Рок бенд

Македонски рок бенд чија музика ќе ви приреди емоционален ролеркостер

Интервју со
Station: Innermost
16 септември 2019

Доколку досега не сте слушнале за рок составот Station: Innermost многу сте пропуштиле, но денеска можете да ја исправите грешката. Станува збор за бенд составен од пет ултра талентирани членови, секој со своја, уникатна музичка приказна, со фасцинантно познавање на инструментот на кој твори. Неверојатните вокали на одличните дела на бендот ги пее единствената Наташа Миха, која зад себе има исклучително музичко образование, а покрај неа дел од бендот се и Дамир, Стефан, Дарко и Дејан. Неодамна бендот го промовираше првиот албум „Exposure“ на кој има соработки со светски музичари како Дерек Шеринијан, клавијатурист на некои од најпопуларните бендови во светот меѓу кои и Billy Idol, Kiss, Dream Theater, но и со нашиот познат вокалист и гитарист Ади Имери. Приказната за соработката со големиот Шеринијан е нешто што дефинитивно мора да го слушнете денес, а уште нешто што мора да направите е да купите билети за нивниот концерт оваа среда од 20 часот во летна Хавана. 

-На самиот почеток, иако досега неколкупати сте споменале, какво е чувството на две песни од новиот албум да ви гостува музичар како Дерек Шеринијан? Како всушност дојде до таа неверојатна соработка?

Дерек Шеринијан е клавијатурист од светски рамки и е еден од нашите омилени музичари. Неговиот музички израз и виртуозност се темел и инспирација за музиката што ја создаваме. Редовно ги следиме сите негови проекти и работа, па така, откривме за натпревар што тој го организираше, каде победникот со најдобра песна добива клавијатурско соло од Дерек лично. Се пријавивме и на наше големо изненадување бевме исконтактирани од Дерек и остваривме соработка на две песни кои се дел од нашето ЕП „Exposure“.

-Како во неколку реченици би го опишале Вашиот прв албум „Exposure“? Какво значење има за Вас?

Иако претходно секој од нас индивидуално има создадено и издадено аворска музика во различни состави и формати, за ова наше прво издание како Station: Innermost постоеше голем ентузијазам, љубов и уште поголема потреба за креативен израз и експресија која како резултат би оставила квалитетно парче музика на домашната музичка сцена. Нашиот пристап на творење пред сѐ е многу искрен, темелен и слоевит. Размислено е на секој детаљ во песните. Изградивме целосен музички и тематски концепт. Создадовме ликови чии приказни се дел од нашето секојдневие, а во приказните проткајавме и лични доживувања и оставивме дел од себе. „Exposure“ е вистински емоционален ролеркостер, кој ве носи на патување и ве поттикнува да откриете повеќе за самите себе. 

- Station: Innermost постои околу две години... Како успеавте да се усогласите сите петорица за да правите толку добра музика?

Тајната, пред сѐ е во одличниот спој на карактери, поради кој одлично функционираме и на приватно поле. Освен тоа, секој во бендот е слободен да се изрази и да придонесе на начин на кој што најмногу му одговара, сите сме тука еден за друг и секогаш го даваме најдоброто од себе. Како бенд делиме заедничка музичка визија и голема амбиција која секогаш нѐ води напред. 

-Што за Вас значи името на бендот? Зошто Station: Innermost?

Патување кон откривање на најсуштинското значење на нашето битие, преточено во добра музика и проткајано со загадочни приказни. 

-Имате ли некои ритуали пред да се појавите на сцена? Како се подготвувате за концертот оваа среда во Хавана?

Природата на нашата музика е комплексна и слоевита и тоа подразбира сериозни подготовки, не само од музички аспект, туку и канализирање на заедничката енергија на соодветен начин. Посебни ритуали пред појавување на сцена не постојат, освен оние индивидуалните каде секој на свој начин се подготвува да влезе „во зоната”. 

-Што е она што Station: Innermost ги прави уникатни?

Приказните кои ги раскажуваме, слоевитоста и деталите во музиката која ја создаваме, како и влијанието на различните музички стилови кои ги застапуваме во секоја песна. Искреноста и истрајноста во работата и емоцијата која ја пренесуваме. И како за крај – комбинацијата женски вокал како frontwoman со прогресивниот, слоевит и агресивен звук на бендот е уникатност сама по себе и е реткост во овој музички жанр. 

Наташа Миха

-Можно ли е да го опишете секој член на бендот во неколку зборови?

После кратка дебата меѓу нас членовите проследена со многу смеење, едногласно кажуваме дека:

Миха е: перфекционист, мачкољубец, storyteller

Дамир е: воркохолик, визионер, класниот

Стефан е: виртуоз, креативец, кафеџија

Дарко е: gear geek, футурист, позитивец

Деки е: ритам-машина, другариште, хахахант

Дамир Пух

-Што е она што ги интересира членовите на бендот надвор од музиката?

Спорт, уметност, миленичиња, храна (се смеат). 

-Кои се младите музичари или бендови на кои им се восхитувате во моментов и мислите дека светот треба да слушне за нив?

И домашната и светската сцена изобилуваат со квалитетни музичари и бендови кои навистина инспирираат и без да споменуваме имиња. Би им препорачале на читателите да ги следат и посетуваат домашните фестивали и самостојните концерти на бендови и артисти кои, верувајте, ги има, иако не се многу експонирани во јавноста. 

Стефан Петановски

-Можно ли е добро да се заработува од музика во Македонија?

„Пазарот” во Македонија е мал и креирањето авторска музика не е начин преку кој музичарите можат добро да заработат. Поради малиот број на фестивали и прилики авторските бендови да ја презентираат својата музика, голем дел од нив се под радарот на културните случувања во земјава.

За жал,  постои и одредена инертност кај публиката да следи домашни авторски бендови, особено оние помалку комерцијалните и покрај фактот што голем дел од тие бендови креираат навистина квалитетна музика, што слободно може да се спореди и да конкурира на бендови и артисти од светската сцена.

Сметаме дека поддршката од медиумите за информирање и подигање на свеста кај публиката, и поголема храброст, одлучност и стремеж кон подобрување на нивото на квалитет на работа кај нас музичарите е клучно кон градење на здрава авторска музичка сцена.

Дејан Апостоловски

-Што по „Exposure“?

Во план е издавање на нов материјал што веќе е во процес на реализација. На 18-ти септември во летна Хавана ќе одржиме концертна промоција на „Exposure“ и истовремено публиката ќе има прилика премиерно да слушне две нови песни кои се дел од новиот материјал. Планирани се и видео записи за новите синглови, како и концерти во државава и надвор од неа.

Дарко Фотиновски

Објавено:
16 септември 2019
Прочитано:
1.154 пати