Мартин Мила: Кога не би постоела модата, светот би бил пошарен

Интервју со •
9 август 2014

Квечерината која со невообичаен небесен колорит го обви сончевиот ден, зелените патеки во градскиот парк и топлото време решивме да ги искористиме за да направиме едно малку поинакво интервју. Се дружевме со Мартин Мила и неговата слатка ќеркичка Мила која има само три години, а веќе знае дека кога ќе порасне сака да свири гитара како нејзиниот татко. Таа е неговата гордост и со право бидејќи Мила не само што физички потсетува на Мартин, таа е и негова миленичка, неговиот свет, неговиот живот. Мартин, имавме можност да го запознаеме преку шоуто за таленти на М2-продукција пред неколку години, кој со животните приказни преточени во ноти внесе неверојатна свежина на македонската музичка сцена и понуди еден поинаков концепт на создавање домашен квалитетен звук кој секако ќе остане во аманет на наредните генерации.

На самиот почеток позборувавме за она со што Мартин е моментално актуелен, песната „Сè е во ред“, посветена на неговата мајка, но и за неговото враќање на музичката сцена, за кое вели дека реално не постои, бидејќи тој е постојано присутен на сцената, со кратки паузи.

„Јас секогаш сум бил присутен, само сум правел некои мали паузи во зависност од тоа дали сум имал инспирација за нешто или не, затоа што важам за еден од ретките што не купува текстови и песни, туку чека или да го„ згази“ нешто во животот или да го израдува, за да напишам нешто и да го преточам тоа во музика.  „Сè е во ред“ е песна која важи за еден актуелен хит во моментов што ми е мене особено драго затоа што ја напишав за мајка ми која почина пред половина година, а ја издадов на нејзиниот роденден. Многу ми е мило што песни како „Сè е во ред “ наменета за мајка ми, и „Мила“ која е наменета за ќерка ми, а кои пред сè мене ми оставиле голем впечаток во животот, оставиле впечаток и кај другите слушатели и тоа придонело да се најдат на телевизиска топ листа или во етер на радио“, вели пејачот.

Сестраноста, космополитската мисла и богатите животни искуства му овозможиле на Мартин да сфати како функционира животот, што е потребно за да бидеш вистински професионалец, но му понудиле и еден малку поинаков поглед кон светот, луѓето и колегите околу него.

„И ова сега што го работам е блиску поврзано со музиката затоа што јас, како што знаат барем оние што ми се блиски, имам театарско и водителско искуство и сè што е поврзано со уметноста сум го практикувал во мојот живот. Тоа ми помогнало во одреден степен да ја најдам насоката по која сакам да се движат нештата во иднина. Во моментов работам како арт директор во маркетинг агенција и можам да кажам дека, да не беше тоа немаше да научам и сам да си ги правам амбалажите за албумите, плакатите.. Од друга страна пак, да не беше театарската сцена немаше да научам што е тоа харизма, како да се однесувам на сцена и што е потребно во одреден текст да покажеш, затоа што многумина поврзуваат дека музиката е вокална интерпретација, а не е текст, не е претстава, што е сосема погрешно. Музиката има приказна, ако таа е тажна има тажен текст, тогаш и самиот пејач треба да има тага во него за и самиот слушател да го почувствува она што пејачот сакал да го пренесе - објаснува пејачот.

Тој додава дека го радува тоа што успева да ја задржи публиката, а во иднина ќе се потруди да ја исполни и неговата и желбата на неговите песни - да одржи голем концерт.

„Јас веќе седум - осум години сум активен на музичката сцена, некаде во средина, си тлеам, публиката што сум ја имал од тогаш сè уште е тука и ме слуша и тоа ми е најважно. Единственото нешто и единствениот џокер што не сум го искористил за разлика од моите колеги е еден голем самостоен концерт. Така што со двата албуми, еве сега се навршува третиот, сметам дека имам доволно материјал за голем концерт и тоа е нешто што се „крчка“, и мислам да го реализирам наскоро, бидејќи тоа не е само моја желба туку и желба на моите песни. Сметам дека секоја песна-приказна заслужува добра вокална и техничка изведба“, открива Мартин Мила.

Мартин Мила негува навистина урбан и индивидуалистички имиџ и според него да се биде единствен во ова време на масовен „copy-paste“ е резултат на однапред донесен суд и етикетираност без притоа да се ѕирне во душата на човекот.

