерки станаа шампиони на Шпанија во двојки,а  едната од нив е вицешампионка во сингл.

Искуството во Шпанија му отвора и нови можности.

Ангел во публика на тениски натпревар со Рафаел Надал во Мадрид 2011 година

-Таму увидов колку е важен менталниот дел во тенисот и одлучив да се усовршувам и на тоа поле. Се вратив во Бугарија и магистрирав  на Спортска психологија. Откако магистрирав се решив да аплицирам за работа во најдобрата компанија во светот за тениски тренери кои, како што напоменав, работат во луксузни хотели и ресорти. Успеав да ја поминам селекцијата и интервјуто и еве веќе втора година работам за нив. Меѓу клиентите се светски ѕвезди и најуспешни бизнисмени од целиот свет – раскажува инструкторот.

Иако во странство, тој ја следи и нашата спортска сцена. За тоа зошто не остваруваме успеси во тенисот како во останатите спортови или како што тоа е случај со играчи од регионот, Ангел ќе каже:

-Македонија е прекрасна мала земја, но во тенисот немаме традиција. Таленти и тренери можеби има, но освен тоа речиси ништо друго немаме за да имаме успешни тенисери. Тенисот е индивидуален спорт, но ако нема добра тимска организација во секој аспект, ќе нема и успеси – смета тој.

Со оглед на тоа дека е на Карибите и ја работи неговата работа од соништата, го прашав како изгледа еден негов ден.

-Во моментот, со оглед на тоа дека живеам во луксузен карипски ресорт, станувам наутро, се подготвувам за работа, давам часови по тенис на гостите во хотелот, а во текот на денот го користам времето за пливање и за да се релаксирам на прекрасните плажи. Со еден збор, уживам во рајот!

Карибите на многумина им се дестинација од соништата, а Ангел објасни и зошто е тоа така. Вели, таму во текот на целата година е лето, бојата на морето е смарагдно-зелено-сина, песочните плажи се „накитени“ со палми, а луѓето што се таму се релаксирани, насмеани и позитивни. Каков што е и самиот.

Ангел со Кара

Една од работите што најмногу ме интересираше, беше да дознам за средбата со една од најпопуларните и најплатените модели на денешницата, која и јавно го искажа воодушевувањето од него и неговата енергија. Сепак, Ангел и не знаел во почетокот за кого се работи:

-Кара беше гост во хотелот. Се запиша на моите тенис часови и така се запознавме. Претходно не знаев ништо за неа, но сега знам дека е една од најпопуларните манекенки во светот и дека во последно време е насочена кон филмот. Прекрасна и забавна личност е Кара. Многу се забавувавме на тенискиот терен. Ѝ се допадна мојот стил на водење и пренесување тениски лекции, кој впрочем е токму таков – исполнет со многу забава, смеење и трчање по целиот терен.

За мене велат дека сум многу позитивна личност, тоа го вели и Кара. Ме сними неколку пати и видеата ги објави на нејзиниот Инстаграм профил. Коментарите се супер, многу позитивни, за што ми е драго. Ми вети дека ќе дојде пак на тенис и дека ќе се обиде да ме вметне во некој филм да глумам со неа. Но, бидејќи јас со неа многу се шегував, веројатно и таа се шегуваше со мене (се смее).

Покрај Кара, оваа работа му донела многу познанства со политичари, бизнисмени, уметници.

И покрај тоа што живее на рајот на земјата, не испушта да ѝ се наврати на Македонија.

Ангел со Ана Ивановиќ

-Не можам без Македонија. Најмногу си ја сакам. Секоја можност ја користам да се вратам дома. Таков човек сум, се радувам на блиските луѓе и на природните убавини. На секого што ќе го запознам, му препорачувам да ја посети. Особено ми е интересно кога некој странец бил да ја посети и знае каде е. Тоа ми претставува големо задоволство, но уште поинтересно е да се слушнат туѓите искуствата од престојот во нашата земја.

За крај, на оние што сакаат да изгледаат добро секогаш им го дава истиот совет:

-Спортувајте и уживајте во животот. Мене спортувањето ме прави екстремно среќен и се чувствувам прекрасно. Без разлика на обемот на телото, секоја личност си има своја убавина. Она што е најважно е дека човек треба да биде исполнет и среќен – порачува Ангел.

А кога некој што навистина живее така ќе ви го каже тоа, некако не можете, а да не му верувате и барем за момент да си ветите дека ќе ги оставите проблемите на страна и ќе се насочите кон убави нешта што ќе ви донесат насмевки. 

Објавено:
18 јануари 2016
Прочитано:
21.549 пати