група

„Меморија“: Бевме музички херои!

Интервју со
Апостол Икомонов- Поце и Петар Георгиевски - Камиказа
8 мај 2017

Кога група „Меморија" се појавила на македонската музичка сцена, сум имала само две години. Речиси три децении подоцна, кој би рекол, ја имав честа и можноста да разговарам со дел од членовите, кои ми раскажаа што се случувало токму таа 1989 година, како и за време на нивното „владеење" на македонската музичка сцена.

Едно претпладне Петар Георгиевски – Камиказа, Апостол Икономов - Поце, фотографот и јас се вративме месеци и години наназад.

„Некој се потсети на младоста, а некој посака да живеел во тоа време", е една од речениците со кои го завршив текстот за годинашната „Златна бубамара", каде групата после долга пауза настапи пред македонската публика во полн состав, а веројатно тоа чувство ќе го имате и додека го читате ова.

-Тоа беше кратко ѕвонче, „тизер" за она што ќе се случува на 18-ти ноември – најавува Икономов, датумот кога „Меморија" ќе одржи концерт во „Метрополис арената". После 25 години.

Малку на шега, а зад која се крие сериозна вистина, Георгиевски вели:

-„Меморија" секогаш ја следат турбулентни времиња. Се појавивме во времето на распадот на Југославија и формирање на суверена и независна Македонија, па нашето „враќање" е повторно во време-невреме. Ништо не е случајно.

А каде беше Поце додека ја немаше „Меморија"?

Поце на годинашнава „Златна бубамара на популарноста“

- После „Меморија", работев нешто музички. Се случувале такви ситуации кога без проблем можеш да излезеш на фестивал и да пееш, кога ќе добиеш статуетка на која ќе пишува „најдобар за нешто"... Тоа не ми треба. Ми треба народот кој ќе ти го даде фидбекот. Џабе се сите статуетки и хартии на кои пишува дека сте најдобри за нешто. Што со тоа? Реално, треба да те спознаваат луѓето, и млади и стари, да имаш повратна врска со публиката која те слуша. Дваесет години јас се грижам за семејството бидејки тоа има потреба од мене на спесифицен начин. А музички не сум бил присутен, но со паметот и срцето, цел бев во музиката. Ако човек реши нешто да прави, треба да има поради што го прави – потенцира пејачот.

Но, без разлика на лудилото што се случува околу нас, тие периодов се наоѓаат во свој филм. Подготовките за концертот се во тек и секојдневието им е подредено на тоа.

- Секојдневно се дружиме преку неделата. На пробите е радост. Никој не го сменил карактерот, а напреднале и во добрите и во лошите страни, тоа сега треба да се среди и спои. Кога ги немам пробите, ми недостасуваат.. Морам да ги видам сите, за да ја соберам енергијата од нив и да го истуркам целиот проект. Работиме и неколку наслови што ќе бидат изненадување на концертот. Мислам дека ќе биде шокантно. Ќе бидете сведок на нешто големо и досега невидено. Сега веројатно не ви е јасно на што мислам, но кога ќе се случи концертот, ќе се сетите на овие зборови – ми посочи Камиказа.

 

„Меморија" и прогласувањето на Република Македонија за независна

Со музика се занимава уште од средношколските денови, но Петар Георгиевски е актер по образование. Гледачите го знаат по улогата на Рио во култната серија „Трст виа Скопје". Неколку години живеел и работел во Суботица во театарот КПГТ на познатиот режисер Љубиша Ристиќ, од каде се враќа повторно во Скопје.

- Иако одлично работев и заработував, се вратив за да можам да помогнам тука. Сакав да се вработам во МНТ за да го дадам својот максимум во Македонија, но управата ми понуди да стажирам две години, за да го подобрам јазикот. Ми рекоа дека сум користел многу србизми. Сфатив дека работите нема да одат како што мислев, па следниот реален чекор беше „Меморија" – објаснува Камиказа.

Поце во групата доаѓа преку Валентино Скендеровски:

- Пред „Меморија", свирев со Ицо Јовковски, еден од првите гитаристи во „Меморија", а Валентино Скендеровски ми е кум – вели Апостол.