„Многу е тешко да се биде индивидуален. Сопругата и јас имаме многу тетоважи, таа е дури повеќе истетовирана од мене. И денеска кога ќе шетам на улица или било каде наидувам на негодување и неубави реакции. Во суштина, сè што е интересно, ново и досега невидено е чудно да се прифати. Првин, сакаш да го допреш, да го кренеш, да видиш колку е тешко, па да го свртиш, па на крај дури прашуваш која му е цената. Треба првин да ме запознаат за да видат што јас имам во себе, па потоа да реагираат на овој или на оној начин. Самата логика на функционирање и дејствување на човекот во природата може да се примени не само во кариерата и работата, туку и во самото тоа дали припаѓаш некаде или не. Сум бил и сум гостувал на многу фестивали, сум се дружел со многу познати светски ѕвезди. Петнаесет дена сме биле заедно и сфаќаш едноставно дека припаѓаш таму со нив, затоа што  таму ти оди „муабетот како алва“,  те прифаќаат како да те знаат 100 години, изгледаат како тебе, дури и се смееме на исти  шеги , а не сме се виделе никогаш во животот. Енергија е тоа и неа не можеш да ја излажеш, секогаш тие работи се приврзуваат. На крајот на краиштата, можеш да се лажеш себе си, можеш да ги лажеш другите, ама на крајот ќе се најдеш таму каде што припаѓаш “ ни кажа Мартин.

Првата тетоважа ја направил во шесто одделение и секоја тетоважа на неговото тело крие некаква животна филозофија и има свој белег. На Мила нема никогаш да ѝ дозволи да се тетовира, за да не се кае еден ден, бидејќи според Мартин, тетоважите или ги сакаш или не.

„Кога имав шест години, знаев да цртам, а татко ми не можеше да ме однесе на базен додека не си ја нацртав раката со пенкало и со фломастери за да можам како другите батковци и јас да имам убав цртеж на рака. И кога дојдов до одредено ниво во животот кога можев сам да одлучувам за себе, ја ставив првата тетоважа во шесто одделение, тоа беше келтска плетка и после тоа ја покрив со ракавот на левата рака. Меѓутоа, секоја тетоважа си има своја филозофија и свој печат од животот. Ако си се одлучил да се тетовираш, тоа мора да има значење, да му дадеш печат. Многумина тагуваат за тоа дека некогаш се тетовирале и потоа или ги вадат ласерски, а некои пак, одат дотаму што мислат дека е некаква „зараза“, па продолжуваат да си го цртаат телото без врска. Во суштина, за ништо не треба да жали човек, небитно дали се работи за буква од поранешен дечко или љубов, или некое име. Тоа име ти било важно во животот  и си потрошил добри можеби три-четири години  и зашто да ги бришеш, нека си стои, тоа си е твое, тоа си е тука. Треба да ти е мило, бидејќи била убава лекција, нека стои забележана. Со ова сакам да кажам дека имам тетоважи кои ми се драги, како на вратот и градите посветени на ќерка ми, а имам и убави слики како што ми е оваа на левата рака, која претставува убав цртеж на змеј“, рече пејачот.

Омилен „дизајнер“ на Мартин кога станува збор за мода, имиџ или стајлинг е стариот добар чичко „Google“. А негов фетиш се очилата за сонце и класиката.

„Да бидам искрен, мода најмногу следам на google и обично тоа што ме интересира ќе го „изгуглам“ и ќе си најдам комбинација на некој сличен тип, што има имиџ како мене и тогаш знам кој изглед да го искористам. Не верувам дека баш тие што носат имиња на големи брендови имаат добар стил затоа што тие не играат храбро. Едно е да играш храбро, а друго е да играш според правилата. Ако купиш костум, смокинг или тренерки, односно комплет, тогаш не си храбар, играш на сигурни карти. Но, ако најдеш нешто свое и го искомбинираш сам, а притоа се чувствуваш добро во тоа што го носиш и другите те загледуваат, па се пронајдат во тоа, значи дека си бил храбар, си ги скршил границите, си направил нешто свое и си оставил белег“, смета музичарот.

Еден од неговите омилени модни додатоци се очилата за сонце, а за тоа говори и фактот дека има преку 30 пара.

„Секогаш се случува нешто со нив, се кршат,  се забораваат,па се купуваат слични, ама со друга рамка за да не ме забележи жена ми, а во суштина  се забележува.  Може да се рече дека фетиш ми се и класичните парчиња и стилови. Гледам дека класиката никогаш не може да умре, затоа што се сменија многу моди, а таа остана. Пораснав во таа транзиција на мода каде што се менуваа многу музички стилови, многу модни стилови,  транс, панк... Се носеа шарени шалвари, качулки со детали на нив, а јас имав и суканици, и зелена и црвена коса и четка, но на крајот пак се вратив на класика. Сакам фармерки, сакам добра маица, тетоважа, сакам брада, сакам спортско тело, спортски дух и тоа е тоа“, ни раскажа Мартин Мила.

Музиката не го диктира неговиот стил и имиџ, модата ја доживува како „Дама“, а за стилот на Мила најмногу се грижи нејзината мајка Милица. Иако Мила полека веќе знае што сака, сепак, Мартин смета дека е премногу рано за да си го одреди стилот.

