Европски првак во хип хоп

Сакам да бидам светски шампион!

Интервју со
Мила Србиноска
19 февруари 2019

Со Мила Србиноска имавме шанса да се запознаеме во 2014 година, кога ја фотографиравме заедно со нејзиниот татко Мартин Мила. Таа тогаш имаше три години и ни откри дека кога ќе порасне сака да свири гитара како татко ѝ.

Во меѓувреме, ја откри магијата на танцот и денес, после пет години, кога повторно се среќаваме со неа, таа е Европски шампион во хип хоп, дете со огромен талент и фантастична иднина.

Со Мила и нејзината мајка Милица си поминавме едно одлично попладне на Кејот на Вардар.

Мила, како и секој момент кога се движи, танцуваше, малку муабетевме и се фотографиравме.

Иако на почетокот по малку срамежливо, бргу дознавме дека ова супер-дете обожува камера, а и камерата неа. Уште од првите неколку реченици сфаќате дека е бистро дете, за своите години позрело од врсниците и искрено до коска.

Мила е весело дете, кај кое веднаш е воочливо дека љубовта кон танцот доминира над сè.

-На двеипол години прв пат ја однесов Мила во студиото Break a leg бидејки кога ќе слушнеше музика потскокнуваше, како и секое дете, но кај неа сето тоа беше посуптилно и пропратено со ритам. Сметав дека е нешто повеќе и не се излажав. Се слушнав со Трајче и Андријана Петковски и отидовме, а бидејки беше многу мала добив препорака да ја донесам на триипол години. И оттаму започна сè. Мила се пронајде во хип-хопот, ужива додека игра, а музиката ја доживува на необичен начин, со оглед на тоа дека потекнува од спортско семејство по мама, додека музикалноста ја има наследено од татко ѝ, очигледно гените си го направиле своето. Љубовта кон хип-хопот веројатно и е пренесена од мене, бидејќи татко и Мартин Мила е рокер :). Наследеното и е пренесено во вистинско време на вистинско место – вели Милица.

Да се поддржи ваков талент е секако повик за родителот, но бара и мошне пополнета агенда во текот на денот и за детето.

-Иако е малечка, на Мила дисциплината и е силна страна. Станува секој ден во 7 часот и се подготвува за на училиште. Откако ќе ја земам од училиште оди на тренинг или на англиски јазик, зависно од денот. Потоа доаѓа дома, вечера, се тушира и веќе во 21 часот е во кревет. Додека се возиме во кола слушаме хип-хоп музика и Мила игра. Обично секој петок ни е movie night, одбираме заедно филм и гледаме. Обврските на мојата ќерка се пред моите секогаш. Моите можат и да почекаат :).  Мила не пропушта тренинг, ниту натпревар, а на патувањата секогаш одам со неа. Како децата така и ние родителите на децата од студиото Break a leg имаме одлична дружба за време на патувањата и натпреварите, а морам да напоменам дека сме и најгласни на трибините со навивањето. Огромна помош имам и од мојата мајка, баба ѝ на Мила – ни објасни Милица.

А кога се натпреварите во прашање, ја прашавме Мила како се чувствува кога оди на натпревар.

-Возбудена сум. Првин чувствувам страв, дали ќе изиграм добро. Но, кога ќе почне музиката заборавам на сè и уживам во танцувањето – ни открива Мила.

Како и повеќето девојчиња и таа сака да се дотерува и сама кажува што би сакала да носи на натпреварите. На нашето дружење дојде со интересна фризура што подразбира прамени во боја.

-Кога настапува во формација за костимите се секогаш задолжени студиото Break a leg. Кога настапува соло, Мила веќе е препознатлива како „девојчето со костурот“ :). Тој костим го купивме случајно и пред еден настап по консултација со Андријана, одлучивме Мила да настапи во тој костим. По натпреварот сите веќе ја запаметија и сега секој настап Mила е во тоа облечена. Интересен момент беше кога баба ѝ ни се јави од Франција за да ни каже дека истиот костим го нашла и го купила од 8 – 10 години и 10-12 години, така што Мила е спремна за соло настапи како „Skeleton girl“ за наредните 4 години :).

Сепак, токму бидејќи сите ја препознаваат по тој костим, Мила сакаше за нашето другарување и фото-сесијата да биде облечена во нешто во што не ја знаат, па светкава металик јакна, шарени хеланчиња и интересна маичка со реси се некои од парчињата во кои позираше пред нашиот објектив.