- Валентино го донесе на проби, супер пееше. Музиката напишана на хартија во секунда добива смисла кога Поце ќе запее. Песната, од една обична, станува фантастична благодарение на неговото чувство – додава Камиказа.

Уште пред да се осамостои Македонија, тие одлично работат.

-Се сеќавам на „умирачката" на Југославија. Свиревме во Богданци и Гевгелија, имавме неколку концерти еден по друг, па спиевме во хотелот „Вардар". Беше ужасно топло, 40 степени. Ние со Кока-кола, црно кафе и кисела вода седиме во ресторанот на хотелот и гледаме во телевизорот. Памтам дека беше во боја и закачен на ѕид. Во еден момент се слушна веста: „Касарната на ЈНА во Љубљана нападната од територијална одбрана на Словенија". Тогаш беше и почетокот на распадот – вели Поце.

-Тие ги гледаа вестите, а јас бев да се видам со човекот од Богданци кој требаше да ни го исплати хонорарот за концертот. - „Јас продавам и пушки!" ми кажува, а јас му велам: „Ако, ти продавај и пушки, само прво плати ни за концертот што го отсвиривме!"- низ насмевка раскажува Петар.

Нешто на што се посебно горди е што биле дел од настапот со кој се прогласи независна и суверена Македонија.

- Тоа беше време кога ја кренавме националната вредност во Македонија. Со нашата песна се прогласи независноста на државата. Ние бевме корифеи на донесувањето на третиот Илинден. Пет минути пред почетокот на донесувањето на прокламацијата на независноста на Република Македонија, сите очи беа вперени во Киро Глигоров и Кљусев, но и во „Меморија" бидејќи ние бевме поканети на големата прослава на плоштадот. Првин настапивме со „Оган под ѕвездите". Во моментот на прогласувањето на самостојноста и независноста на Република Македонија, ние почнавме да ја свириме и пееме „Македонија", а небото го осветли свечениот огномет. Во тоа време ни припадна честа да бидеме луѓето што ја пречекаа и испратија првата одлука во суверена Македонија – открива Камиказа.

 

„Меморија" vs Лепа Брена

Разговорот тече спонтано и сосема вон планот, а тоа го наметна и прашањето кога „Меморија" била најдобра.

-„Меморија" имала повеќе фази, а оваа во која Поце е вокалист во бендот е воедно и најсериозната и таа траеше пет-шест години. Ги поместивме критериумите во Македонија на неверојатен начин. Се сеќавам на концертите во „Хард Рок", два еден по друг, во иста вечер. Не се случило некој бенд во Македонија да полни сала од 21-23 часот, па потоа да влезат нови луѓе, и на полноќ да започне вториот концерт. Како на кино-проекција. Пред концертите луѓето од клубот ми рекоа: „Ајде, нешто ситно за струја ќе дадеш и така ништо нема да направите!". Откако ги завршивме двата концерта со по 1.500 луѓе, организаторите велат: „Ова е да не веруваш!" Да бидам искрен и јас не верував.

Имавме многу успеси и убави спомени, но имавме и падови. Не ни одеше баш секогаш сјајно. На пример, еден од првите наши концерти беше организиран во „Дом на млади", денешен МКЦ, а јас бев многу залетан. Тогаш бев популарен со „Трст виа Скопје", и си велам: „Меморија" има прв албум на македонски јазик, од девет песни - осум се хитови. Ајде да направиме, не еден, туку три концерта! Многу амбициозно. И ни се случи три работи да бидат против нас. Првата - падна снег до колена, незапаметен за Скопје. Низ градот немаше ниту автобуси, ниту пак коли се движеа. На првиот концерт имаше 400 луѓе. Вториот ден мислев дека ќе биде подобро, но падна уште повеќе снег. Продадовме 200 карти, а за третиот 180 карти. Да направевме еден концерт, да бев поскромен, како што ќе бидам сега, приказната ќе беше веројатно поинаква. Сега сите велат: Стадион! Но не, ќе биде „Метрополис арена" – се смее Георгиевски.

Икономов пак, се сети на една друга интересна ситуација, што само уште повеќе ја нагласува убавата страна на овие времиња. Тој ја нарече „Велешка ситуација".

