Мартина Танаскоска: Уникатна девојка која создава вистинска уметност од цвеќиња!

Интервју со •
26 јуни 2014

Младата и креативна Мартина Танаскоска создава вистинска уметност од вештачки цвеќиња под името „La Martina Monroe“. Во сезона кога цветните венчиња се дефинитивно на тренди пиедесталот, ние имавме можност да поразговараме токму со девојката која ги изработува најубавите во нашиот град. Таа беше доволно љубезна да не покани во нејзиниот уште покреативен дом, за кој мора да посочиме дека е вистинско царство на уникатност, спој на неверојатно тренди парчиња облека, одличен мебел, безброј модни додатоци и цвеќиња какви што не сте знаеле дека постојат. Во продолжение во интервјуто, ќе дознаете нешто повеќе за нејзината работа, за техниките со кои се користи, за тоа кои се нејзините омилени парчиња и што е тоа без што една девојка не смее да си го замисли својот плакар.

Од каде идејата и инспирацијата за изработката на цветните венчиња и оние со кристали, со оглед на тоа што твојата работа е нешто што не сме го виделе досега на нашиот пазар?

- Идејата дојде сосема спонтано. Некаде кон почетокот на декември 2012 година со мајка ми купивме вештачко цвеќе за аранжирање на масите за куќната слава дома. Но, на крај не ни се допадна како изгледаше тоа и имавме 60 ружи со кои не знаевме што да правиме, а беа навистина преубави. Со дел од нив во соба си направив букет во вид на бидермаер, но сепак останаа доста неискористени. И всушност, по некое време така и се случи сосема спонтано, да го создадам и првото венче и тоа токму за 1 – ви Април и го употребив за мојата маска самовила, и така всушност почна сѐ. Што се однесува до оние венчиња со кристали, инспирација добив од ревијата на Dolce & Gabbana. И секако, првото венче си го направив за себе без да помислам дека ќе има толку голем интерес и кај другите, и така всушност и ги пласирав тие венчиња како мој личен производ.

Со кои материјали и техники работиш при создавањето на едно цветно венче и колку време ти треба за изработка на истото?

- За цветните венчиња користам вештачко цвеќе и метално венче на кое што ги плетам и лепам со силикон, додека за оние со мониста користам пластични венчиња кои ги обвивам со ткаенини ( плиш, памук, тантела) и потоа на нив везам кристали (стаклени и пластични), потоа и бисери, а употребувам и пластични и метални ружички бидејќи некако ружите се моја љубов и како мој заштитен знак сакам секаде да ги има.

Почна со цветните венчиња по кои и стана препознатлива кај девојките, продолжи со венчињата на кои правеше уметност од кристали, кој е следниот производ по кој ќе ја препознаваат Мартина?

- По цветните и кристални венчиња, следеа и тантелните стегачи и траки за коса со ружи, па шнолите и брошевите. А што е следно, не можам да одговорам, бидејќи ни јас самата не знам, но сигурно е дека ќе има нови креации.

Дали имаше некое формално образование или тренинг за оваа работа? Кога и како успеа да го препознаеш твојот талент и креативноста за изработка на нешто толку деликатно?

- Од секогаш бев вешта со рацете. Сакав сите работи сама да си ги правам и преправам. На чантите им везев мониста, сама си правев шноли, ги пренижував ѓерданите, експериментирав со нештата. Инаку немам ниту формално, ниту неформално образование за ова што сега го работам, односно сето тоа е резултат на мојата желба и секако, креативноста.

Планираш ли можеби наскоро отворање на лично твое ателје и воедно место каде сите твои обожавателки ќе можат да ги најдат твоите креации?

- Мислам дека желба на секој креативец е да има свое катче. Ателје секако дека ми е желба, па ќе видиме можеби во блиска иднина ќе може да се пофалам и да ве викнам на отварање на истото.

Мартина е вистинска вљубеничка во масивните ѓердани! Мартина е вистинска вљубеничка во масивните ѓердани!

Тешко ли е за една млада девојка како тебе да почне да се занимава со нешто вакво, за што знаеме дека се потребни доста ресурси? Што беше она првото во кое инвестираше за да можеш и официјално да почнеш со работа?

- Може ќе звучи како клише , но кога се сака ништо не е тешко. Потребни се доста ресурси. Најпрво основниот алат за работа, клешти, ножички, лепак, жица. Исто така мораш да имаш материјали од кои ќе го креираш производот, цвеќиња, мониста. Сето тоа чини, па треба да се има одреден буџет и тоа да се набави. Во моментов располагам со некои 10 видови на цвеќиња, во петнаесетина бои, како и доста различна мониста, ткаенини...

