Мартин Конески - подарете ракотворби за празнични насмевки

Интервју со •
8 декември 2014

Младите и талентирани креативци отсекогаш биле инспиративен стимул кој ја надополнува моториката на fashionel.mk. Таков е и случајот со Мартин Конески, чија имагинација резултира со изработка на уникатни ракотворби.

Детето кое го носи во себе, љубовта кон животните, една сосема случајна прошетка низ градските улици и еден излог полн со алати за работа беа доволни за да се разбуди желбата која веќе подолго време тлее кај овој млад артист и да прерасне во пасија и хоби. Факт е дека секој мајстор љубоморно ги крие тајните на својот занает, но тоа не важи и за Мартин, кој денеска ќе не прошета низ лавиринтите на квилингот – техника за изработка на картички, честички, бележници за книги, декорации...

„Јас отсекогаш сум се спротивставувал на тоа дека мајсторот треба да ги крие тајните на својот занает. Сметам дека дека човекот би бил многу себичен доколку е тоа така и дека секоја професија би ја имал само еден човек на светот, затоа не се согласувам со тоа. Напротив, мислам дека треба да се пренесуваат и секогаш сум човек кој што стои на тоа дека конкуренцијата е здрава да ја има и потребна е“, ни кажа на почетокот младиот уметник, кој додава дека неговата изработка не е некоја голема филозофија. Почетокот бил тежок, а првичната инспирација за неговите изработки ја црпи од интернетот, пред сè поради комплексноста на техниката која бара употреба на повеќе алати.

„Техниката се вика квилинг и е јапонска вештина, слична на оригамите. Се прави од хартија, само не од цело парче, туку се прави од ленти од хартијата. Пред сè, хартијата треба да се исече, денес постојат специјални ленти од хартија веќе исечени во разни бои кои можат да се купат и само да се виткаат и обликуваат до потребната форма, да се составуваат и да се добие некаква одредена фигура. Квилингот е малку потешка техника од оригамите, иако на прв поглед изгледа многу полесна. Првенствено техниката квилинг се изработува од хартија, но кога станува збор за изработка на картички и бележници за книги или нешто друго се е до имагинацијата на создавачот. Покрај основните материјали на картичките, честитките, додавам и некои украси, декорации за кои сметам дека дополнително би ја збогатиле композицијата во однос на изглед, боја или дизајн. Користам копчиња во разни големини и бои, панделките се исто така одлична варијанта, и други ситници за дополнително разубавување на ракотворбата. Подлогата треба секогаш да биде тврда, јас за основа користам хамер, а самите ленти се прават од малку подебел лист хартија од оној кој го користиме за пишување во тетратки. Димензиите на ширината на лентата која е исечена е различна. Максмум треба да бидат широки до еден сантиметар, за да кога ќе се залепи на самата подлога да не биде многу подигната“, ни откри Конески.

Во поглед на алатките  што се потребен за изработка на вакви уникатни дела, Мартин ни кажа дека кај нас сè уште не може да се најдат сите потребни елементи, освен чешелот и основно стапче за виткање.

„Остатокот од алатот кој и те како е потребен го нарачав преку интернет, кој се уште не ми е стигнат, ама го очекувам наскоро. На почетокот почнав да изработувам со помош на импровизирано стапче. Станува збор за специјално стапче со дрвена рачка кое на врвот има метално мало делче како шипка кое има процеп на средина од каде што се фиксира самата лента од хартија за полесно да се врти. Значи, секоја основа за било која форма што се прави, се прави со вртење, мотање во вид на клопче на самата лента од хартија. Потоа има шаблон, со кругови во различни димензии и секоја фигура кога се прави, се става во еден од отворите на самиот шаблон за да се рашири. Откако ќе се рашири се лепи крајчето што виси со остатокот од тркалцето и од самото тркалце се обликува во онаа форма која соодвествува со нашата имагинација и нормално потребата. Хартиите можат да се спојуваат во зависност од тоа каква боја ни треба, можат да се сечат, па да се прилепуваат главно со лепак. На почетокот пробав со силикон,  но не е добра идеја бидејќи самиот силикон остава слој и ги прави да бидат дебели и крути и затоа подобра варијанта е да се лепат со лепак“, ни раскажа Мартин за процесот на составување на една композиција од хартија и додаде дека има и своја асистентка, неговото куче Каја која многу му помага особено кога му требаат изџвакани и стуткани хартии.

Моментално, рачните изработки на Мартин може да се видат и најдат на неговата фан страна на фејсбук „My sense greeting cards“, но веќе работи на формирање стратегии за промоција.

„Ако кажам дека немам планови за промоција на моите ракотворби освен на фан страната на интернет, ќе излажам. Нормално, дека имам неколку таргети, планови и концепти кои пак, ќе кажам сеуште се срамежливи и скромни. Размислував да ги понудам по книжарници, цвеќари, гифтшопови, продавници за сувенири. Постојат во Скопје неколку продавници во чиј концепт на работи би се вклопила мојата приказна“, вели артистот.

Конески, додава дека неговите изработки не се само честитки или картички со кои луѓето можат да си честитаат некој убав повод, туку можат да послужат и како декорации за убави поводи. Украсот изработен во квилинг е интересен, впечатлив и забележителен. Во моментов Мартин е фокусиран на претстојните божиќни празници и има за цел повторно да ја разбуди возбудатаи да ја врати магијата  кај луѓето со повторно праќање на честитки по пошта. Вели дека исчекувањето е бесценет момент и секогаш резултира со насмевка бидејќи некој се сетил да прати честитка.

„Вашиот портал е единствен и навистина многу потребен на нашиов простор, бидејќи не е фокусиран само на модата, туку промовира содржини општо за стилот на секој човек, а стилот варира и опфаќа повеќе сегменти. Така што тука се пронајдовме, затоа на големо задоволство ја прифатив поканата да бидам дел од ова интервју, бидејќи сметам дека секој човек треба да си пронајде стилот, а со тоа треба да биде единствен и уникатен. Моите честитки се баш такви, а моето мото е: „Подарувајте со стил и бидете единствени“. Целта е сите да бидеме поразлични не само во стилот на облекување, живеење, туку и во однос на деталите, подароците и убавите мисли“, вели за крај Конески.

 

 

Објавено:
8 декември 2014