-1991 година. Во тоа време најубава и најголема затворена сала погодна за концерти беше салата „Младост" во Велес. Немаше голема сала ниту во Охрид, ниту пак Скопје. Одиме во Велес да се промовираме и да го најавиме концертот. Во тоа време Македонското радио сè уште се викаше Радио Скопје, а ние одиме на гости во нивното студиото во Велес, да кажеме два-три збора, и да однесеме плакати и влезници за концертот, кој требаше да се случи за десетина дена. Луѓето од Велес нè прашуваат: „Што сакате да правите?!". Ние зачудени велиме: „Па концерт!“, а тие уште позачудени: „А ги гледате ли плакативе залепени низ градов?".  Гледаме најавен концерт на Лепа Брена во Велес. „За Лепа Брена се продадоа само седум карти и концертот е откажан!", велат тие. „Времето е тешко, луѓето не даваат пари без потреба, единствено ако е бесплатно, ама вака тешко дека ќе успеете!". Ние сепак ги оставивме нашите влезници на билетарата и залепивме плакати низ градот. На денот на одржувањето на концертот, публиката ја демолираше салата. Сите 1500 карти беа распродадени, а оние кои не дошле до карта го демолираа задниот влез за да влезат. На врвот на салата под плафонот имаше дебели армирани стакла. Некои како нинџи се качуваа горе, ги кршеа и од таму влегуваа. Полицајците ги тепаа во обид да ги спречат, но луѓето сепак влегуваа. Бината беше завртена кон најшироката трибина, а и партерот беше полн. Пред нас имаше огромен транспарент на кој пишуваше „Македонија – Меморија" и се вееја македонски знамиња. Тоа беше навистина незаборавна глетка – раскажува Поце.

 

Кој е најдобар фраер?

На прашањето, кој беше најголем фраер од членовите на бендот, Георгиевски како од пушка вели: „Поце!"

А денес?

-Поце!

Поце?

-Можеби...

Велес го паметат по уште една случка – обожавателките на Поце, а тоа ја дополнува приказната за овој град.

-Поце ова сигурно не би го раскажал, а се случи и во Велес, но и во другите места каде настапувавме. По завршувањето на настапот членовите на групата брзо заминаа во гардербата, а Поце остана да даде неколку автограми. Наеднаш, на него се сјатија 200-300 девојчиња. Цале бубњарот ја затвори вратата од соблекувалната за да го заштити остатокот од групата, а Поце остана меѓу нив. Девојчињава го влечат, го кубат... Ние се качивме на една маса и одозгора преку стаклата го гледаме, а тој вика „Помош, помош!". Да имавме тогаш технологија како сега, да можевме сето тоа да го снимиме, ќе видевте за каква драматична ситуација се работи. Со помош на полицијата успеавме да го внесеме во соблекувалната, а потоа чекавме уште два часа да се разотидат, бидејќи пред салата сè уште го чекаа. – се сеќава Петар.

 

Made in Macedonia

Не кријат дека се горди и на тоа што први издале албум на македонски јазик. „Оган под ѕвездите" е заведен под број 001 во тогашната Радиотелевизија Скопје.

- Бевме секаде многу барани, а луѓе се качуваа на покриви на приватни куќи, се кршеа керамиди, оџаци само за да се види наш настап. Тоа беше кризно време и имаше голем недостиг на бензин. Секаде имавме некој наш пријател, кој што беше спремен и последната резерва да ни ја даде за да можеме некаде да патуваме за да настапиме. Бевме музички херои во Македонија. Се насетуваше дека Југославија е готова, ние пеевме на македонски јазик, направивме албум на Македонски, ставивме печат на плочата Made in Macedonia... логично е дека никој нема да ве бара за настап во Шабац или Вараждин – се присетува Икономов.