За какви девојки се наменети твоите производи? Постои ли можеби некоја позната личност на која би сакала да видиш некое од твоите венчиња?

- Венчињата се наменети за смели девојки, со екстраваганден стил. Сепак некои од круните изгледат доста богато, па не секој би знаел да ги носи и искомбинира. Од познатите личности кај нас би сакала да ја видам можеби Каролина Гочева со мое венче. Таа има изграден стил и ми се допаѓа како ги носи шапките и сите аксесоари за коса. Би ме радувало да ја видам со некое мое венче.

Како Каролина, и Мартина ги обожува шеширите! Како Каролина, и Мартина ги обожува шеширите!

Би сакале да нѐ запознаеш со креативниот процес на создавање на едно цветно венче, од самата идеја па сѐ до реалицијата.

- Изработка на едно венче трае околу три часа. Секое венче го правам по нарачка, немам однапред готови. Желбата за големината, моделот и бојата на венчето е на клиентите, а јас потоа избирам цвеќиња, секогаш по боја и големина, па потоа го плетам и самото венче. Дезенот на истото го смислувам при самото плетење. Потоа следува спојувањето на цвеќињата меѓу себе, доколку е со мониста, ги ставам и тие и на крај секогаш го фотографирам! (се смее).

Покрај тоа што изработуваш венчиња, твојата неверојатна креативност ја изразуваш и преку фотографијата. Која е всушност твојата животна пасија на која сакаш да и ја посветиш целата енергија и со што сакаш да продолжиш да се занимаваш и понатаму во животот?

- Тоа е многу тешко прашање. Знам што не сакам да работам, а тоа е да седaм во канцеларија. Но, што сакам конкретно да работам, сѐ уште не знам. Сигурно ќе биде нешто креативно, бидејќи така најубаво се реализирам себе си. Фотографијата ми е пасија, мислам дека тоа цел живот ќе го правам.

Леопард принтот е меѓу омилените на Мартина. Леопард принтот е меѓу омилените на Мартина.

Ти си девојка со уникатен стил која ужива да купува накит, очила за сонце, шапки, чанти... Кое според тебе е безвременското парче облека без кое ниту една жена не смее да си го замисли својот плакар?

- Во секој плакар на една жена дефинитивно мора да има тексас фармерки и бела кошула. Некако тоа ми е “must have” комбинација за секаква пригода. Потоа „Little black dress“ и во мој случај, фустан со принт на ружи ми е неизбежно парче облека.

Кој е твојот омилен светски бренд и знаеш ли понекогаш да одвоиш средства да си набавиш нешто од актуелните колекции на дизајнерите?

- Од италијанската мода вљубена сум во секоја колекција на Dolce and Gabbana. Единствени се во комбинацијата на принтови и различни видови ткаенини. Од англиските брендови луксузната нота на Burberry е секогаш воодушевувачка, од облека, па сѐ до сите модни додатоци, парфеми, очила за сонце. Michael Kors и Marc Jacobs се американски дизајнери кои можеш да ги носиш секој ден. Токму од нив двајцата, во мојот плакар имам и чевли, чанти, очила за сонце, блузи и здолништа.

Ја следиш ли македонската мода? Имаш ли некое парче од македонски дизајнер во твојот плакар?

- Секако дека ја следам и македонската мода. Ме радува тоа што веќе имаме доста дизајнери, а и редовни модни недели. Ми се допаѓа Росица Мршиќ и нејзината урбана екстравагантност , последните две колекции на Елена Лука  со префинет стил и се нешто што би можела да го носам. Честитки и за Јована Филиповиќ која неодамна ја промовираше новата колекција, која искрено ме остави без зборови. Тоа што има доста млади и креативни дизајнери е убаво освежување за нашиот моден пазар. Инаку дома имам само парче од Александар Ношпал, се надевам наскоро ќе се подновам со некое и од гореспомнатите дизајнерки.

Доколку имаш можност, кој е дизајнерот со кој би сакала да оствариш соработка (светски или македонски) со што твоите венчиња би биле можеби дел од нечија колекција?

- Со било кој наш дизајнер/ка би ми било драго да остварам соработка. Можеби во моментов би ги одбрала Јована Филиповиќ и Елена Лука.

Објавено:
26 јуни 2014