Netcetera

Македонија има ИТ стрип во кој главниот лик е жена

Интервју со
дел од тимот зад ИТ стрипот „Нета“
8 октомври 2019

Сосема случајно до нашата редакција допре веста дека во Македонија постои ИТ стрип во кој главниот лик е жена и се вика Нета! Тоа беше доволно да нè заинтригира да дознаеме нешто повеќе, а доказ дека дури и во ИТ заедницата сме читани, е тоа што тимот што стои зад овој стрип без размислување прифати да се најде во нашиот медиум и да се запознае со нас и нашата читателска публика.

И велат дека случајните работи (ако воопшто постојат такви) се најдобри, па оваа интересна и за нас несекојдневна средба би можела сосема да се вклопи во тоа, а резултатот од неа ќе го читате во продолжение:

Ако се прашувате кој стои зад „Нета“, списокот е навистина долг и можете да го видите на фотографијата подолу.

Ние пак, имавме шанса да зборуваме со Елена Апостолоска, Радмила Ѓорѓевска, Драган Иванов и Филип Боев од „Netcetera“.

Елена е UX инженер, Радмила и Филип се софтверски инженери, а Драган е задолжен за маркетингот.

Со печатеното јубилејно 100-то издание во рака и интересни беџови, ни посакаа добредојде и одблиску ни ја раскажаа приказната за „Нета“.

Елена: Идејата за Нета е од вработените на Netcetera. Замислата беше да се направи нешто што го нема тука – прв македонски ИТ стрип. Стрипот обработува прилично интересни теми, комични ситуации инспирирани од работното секојдневие.

Радмила: Често објавуваме реални случки, тоа е она најискреното и нешто со што секој што се занимава со оваа работа може да се идентификува. Уште пред да почнам да работам во компанијата знаев за стрипот и ми беше драго што сфатив дека истите проблеми ги мачат и други.

Драган: Тоа се ситуации што вработените ќе ги препознаат , а студентите ќе видат што ги чека. Стрипот дава малку rock&roll style момент на професијата, која инаку многумина ја сметаат за geeky.

 

Со самото тоа што списокот од тимот е долг, значи дека кругот на оние што би сакале да учествуваат во создавањето на новите броеви на „Нета“ не е затворен...

Елена: Имаме неофицијален тим, секој може да земе учество, да даде идеја, која потоа се надградува. Стрипот го објавуваме секој втор петок, а за илустрациите е задолжен Здравко Гиров. Многу добро се разбираме со него, знае да се постави на наше место, па дури да даде и некоја сугестија.

Драган: Темите на стрипот понекогаш дури се поврзани со ИТ настани во Македонија. Во такви случаи се трудиме да го издадеме стрипот пред настанот и со тоа да помогнеме за негово промовирање низ заедницата.

Сте истражувале ли дали и каде има вакви слични стрипови?

Филип: На Балканот има неколку слични стрипови, но не се многу познати и уште помалку распространети на Интернет, во тој контекст „Нета“ е попозната. Примероци од стрипот се праќаат и во Цирих, каде е примарното седиште на компанијата.

 (од лево кон десно) Елена, Радмила, Драган и Филип

Може ли да го чита некој што не е од ИТ заедницата?

Радмила: Стрипот потешко би го разбрал некој што не е од ИТ заедницата, прилично е таргетиран, што е пак од друга страна добро, бидејќи можеш да добиеш реакиции од публиката за која всушност и е наменет.

Драган: Увидовме дека што потаргетиран хумор, на читателите им е дотолку поинтересен. Кога ќе почнеш да ги сфаќаш шегите, тоа значи дека си навлегол во ИТ секторот. Јас еве сум од маркетинг сектор, и има некои Нета стрипови кои воопшто не ги разбирам : )

Филип: Понекогаш има моменти кога треба да пребаруваш за да сфатиш, дури и ако си од оваа бранша, односно има простор да го провериш и научиш она што не го знаеш.

 

Во една пригода изјавивте дека со „Нета“ сакате да поттикнете бројот на жени во оваа професија да стане поголем. Располагате ли со некоја статистика, колку жени има во ИТ секторот и сметате ли дека на овој начин навистина придонесувате за целта која си ја поставивте?

Елена: Неодамна на it.mk беше спроведено истражување кое покажа дека само 19 проценти од вработените во ИТ секторот се жени. Јас добивам впечаток дека сме и повеќе во нашата компанија...

Радмила: Да, во последните години и меѓу новите вработени имаме сè повеќе жени. Оваа професија стана многу популарна. Споредено со до пред неколку години, денес може да забележиме многу повеќе жени на техничките факултети.

Елена

Радмила

 

Кои се најчестите предрасуди и/или стереотипи со кои сте се соочиле како дел од ИТ заедницата?

Филип: Најчестите предрасуди се дека сме малку чудаци, асоцијални и дека можеме да го поправиме компјутерот дома : ).

Драган: Бидејќи ова ми е прва ИТ компанија во која работам, дојдов со стереотип дека луѓето од ИТ не се заинтересирани за спорт. Но, тоа е голема грешка. По спортисти од овие не сум видел: редовно одат на планинарење, трчаат на маратони, присуствуваат на разни спортски натпревари и неретко освојуваат медалји...

Филип: Луѓето тука имаат доволно развиена свест за фактот дека ова е доста статична и стационарна работа, и затоа преферираме да спортуваме....

 Филип

А во однос на модата? Каков е модниот израз во една ИТ компанија?

Елена: Немаме пропишан кодекс на облекување, секој се носи онака како што му е најудобно. За дотерување има примери од крајност до крајност. Има колеги што доаѓаат тука во гики маички, но има такви што се дотеруваат и се во тек со мода. Исто и на други ИТ настани се забележува ваков моден израз, некои носат костуми а некои маички.

Драган: Интересно е што за многу настани што присуствуваме или ги организираме, принтаме маички или дуксерки. Неретко после тоа може да ги забележиме колегите да ги носат на работа или да ги препознаеме некаде надвор од работа. Имаше огромна залиха, па неодамна им организирав на колегите giveaway. Ако сакаш да ги привлечеш луѓето, мора да направиш да се препознаат.

 Драган

Како планирате да ја развивате „Нета“ понатаму?

Елена: Го отпечативме ова издание за да го одбележиме јубилејот на 100те стрипови заедно во една антологија. Сега Нета има и Инстаграм профил на англиски, на тој начин би можела да се приближи и до поширока публика.

Драган: Во моментов работиме и на AR апликација со која Нета, би можело да се каже, ќе оживее, а тоа со помош на филтри слични на оние од Инстаграм или Снепчет. Нам ова ни изгледа многу интересно, и би требало да се реализира и да биде овозможено за сите многу наскоро.

Објавено:
8 октомври 2019
Прочитано:
580 пати