Уметник

Македонија го има еден од 10-те најдобри хиперреалисти во светот – Жарко Башески

Интервју со
Жарко Башески
13 ноември 2017

Македонскиот уметник Жарко Башески е на врвот од својата професионална област и е во елитното друштво на 10-те најдобри светски хиперреалисти. Неговите скулптури говорат на универзален јазик и важат за дела што високо котираат во современата уметност. Биле изложувани во светски познати уметнички центри и ги виделе луѓе од сите нации. Башески работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и во нашиот разговор што следува, ни посочи дека своите студенти ги советува секогаш да се соочуваат со проблемите што произлегуваат од работните задачи.
Неодамна премиерно ја изложи својата нова скулптура „Асфиксија" во Дебар Маало и од тука го започнавме нашиот разговор, што завршува со најава за нов проект во Њујорк.

Фацијален грч на лицето на човек што се соочува со сопствениот крај... е првото визуелно доживување на Вашето ново дело „Асфиксија", неодамна промовирано во Дебар Маало. Но, која е суштината на неговото сведоштво?

-Асфиксија претставува визуелен производ на состојбата на човекот, денес и насекаде во светот. Последниот здив, крик и неможноста да се вдише воздух, претставени се со изразот на човекот, во грчот на лицето и погледот. Гушењето не доаѓа само од физички видливи работи, туку е резултат и на психолошки бариери, притисоци, како и социо-политички случувања што му се случуваат на секого. Во самата глава се одвива проекција на некој од најсаканите и најдобрите моменти од животот на човекот кој во дадениот момент се бори за псоледниот здив и неможноста да преживее. Значи ова претставува едно од моите моментални размислувања и чувства во секојдневниот живот. Јас речиси секогаш се водам од моето и од секојдневието на секој човек и се обидувам интуитивно да го кажам тоа преку моите скулптури.

Има ли слух публиката за неговиот очајнички крик? Знаеме ли да се слушаме самите себе и дали делуваме по тоа прашање?

-Мислам дека има, затоа што и секој гледач индивидуално е погоден од овие чувства кои јас ги визуелизирам преку моите скулптури. А дали делуваме по тоа прашање зависи од степенот на култура и свеста што ја има секој посебно. Се надевам дека на некој начин ќе допре подлабоко во свеста на гледачите и ќе има подобар фидбек кон средината.

Се плашиме ли да се соочиме со реалноста? Имам чувство дека наспроти лажниот комфор што си го создаваме во виртуелниот свет, Вашата бескомпромисна уметност директно со горчливиот вкус на реалноста, делува како „шок терапија"?

-Кога би било терапија, би било се океј, но за шокот се надевам дека го имаме. Знаеме дека реалноста многу не не допира, поради многу причини, но во одредени моменти предизвикани од вакви претстави и доживувања, мислам дека, барем за момент, секој ќе ја доживее. Во суштина, мојата крајна цел не е да го едуцирам светот околу мене и да го преобликувам како што јас го доживувам, туку потребата јас да ја кажам мојата вистина и моите моментални и времени размислувања и чувства.

Со оглед на претходното искуство, веројатно и „Асфиксија" ќе патува низ светот? Имате ли веќе „букирано" дестинации?

-Најавени се неколку промоции за кои се надевам дека ќе се реализираат (Љубљана, Марибор, Виена, Њујорк...)

Професоре која е првата лекција што ја споделувате со Вашите студенти?

-Да бидат присутни на предавањата и вежбите, максимално фокусирани на проблемите што произлегуваат од зададените задачи и работа, само работа. Мое е да ги насочувам и едуцирам во правилна насока за што полесно и пошироко спознавање на нивните потреби и нивна реализација во реалниот свет. Значи ништо не доаѓа без многу труд и правилна насоченост кон целта.

Зошто токму хиперреализмот е Вашата уметничка димензија? Која е најголемата возбуда во овој правец на изразување?

-Можноста да го кажам она што го размислувам и чувствувам во даден момент, ми ја дава само овој начин на изразување. Сметам дека вака сум доволно јасен и разбирлив за секој човек и тоа е доволно јас да се определам и држам до мојот пристап. Самиот материјал е доста податен за практицирање на ваква фигура, можноста што поуверливо да ја прикажам реалноста беше доволна причина да се определам за овој начин на израз.

На врвот сте од Вашата професионална област и важите за еден од десетте најзначајни хиперреалисти во светот. Што за Вас лично значи овој статус?

-Искрено никогаш не сум ни помислувал дека ќе се најдам помеѓу 10-те водечки автори во хиперреалистичката скулптура од почетокот до денес, и се разбира дека премногу ми значи овој податок. Се разбира би сакал и сите компетентни во државата да ја сфатат важноста и да реагираат на правилен начин, како што реагираат во сите земји каде што ги почитуваат и подржуваат своите успешни индивидуи.

На покана на големиот Роберт Вилсон ќе изложувате во Њујорк. Кога, каде и дали се работи за нови скулптури или нешто од постоечката едиција?

-Соработката со господинот Вилсон не е само моја и не е иницирана од мене, туку тоа е многу поголем и посложен заеднички проект со господинот Јордан Плевнеш и театарскиот ансамбл што ќе ја игра неговата претстава. Јас сум дел од овој проект, на мое задоволство, и настапувам со скулптура по негово и мое креативно поставување на делото. Сметам дека е голема чест да се настапува со најголемиот во визуелната уметност денес, но ова мора да биде подржано и од државна институција, па се надевам дека нема да има никаков проблем бидејќи ова е од највисок национален приоритет.

Гладна ли е Вашата амбиција за нов предизвик?

-Не се работи за глад, тоа е веќе начин на живот и опстојување. Сега работам на две нови скулптури и се надевам дека ќе ги презентираме на сличен начин како и „Асфиксија". За неколку месеци ќе бидам готов и ќе се видиме на изложба.

Фото: 

Асфиксија - Cherry Cannon Photography

"Башески во Чифте Амам" - Роберт Јанкулоски 

 

Објавено:
13 ноември 2017
Прочитано:
835 пати