сите изданија на „Меморија“

- Од југословенската државна безбедност ме викнаа на разговор поради етикетата „Мade in Macedonia" на втората плоча. Ме пријави една госпоѓа со која работев и службата ме повика. Сосема случајно го познавав човекот што работи таму, а тој ме прашува: „Што е ова продавање национализам?" - Јас му велам: „Јас не продавам национализам, продавам плочи и касети". Ми пишаа и пријава за тоа, но со распадот на СФРЈ и со пријавата ништо не се случи, едноставно станавме Македонија.... На истава тема има и една друга случка: правевме концерт во село Јосифово. Сме свиреле во сто села, па и во Јосифово ќе отидеме, зошто да не. Организаторот донесе пари во Скопје за да нè ангажира и зема 50 плакати. Отидовме таму, во објектот висока сцена, буриња полни со мраз и пијалоци, а внатре само 50 луѓе. Надвор од објектот на чистината беа поставени вртелешки за 2-ри август, скари, панаѓур! Ние почнавме да свириме, си велиме ќе поминат некако овие два часа. После 45 минути дојде човекот и вика - пауза. Ни беше чудно, ама излеговме надвор, јадевме и пиевме, а Поце дури и се возеше на рингишпил (се смее). После некое време, се врати и побара да свириме танго. Ние се гледаме во недоумица бидејки никогаш не сме свиреле кавер теми. Гостите играа танго на „Оган под ѕвездите". На крајот на приредбата разбираме дека тоа село, речиси цело со српско население. Само пет одсто Македонци, од 1.500 жители, а ние во тоа место дојдовме со албум Made in Macedonia, во време на зовриена атмосфера. Мислам дека луѓето убаво си поминаа – се присетува Камиказа.

Се случило да бидат дочекани со неверување и скептицизам.

-Во Кочани се обложив со сопственикот на една дискотека каде што настапувавме, дека ќе имаме повеќе од 1500 луѓе публика, а тој ми вели дека ни најпознатите ѕвезди од ЈУ сцената не продале повеќе од 500 карти. Облогот беше ние да си ги продаваме влезниците, а тој да си продава пијалоци и никој ништо друго да не бара, доколку сум во право. Тој се согласи, радосен дека нема да биде во зијан. Паметам дека беше Петровден и ние имавме концерт што траеше речиси три часа. Публиката постојано доаѓаше и се продадоа околу 3.700 карти. Кочани не запаметило толку многу луѓе на еден концерт. Секако, газдата беше во голем зијан бидејќи не доби дел од влезниците (се смее). Ние во тоа време се определивме за Македонија, но тоа нема врска со национализам. Нашиот концепт беше да свириме на територија на Македонија. Дали успешно или не, ќе покаже времето. Не постоеше град или село во Македонија каде што не сме биле. Бевме културни емисари во државата. Затоа ова што сега бендот го работи има подлога. Не е случајно. Кога има магија и кога концептот не е нарушен, работите се добри. Еден период некои членови од „Меморија" не комуницираа меѓу себе, но сите собравме сили да ја вратиме и задржиме истата енергија. Да го вратиме концептот на групата во целина, со сите квалитети. Само заедничките доблести ги покриваат поединечните недостатоци – смета Камиказа.

„Меморија“ 2017

Тој додава дека тајната на „Меморија" е во нивниот професионализам.

- Сите се професионалци во различни области, а на крајот сочинуваат една комплементарна целина. Валентино Скендеровски е сопственик на музичко студио и е музички продуцент, Поповиќ е сопственик на видео продукција, јас имам продукција за настани, Поце пее исто како и пред 2.000 години (се смее), Мичо е графчки дизајнер и свирач (едно време беше и во „Леб и сол“), Цале свири и со „Морал", а во меѓувреме работи на кавери. Сите сме индивидуално поврзани со музиката, а сега сме повторно обединети во една целина.

 

Судбината на „Меморија"

Во морето случувања, со задоволство се присетуваат и на концертот во Штип, каде и после толку години го држат рекордот на најпосетен настан.

-На место што собира 2.000 луѓе ние имавме 3.000 илјади публика. Тоа не го можеле во најдобрите времиња ни Бреговиќ, ни Здравко Чолиќ, ни Бајага, ни „Филм“... Никој... – потенцира Поце и додава - Се дрзнувавме да свириме таму каде што ни мува не би отишла. Тоа е како сега во Мариово што е најголем географски простор, каде нема ни храна, а ни мува, да отидете да свирите. Епа, ние одевме и на такви места каде што денес ретко кој би се осмелил да оди да прави концерт – смета Поце.