-Со оглед на тоа дека потекнува од спортско семејство од моја страна е едно многу темпераментно дете. Има  вишок на енергија која преку разните ангажирања  на различни полиња ја троши. На нејзините прашања им нема крај... Секогаш прашува и се разбира добива одговори во рамките на нејзините години.  Новите пријателства  на тренинзите, социјализацијата, љубопитноста и дисциплината  се само дел од позитивните навики кои се составен дел од секојдневните активности. Можам слободно да кажам дека оваа активност има само позитивни страни – посочува Милица.

Училиштето не страда поради љубовта кон танцот.

- Сакам школо, посебно сакам ликовно. Само петки имам. Но, покрај танцот, сакам и балет, ама не толку како танцот – открива Мила.

На прашањето како другарчињата ги доживуваат нејзините успеси вели:

-Навиваме еден за друг, вриштат кога ќе победам. Другарчињата од школо организираа дочек после првенството во Полска – се присети нашата шампионка. 

-Кога Мила стана европски шампион, дента кога се вративме во Македонија само студиото Break a leg и децата од истото организираа пречек на Мила пред студио, ѝ ја пееја химната и се радуваа на успехот. Солзи радосници имаше насекаде – вели Милица.

Мила до сега има освоено повеќе од 20 први места, 8 втори и 3 трети места во категорија соло и во категорија формација. 

-Како родител  го открив талентот со кој Мила е надарена и мојата задача е правилно да ја насочам за сето тоа да биде прифатено како нешто најнормално што ѝ се случува и досега е така. Предизвици има многу, очекувања исто така,  а јас се трудам колку е можно повеќето од тоа да се оствари. Амбициите на Мила се големи. Се гледа себеси  заедно со светските хип хоп ѕвезди, во нивните настапи, во нивните шоуа... И тоа се навистина нејзини амбиции. Мој предизвик  е колку што можам сето тоа да и го овозможам и се надевам дека ќе успеам во тоа. Ја учам да си го следи сонот, а јас сум секогаш тука за неа – потенцира Милица.

Сепак, дополнителна поддршка, каква што реално Мила и заслужува, би била од голема помош, но за жал речиси и да ја нема.

Ја прашавме, од аспект на родител, задоволна ли е од условите и можностите за нејзиното дете, во однос на танцувачката сцена во државата.

-За жал не сум. Мила стана европски шампион на 6 години, а исто така е и трета во свет. Не знам дали некој се запрашал што значи тоа, колку одрекувања од игри, прошетки, дружења... колку тренинзи се тоа за Мила. Таа се качува на пиедесталот и гордо го вее нашето знаме. Ја пееше химната, беше пресреќна со успехот.  Сето  тоа не беше вреднувано колку што треба, како и сè друго што вреди во нашава држава за жал. Секое патување сами го финансираме во целост и да не набројувам, многу има да се набројува..... Морам да напоменам дека сум задоволна, дури е и мал збор да се каже, од студиото Break a leg, кое е и второ семејство на Мила, детето ми расте и созрева со нив, секој нејзин успех е и нивен, има несебична и максимална поддршка од тренерите, од Трајче и Андријана, како и од сите деца кои тренираат таму. Да беше овој успех и овој талент на Мила на друго место можете само да си претпоставите што сè би се случило со Мила. Не знам со што ќе се соочиме во иднина, но мислам дека условите треба многу да се подобрат, а Мила ќе реди уште успеси бидејки нејзиното време допрва доаѓа. Тренира буквално секој ден, гимнастика, хип хоп, пливање..... и училиштето е тука. Кога нешто се сака ништо не е тешко, а Мила навистина живее со хип хопот, се буди и си легнува со него. Таа е наша гордост, гордост на Македонија и Македонија треба да биде горда на Мила, да вложува во неа за повисоки резултати, да ги вреднува постигнатите  и сè тоа за повисоки цели – искрена е Милица.

Таа додава дека нејзините настапи и успеси ги преживува со поголема трема од Мила.

-Додека се натпреварува Мила, мене ми се тресе раката со телефонот, додека ја снимам. Јас сум многу горда мајка. Поразите ја прават посилна и ја мотивираат за повеќе да се труди и да вежба. Мила вежба под надзор на Андријана и Трајче, а тренер и е Бењамин Џафери кој се грижи за планирањето и спроведувањето на тренинзите. Мила и Бени имаат посебен однос.

Токму тоа ќе ни го потврди и самата Мила, која со посебна љубов и восхит зборуваше за тренерот.

-Бенџамин ми е идол, паѓам во несвест кога игра и го гледам како прави некои чекори. Сакам да бидам како него. Сакам да бидам светски шампион и сите да ме знаат! – конкретна е во желбите.

Нас не ни останува ништо друго освен да ѝ посакаме желбите да станат реалност и да посведочиме и за тој успех повторно, а со тоа и да продолжиме приказната за ова супер-дете.

Објавено:
19 февруари 2019
Прочитано:
1.824 пати