„Модата е нешто слично како кога довикуваш жена, затоа што кога „мо“ и „да“ ќе ги смениш, добиваш Дамо! Значи кон модата треба да се придржуваат само оние луѓе кои мислат дека тоа е во тренд и треба сега да се носи. Модата е лоша и според мене не треба да постои. Ако не би постоела модата тогаш ќе биде овој свет многу пошарен. Модата во моментот ти диктира да мислиш дека тоа е во ред, тоа е ин, тренд, треба да се носи, и ако ја следиш Западот ќе биде со тебе. Меѓутоа не! Модата е само една визија на одреден човек, подржан од спонзори и луѓе на кои им се допаѓа неговиот стил и мислат дека ќе биде интересен во наредните две сезони. Само две сезони, а модата постои цел живот! Меѓутоа, за две сезони можат да се сменат многу работи, може некој човек да се пронајде во тоа да се почувствува исполнет, после да исчезне трендот и тој да остане како еден ретро тип. На секоја тенденција  ѝ доаѓа момент кога преминува во ретро, па потоа пак е модерно и на крај сфаќаш дека не постои ретро, не постои модерно, постои само време кога работите се актуелни, а кога не. Музиката нема влијание врз мојот стил, напротив. До пред извесно време мислев дека поради тетоважите веќе не ќе можам да се облечам елегантно, во смокинг или костум. Меѓутоа, најдов начин како тоа можам да го направам. „Изгуглав“ и добив милион комбинации, а јас требаше да ја одберам онаа што ми одговара.  Сè зависи од времето, околностите и ситуацијата во која се наоѓаш и колку си креативен да ги споиш тие работи“, вели Мартин.

Раѓањето на Мила е секако најубавото нешто што му се случило во животот, му донело промени, нови погледи, искуства, обврски, поинаква слобода и поинаков начин на другарување.

„Раѓањето на Мила кај мене смени сè. Од обврски, преку погледи, слобода, другарување, до друштва. Во позитивна насока, секако. Кога ќе добиеш чедо во животот, повеќето мислат дека драстично ќе се сменат одредени работи и тоа е точно - ќе се сменат.  Како човек, си во исчекување, се подготвуваш да се менуваш, собираш зимница, бараш скривница, бидејќи нешто ќе се случи, ќе се смени. И на крајот доаѓа нешто убаво, за кое полека почнуваш да сфаќаш колку е всушност убаво и во исто време стануваш сè повеќе зависен од убавината. Јас сум хипер паничар и навистина се грижам за Мила, да не падне, да не се удри. Со сопругата сме млади, имаме по 29 години и не сме стереотипни родители, напротив  сакаме да си одиме на концерти, а сакаме кога ќе потпорасне и Мила да ја носиме со нас. Работата е во тоа што, гледам дека полека сè што било досега во претходните 24 години избледува, тоа е веќе минато и веќе четири години сум во нешто ново кое не знам како ќе се одвива и нормално е да се има одреден страв, бидејќи не знаеш што да очекуваш. Во суштина сè е во ред, меѓутоа тоа внатре, заштитничкиот инстинкт што се раѓа за прв пат во животот, а до сега не си го почувстувал, прави да се чувствуваш малку конфузно“ признава Мартин.

На својата најмила ѝ посакува да биде среќна и да ги прави оние работи што ќе ја исполнуваат во животот и посакува да има повеќе време за нивните мали слатки дружења во кои и двајцата уживаат.

„Ќе бидам реален, навистина сум преокупиран со работа, девет до десет часа сум надвор од дома во текот на денот, шест дена во недела, а во викендите свирам.  Најубавите места и најомилени ми се секоја прошетка, во парк, одење на Водно, на лулашките кај нас во маало... Мене тоа најмногу ме смирува бидејќи искрено не сум човек кој сака многу метеж, не сакам гледања, посматрања, од тоа ми е преку глава“, додава пејачот.

Неговите идни планови и проекти ветуваат многу. На Мартин не му недостига мотивација, енергија и креативен набој, но повеќе не сака да ги форсира нештата.

„До сега многу пати сум ги форсирал работите, а и со причина сум го правел тоа, затоа што само пеев,  имав кариера и ја имам сè уште, па бев концентриран само на тоа. Ми беше важно секое интервју, секоја ТВ станица, секоја радио емисија, секое можно место. Кога бев прво место на МТВ Адрија и тоа ми беше исто така голема мотивација. Интернационалните награди и учествата на фестивали, сè тоа беше некако планирано, меѓутоа планирајќи така да одам понатаму ми се случи јас да бидам на велосипед, а мене да ме удри автомобил. Со сплет на околности да почнам да се занимавам со графички дизајн, па тука за драстично брзо време да се унапредам во арт директор и раководител на сектор и сега во моментов правам баланс меѓу оној морален дел каде што навистина нешто ветува во овие краеви, каде што за жал сепак живеем“, завршува Мартин Мила.

Објавено:
9 август 2014