„Меморија“, концерт во Штип

Посебна приказна бил и односот на медиумите кон нив.

-Во списанијата излегувавме на насловни страни. Но, да ги прочитате текстовите што тогаш ги пишуваа за нас нема да ви се верува! Како да пишуваат против, а не за нас. Дека сме арогантни, дека се правиме музичари и слично. А веднаш до нас текст како Здравко Чолиќ е најдобар. На таа и уште на седум други страни. Ние на насловна, а внатре текстот на две страни – ужас! Сите весници многу чудно нè дочекаа. Секој од новинарите нè гледаше низ призмата на своите музички афинитети. Сепак, „Меморија" е првиот бенд кој успеа во Словенија на радио „Антена" и во Загреб на радио „101“ да биде пет недели на прво место на топ листата со „Нена". Знае ли некој за ова? Не! Затоа што никој не пишуваше за нашите успеси. Во тоа време македонската музичка продукција не беше којзнае каква и јас сакав тоа да го сменам. Добив понуда да бидам извршен продуцент и уредник на забавна редакција во МРТ. Реков дека ќе ги снимаме сите што пеат, свират рок од било кој тип. Тогаш се снимени преку 150 македонски изданија и не постоеше бенд или автор кој беше тогаш активен, а да не издаде албум – „Санаториум", „Падот на Византија", „Анастасија", „Архангел", Јаков Дренковски, Џокси, „Меморија", Гарабет Тавитјан и многу други. Тогаш ме прашуваа зошто моите пет минути сум ги споделил со сите други – затоа што направив база врз која почива македонската рок и поп сцена. Кога ќе направиш база, ако си голем, ако си добар, многу лесно ќе се одвоиш од базата. По времето се покажа дека сме биле во право – смета Георгиевски.

На тоа дали судбината на „Меморија" можела да биде поинаква ќе каже:

-Државата како пазар е мала и многу се мали можностите за да можеме да останеме само со музиката. Ние тие пет-шест години навистина живеевме само од музика. Поце парите што ги заработуваше ги трошеше на плочи.

-Дома ми се протнаа 25.000 LP винили. Некогаш многу чував, но за да можеш да сочуваш ти треба и простор. Така, полека ги подарив по другари и пријатели. Дома имам уште десетина - дваесет плочи – вели Поце, на што се надоврзува Камиказа:

„Меморија“ 1995

- На петтиот албум, пееше Ристо Самарџиев и подготвувавме концерт. Во тоа време беа популарни пејџери за добивање пораки. Дневно ми пристигнуваа по сто пораки за по некоја гратис карта за концерт. Луѓе од школо, од осмолетка, што не сум ги видел со години ми пишуваа... И бришев стотици пораки од пејџерот за да можам да примам нови (толку собираше). И кога тоа потраја неколку дена, буквално го скршив пејџерот. Ги собрав сите од групата и им реков: Сите ќе мораат да купат карта за концертот вклучувајќи ги и нашите фамилии. Да видиме реално, после толку години работа и после сè што направивме за Македонија колку вредиме. Продадовме 760 карти. Тоа беше крајот на „Меморија", затоа што шестмина не можат да живеат од 760 карти по концерт, а секој од нас максимално се вложуваше.

Апостол пак додава дека денеска многу работи го немаат своето вистинско значење.

- Кога гледам некоја музичка емисија, сум правел лична анализа... Многу ми е смешно кога водителка ќе му се обрати на некој млад музичар кој има една песна со зборовите „Како се чувствувате како нова ѕвезда на македонското ѕвездено небо?". Дали им е јасно на луѓето што значи да се биде вистинска музичка ѕвезда? Од 1945 година до сега, Македонија има само мал број на вистински музички ѕвезди. За среќа „Меморија“ спаѓа во овој број.

-„Меморија" никогаш не учествуваше на фестивали и не добиваше официјални признанија. Продававме повеќе плочи од некои други славни рок бендови и на ЈУ-просторите, што беше евидентно по бројките, но без особено признание. Никогаш никој од нас не барал пари од Министерство за култура за да направиме песна, па сме живи и здрави. Јас би рекол дека по сите искуства и заслуги, Поце треба да биде прогласен за национален уметник, но тоа на никој не му текнало. Сега, кога е повторно на сцената, повторно се слуша „Поце наш!". Поддршката од институциите може многу да значи, но некој треба да се сети и да го направи тоа. И без разлика на сè, еве се надевам ќе го истераме проектот онака како што сме го замислиле – потенцира Камиказа.

 

„Меморија" пред времето

Тој додава дека биле и пред времето, но тогаш ретко кој обрнувал внимание.

- Прочитајте ги само текстовите на „Меморија" и ќе го видите, вековното и традиционално барање да бидеме сите заедно и сплотени, а тоа во овој период ни е најмногу потребно, во разни облици. Во Македонија секогаш недостасувало авторство и добри идеи. Има одлични музичари, но нема мислители. Сега сите сакаат да направат пари од музиката. Ние парите ги дававме за озвучување на концерти во места каде што немаше доволно народ. Но, мерак ни беше. Запознававме нови пријатели, нè канеле кај нив дома, нè гостеа со домашни јадења, а тоа не можеш да го платиш со ниту едни пари. Богатството што го носиме е во нас.

И како во секоја група, несогласувања постоеле, но се надминати.:

- Во Меморија имавме полемики околу мелодиските линии. Јас имав проблем со нив. Тие сакаа да внесуваат сложени хармонии, јас влечев кон поедноставните варијанти, инаку сè тоа би било џез. Нашата расправија за неговото неучество во петиот албум е поради тоа што јас сакав да го поедноставиме, а тој да одиме уште понатаму. Затоа и не го направивме заедно. Но, ете после толку години, пак сме заедно. Во животот треба да научиме да правиме компромис. Да знаеш да простиш. Не можеш ништо да добиеш ако не простиш. Ако го направиш тоа, ќе ти олесни и нема што повеќе да зборуваш. Ако имаш проблем со некого и го мразиш, во тој случај омразата ќе те јаде тебе, а не него. Затоа, подобро е да те сакам отколку да те мразам. Омразата повеќе истрошува од љубовта – смета Камиказа.

За Апостол, ставот е најважен.

- Став мора да се има. Тука мислам, да си дадеш белег и да си знаеш кој си и што си. Да те препознава публиката. На пример, „Парни Ваљак" се од 1976 година и до денес не смениле нешто драстично. Таков е примерот и со други групи кои целата своја кариера се свои и препознатливи. Човек треба да се профилира и да остави печат. Ги има и оние кои не успеале да изградат свој карактер. Не можеш денес да одиш на „Скопски" со фестивалска балада , па после да одиш на хеви-метал фестивал. Градењето на личен стил помага да се гради една традиција. И така секој го негува својот стил. Во Македонија отсекогаш ни недостасувала нега. За споредба, ако отидете во Хрватска и прашате која е Зденка Ковачичек, ќе знаат и помладите исто како и постарите. Кај нас ако прашаш за Зорица Попанкова, ретко кој ќе знае нешто да каже. Треба да се чува традицијата, а печатените и електронските медиуми мора да бидат главните двигатели на тоа. Новинарите треба да знаат што прават и да ги буткаат работите во позитивна насока....

На крајот, повторно се вративме некако на почетокот на разговорот и 18-ти ноември.

-Мојот најголем момент на среќа ќе биде концертот на 18-ти ноември. Живеам за тој ден. Ги редуцирав сите други обврски. Маратон број еден ми е 18 ноември. Со таа мисла легнувам и станувам – искрен е Камиказа.

- Во Македонија, она што е музичка сцена, ако може така да се нарече, има многу малку вистински музичари. Луѓето кои вредат треба некој да ги поддржи. Медиумите треба да им бидат ветар во грбот. А ние на концертот ќе покажеме дека тоа како звучевме на „Бубамара" е вистинско и реално – додава Поце.

А дотогаш, најавуваат нов спот, чија промоција ќе се одржи наскоро.

 

Фото и видео извор: VIS Memorija

Објавено:
8 мај 2017
Прочитано:
1.470 пати